Општество

Тилев: ИПА 3 (IPA III), нова шанса за продлабочување на пристапните реформи?

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

Иако може да звучи како стара вест, сепак моето искуство вели дека на темата Буџетот на ЕУ и што од тоа има за нас и за нашава економија треба да се навраќаме постојано и сè потемелно. Ѓаволот се крие во деталите, а во случајов е во техничките процедури кои, доколку не се совладаат до најситниот чекор, многу лесно големите бројки на средства на располагање ќе останат само голема желба, а можат да станат и големо разочарување. За да го избегнеме разочарувањето, силната политичка посветеност која децении наназад ја демонстрираме преку нашата истрајност да станеме членка на ЕУ треба да ја дополниме со добро и коректно разбирање на потребата од целосна апсорпција на расположливите средства преку ЕУ-буџетот. Политичката заложба за процесот и апсорпцијата на средствата за темелни реформи и забрзан економски развој се две страни на една иста паричка.

Имено, во екот на долгата глобална пандемија, низ сложена политичка, институционална и административна процедура Европската Унија успеа да постигне договор за содржината на целосниот законодавен пакет за Повеќегодишната финансиска рамка (ПФР) за 2021 до 2027 година, која го опфаќа долгорочниот буџет на ЕУ заедно со новиот европски инструмент „Следна генерација на ЕУ“ (Next Generation EU). ПФР ги поставува главните приоритети и целокупната буџетска рамка на програмите на ЕУ под насловот „Соседство и светот“, наменети за трети земји и за глобално дејствување. Еден дел од ова поглавје е наменет за Инструментот за претпристапна помош ИПА 3 (IPA III) 2021− 2027 година, кој опфаќа шест земји од Западен Балкан (WB6 [Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово]), како и Исланд и Турција. Вкупниот износ на Буџетот на ЕУ за наредниве седум години изнесува 1,8 трилиони евра (по цени од 2018 година) од што за Инструментот за претпристапна помош отпаѓаат 12,565 милијарди евра (по цени од 2018 година) или 14,162 милијарди евра (по сегашни цени, со годишна корекција од 2 % фиксен дефлатор за дадениот период). За споредба, за периодот 2007 − 2013 година, за ИПА беа издвоени 11,5 милијарди евра, додека за периодот 2014 − 2020 година 11,7 милијарди евра при што може да се извлече заклучок дека висината на средствата за поддршка на пристапниот процес е речиси непроменета последните 21 година со забелешка дека Велика Британија веќе не е членка на ЕУ, како еден од најзначајните контрибутори во Буџетот на ЕУ, со што товарот на останатите 27 земји членки значително се зголеми.

Оттука зрелото и трезвено размислување секако ќе нè донесе до заклучок дека парите се важни, но не се секогаш и најважни. Буџетот на ЕУ не е само за тоа колку дава и колку ние ќе земеме, туку е и за нешто многу повеќе. Преку алокациите за поддршка на пристапниот процес се градат трајни врски меѓу членките на ЕУ и нас како аспиранти за членство, се дефинираат заеднички проекти, се користат искуствата од членките при спроведувањето на клучните реформи и се поставуваат темелите на нашиот институционален механизам кој треба да се оспособи за дејствување во рамките на Унијата, почитувајќи ги заеднички договорените правила и процедури. Се работи за градење на долготрајно партнерство и заедништво.
При усвојувањето на ИПА 3 инструментот минатата година, со речиси една година задоцнување од редовно планираната процедура, Комесарот Вархеји го најави како инвестиција во иднината и како инструмент со голем потенцијал за продлабочени пристапни реформи, забрзан развој и економска конвергенција на земјите од Западен Балкан, со реална можност за намалување на диспаритетите во однос на земјите членки на ЕУ. Само за илустрација, според податоците од 2018 година, Северна Македонија има достигнато ниво од 37,7 % БОП по глава на жител во однос на просекот на ЕУ (27) според куповната моќ, додека Црна Гора е на ниво од 47,7 %, Србија 40,2 %, Албанија 30,8 % и БиХ 31,3 % (за Косово не се располага со таков податок). Бројките во меѓувреме се менуваат и поради влијанието на економските негативни ефекти од глобалната пандемија, но евидентно е дека без значително забрзување на економскиот развој диспаритетите уште долго време ќе останат реалност која ќе биде една од причините младите да ја напуштаат земјава барајќи работа, но уште повеќе во потрага по поквалитетен живот.

Индивидуалниот економски потенцијал на секоја од земјите од Западен Балкан поединечно е исклучително низок, а фискалниот простор за големи инвестиции во инфраструктурата и скапите реформи е крајно ограничен. Вкупниот бруто-општествен производ на сите земји од Западен Балкан заедно изнесува околу 86 милијарди евра (по цени од 2018 година) и е речиси идентичен со БОП само на „малата“ Словачка со 5,5 милиони жители. Бројките се немилосрдно искрени, колку и ние да имаме убаво мислење за себе и за нашите способности. Оттука лесно може да се извлече заклучок и без продлабочени економски анализи дека на земјите од Западниот Балкан, вклучително и на нашава национална економија, несомнено им е потребна дополнителна финансиска инјекција со евтини и достапни пари.

Од осамостојувањето на земјава наваму, најевтините и најзначајните финансиски средства кои ги добиваме поради нашата ориентација кон евроатлантска интеграција се токму преку Буџетот на ЕУ и фондовите за поддршка на пристапните реформи. Во периодот 1991 − 1999 година добивавме околу 20 до 25 милиони евра на годишно ниво за тој износ да порасне на околу 40 до 45 милиони евра годишно во периодот од 2000 − 2006 година, потоа нов пораст до околу 80 до 85 милиони евра во периодот 2007 − 2013 година (ИПА), до околу 90 до 100 милиони евра годишно во периодот 2014 − 2020 година. Само во последните два буџетски циклуси (2007 − 2013 и 2014 − 2020 година) вкупно од Буџетот на ЕУ за Северна Македонија беа алоцирани над 1,25 милијарди евра. Велиме тоа се најевтините пари што ѝ се ставени на располагање на земјава едноставно затоа што се неповратни средства и не произведуваат обврски ниту камати за враќање. Оттука клучно прашање кое години наназад се провлекува е како овие средства да се искористат на најефективен и најефикасен начин со највисок можен резултат и со најмала загуба. Зборот „загуба“ на крајот е затоа што доколку во одреден временски период (3 − 5 години) средствата ставени на располагање не се искористат за реформите или проектите за кои се наменети, тие неповратно се губат, односно се враќаат назад во Буџетот на ЕУ. Во изминатиов период, не е никаква тајна, имаме неискористено значителен износ на средства, што на крајот се помалку средства за нашава економија, од една страна, а од друга страна пак резултираат со забавување на планираните реформи. Нашата одговорност за целосно искористување на сите средства ставени на располагање од Буџетот на ЕУ преку ИПА е уште поголема затоа што дел од тие средства се реализираат преку нашиот национален систем во Секретаријатот за европски прашања (планирање и програмирање, контрола и мониторинг), Министерството за финансии (склучување договори и финансирање на проектите) и другите надлежни институции (имплементација на проектите во делот на животна средина, транспорт, образование, земјоделство итн.).

Политичките последици од стагнацијата во процесот на пристапување многу пати се подетално елаборирани, но не е воопшто безначајно да се погледнат и последиците низ призмата на изгубен потенцијал за забрзан развој со средствата од Буџетот на ЕУ, доколку не сме членка на ЕУ. Видовме дека максималниот износ како земја кандидатка во моментов кој можеме да го достигнеме (просечно за наредниве седум години) е околу 100 милиони евра. За споредба ги земав Словенија и Естонија како земји кои се слични по големина како и Северна Македонија, при што Словенија од Буџетот на ЕУ за периодот 2021 − 2027 година може да очекува околу 3,63 милијарди евра (нето-износ), додека Естонија може да смета на околу 4,6 милијарди евра (нето-износ) за истиот период. Аналогните пресметки за тоа колку Северна Македонија би можела да добива средства за забрзан развој од Буџетот на ЕУ, односно конвергенција (структурни фондови и Кохезискиот фонд) доколку стане членка на ЕУ, предвидуваат зголемување на годишните алокации за 5 до 6 пати. Да потсетам, говориме за неповратни средства кои би биле чиста „инфузија“ за забрзаниот раст на нашава економија. Ова би требало да биде мотив повеќе за забрзано интегрирање преку спроведување на структурни реформи со цел да бидеме целосно подготвени при започнувањето на пристапните преговори. Рака на срце, за голем дел од реформите не е неопходно ниту да ги имаме започнато пристапните преговори. Поквалитетни институции, европски стандарди, добра бизнис-клима, услуги блиску до граѓаните ни се потребни и во ЕУ и пред влегувањето во ЕУ.

Оттука од исклучителна важност е да се посвети посебно внимание на стриктно следење и реализација на Економскиот и инвестициски план за Западниот Балкан и Зелената агенда, кои повлекуваат околу 9,0 милијарди евра од ИПА, но и имаат потенцијал да привлечат средства од меѓународните финансиски институции и приватните инвеститори од дополнителни речиси 20,0 милијарди евра, што го носи финансискиот потенцијал на ниво од близу 30,0 милијарди евра за следниве седум години, што би можело, доколку се искористат сите средства, да го зголеми БОП на Западниот Балкан за приближно 6,7 %. Но, која земја колку од овие средства ќе привлече во својата економија и ќе обезбеди раст за себе зависи исклучиво од нејзината способност да произведе и навреме да имплементира големи зрели проекти подготвени за реализација, а за тоа недвојбено се потребни професионални, компетентни и силно мотивирани експерти. Секоја грешка во кадровската политика при изборот на лицата кои ќе го управуваат институционалниот механизам за подготовка и реализација на големите проекти е политички рулет кој на крајот го зголемува ризикот да резултира со изгубени средства, нереализирани проекти, застој во реформите и самоблокирање на структурните реформи.

Апсорпцискиот капацитет се гради макотрпно, континуирано се негува и стимулира и по секоја цена се штити од ветерот на политичките промени по секои избори или промена на министер или директор. Тоа е погубна недобронамерна кадровска политика со трајни последици по нашиот развој и реформи, но и по кредибилитетот на државава пред нашите ЕУ и други меѓународни партнери. Затоа без никакво двоумење и без никакво одлагање мора (не само треба, туку мора) да се инвестира во градење на апсорпциски институционални капацитети, прво, на макроекономско ниво, второ, на ниво на градење способност за планирање и обезбедување на потребното кофинансирање (буџетско планирање) и трето, најважно и најтешко, градење и одржување на административниот капацитет, да се генерираат проекти и да се управува нивната успешна имплементација.

Предуслови кои може да влијаат на постигнувањето на оваа цел има многу, но јас ќе издвојам неколку. Прв предуслов за подигнување на капацитетот за апсорпција на расположливите средства е развивање на сеопфатна политика за задржување на клучниот кадар и тоа не само преку повисоки плати, туку уште повеќе со соодветни услови за работа и напредок во кариерата. Втор предуслов е целосно воспоставување на функционална структура за имплементација на секторскиот пристап кој квалитетно ќе може да се вклучи во дијалогот за европските политики и реформи и на највисоко политичко ниво. Воспоставувањето на единствена листа на подготвени приоритетни проекти кои би конкурирале за европските пари е клучно. Третиот предуслов е зголемување на транспарентноста преку дефинирање на јавно достапни индикатори за напредок и мерливи цели кои треба со реформите да обезбедат повисок квалитет на услуги за граѓаните. Рака на срце, системот е веќе поставен, но потребно е да добие соодветна политичка гласност и јавност за граѓаните да можат да ги следат сите промени во позитивна, но и во негативна насока. Четвртиот предуслов е стриктна отчетност за сите чекори, резултати и предизвици при апсорпцијата на средствата и имплементацијата на проектите финансирани преку ЕУ-фондовите, но и преку другите билатерални програми и донатори. Собранието преку своите работни тела може да биде одлична платформа која би обезбедила силна гласност внатре во законодавниот дом, но и кон пошироката јавност на отворени седници, со јавни дебати и сослушувања.

На крајот може слободно да заклучиме дека Инструментот за претпристапна помош (ИПА) е навистина инвестиција во иднината и огромна можност за забрзан развој на нашава економија, но и дека резултатот на крајот сепак ќе зависи пред сè од нас самите и нашата посветеност во градењето на подобра држава.


(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г)

 

ПРЕПОРАЧАНО