Општество

Азески: Дали конечно работите на Коридорот 8 ќе тргнат на подобро?

Дејан Азески

Авторот е историчар, новинар и публицист

Уставниот суд пресуди во корист на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и не поведе постапка за оценување на уставноста на специјалниот Закон за изградба без тендер на автопатите од Коридорот 8.


„Голема одлука денеска во Уставниот суд. Надмината е и последната законска пречка за реализација на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата земја и сега ќе се преговара за градежен договор со компанијата Бехтел – Енка. Голема благодарност до уставните судии за покажаниот професионализам, колегите министри, пратениците и сите кои се дел од остварување на големиот сон“, објави првиот вицепремиер Артан Груби.
Според предвидувањата на Бехтел, автопатот е поделен на 3 дела, првиот е Гостивар – Кичево, значи автопатот над Стража, вториот дел е Тетово – Гостивар, се проширува со по една коловозна лента од двете страни и со споредниот пат и третиот дел Требеништа – Ќафасан. Првите два дела Стража и Тетово – Гостивар треба да завршат до крајот на 2024 година, а Требеништа – Ќафасан до 2025 година кога треба да се заокружи и патот на Блаце до обиколницата.
Според претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа, ова претставува добра вест и за граѓаните и за бизнисите: „Од оваа инвестиција ќе имаат придобивки сите граѓани, претприемачи од земјава и ќе имаме добар економски развој и зголемување на инвестициите во нашава земја. Тоа е автопат кој ќе создаде поголем тек и побрзо поврзување со земјите од регионот, нешто што е создадено со години и ќе влијае врз развојот на целиот регион, Западен Балкан и ќе бидеме поблиску до ЕУ“.
Иницијативата до Уставниот суд ја испрати Државната антикорупциска комисија која оцени дека се ограничува конкуренцијата и можноста од фер натпревар за тоа кој да ги гради преостанатите автопати од коридорите 8 и 10, а законското решение има правни празнини кои создаваат простор за субјективност, политичко влијание и тргување со моќ. Исто е нејасно колку пари би ја чинела државата изградбата на сите тие патишта.

(фото: Al Jazeera Balkans)


КОРИДОРОТ 8 Е ЕДНО ОД НАЈТЕСНИТЕ СООБРАЌАЈНИ ГРЛА ВО ЕВРОПА

Кој се возел барем неколку пати низ овие делови од нашава држава лесно ќе забележи дека по должината на трасата дури на четири места морате да се искачите на висина поголема од 1 000 метри или илустративно кажано повисоко од врвот на Водно.
Дефинитивно најзапуштено изгледа делот од Куманово до Страцин (на половина пат до граница кон Бугарија) каде што дупките кои со „слалом“ се обидував да ги избегнам се буквално со гигантски пропорции.
На еден од вијадуктите на кои застанав да фотографирам, во моментот на поминување на еден шлепер тресењето беше толку интензивно што навистина се исплашив дека и јас и шлеперот заедно со прастариот мост заедно ќе завршиме во бездната под нас.
Сепак, најризичен дел од целиот коридор е на потегот од Пресека до Охрид, а особено последните 10 километри пред Охрид. Таму поради остатоци од градежните работи (бидејќи градежни работи одамна нема) патот е толку стеснет, а трасата толку надвисната над ископините од несудената втора лента, што во секој момент ви прети опасност да направите директен судир или пак да излетате од патот и неминовно да се истумбате во незаштитените земјени работи кои на места достигнуваат висинска разлика и од два метра.
Но, да се вратиме на фактите: по целата должина на трасата на коридорот (преку 300 км) има само 70 км автопат. Тоа е потегот Тетово − Гостивар (завршен во 1997 година) кој според многумина и не е вистински автопат со оглед на потпросечната ширина на лентите и потегот Тетово − Скопје, завршен во 2002 година. Сето останато е кривулест, тесен, раскопан, планински пат кој со оглед дека е многу оптоварен бара 100 % концентрација за да можеш да го поминеш здрав и жив.
Најстрашно и убедливо најфрустрирачко од сè е тоа што ништо видливо не се прави за да се подобрат состојбите. Со мои очи во работен ден (четврток) избројав вкупно тројца градежни работници кои активно работеа на автопатот во изградба Кичево − Охрид чија траса е со должина поголема од 40 км. Значи тројца работници за 40 км во услови кога од Владата се тврдеше дека барем делот од Пресека до Охрид ќе биде експресно завршен.

ЕКОНОМСКИ ГУБИМЕ И ДОДЕКА ГО ЧИТАТЕ ОВОЈ ТЕКСТ
Да биде иронијата најголема, не бугарските ниту албанските власти, туку српската амбасадорка во Скопје јавно во лице ни залепи дека Србите кои цела деценија беа најбројни туристи во Охрид сега наменски го избегнуваат нашиот единствен вистински туристички регион само поради недовршениот автопат.
Ако тоа не е доволно јасен индикатор дека секојдневно трпиме бескрајни економски загуби од ваквото неодговорно однесување кон многузначајниот коридор 8, не знам што е.
За секој случај ќе ги споредиме и бројките кои никогаш не лажат.
Пред сè ќе зборуваме за Бугарија, земја која многумина од нас сè уште ја замислуваат како евтина шопинг дестинација, што одамна не соодветствува со реалноста.
Бугарија денеска е економија која годишно генерира 171 милијарда долари БДП и со тоа се рангира на релативно високото 76-то место во светот. Нејзините 7 милиони жители кои важеа во минатото за едни од најсиромашните во Европа, денеска имаат 24 000 долари годишно, што ги прави и тоа како поволни потрошувачи за македонските производи кои би се извезувале таму.
Самата држава со своите 110 000 км2, рудни богатства и многу поволна почва за земјоделско производство е „Мека“ во најава за инвестиции, пред сè од соседството.
Бугарија е енергетски џин бидејќи, покрај старата нуклеарна централа „Козлодуј“, во моментов гради уште една под името „Белене“.
Земјата има две големи морски пристаништа во Варна и во Бургас кои се идеални за извоз кон земјите од ЗНД и Блискиот Исток, а исто така има и две сè помодерни речни пристаништа на Дунав (во Видин и во Руси) од каде може евтино, брзо и безбедно да се извезува на Балканот, но и кон Западна Европа.
Веројатно на ваквата моќ на бугарската економија се должи фактот што оваа земја, од која сме тотално инфраструктурно отсечени, е наш петти надворешно трговски партнер.
И одма може да се каже дека крајно политички неодговорно и економски нелогично е со држава со која имате толкава размена да немате никакви инфраструктурни врски.
Слична или полоша е инфраструктурната состојба со Албанија која навистина во последниве десетина години претставува економија со забрзано ниво на развој.
Државата која пред нецели 22 години со граѓанска војна излезе од мрачната доба на тоталитаризмот, денеска има бруто-домашен производ во вредност од 38 милијарди долари и популација од 2,9 милиони жители кои создаваат годишно во просек по 15 000 долари.
Овие бројќи воопшто не се за потценување ако се знае дека во 1990 година БДП на Албанија беше за добри 90 % понизок од денешниот.
Оваа држава активно се развива и на полето на инфраструктурата, а особено во делот на туризмот, сектор во кој вкупните инвестиции за само десет години надминуваат повеќе милијарди долари.
Албанија најде и уникатен модел за привлекување на парите од дијаспората преку продажба на приморјето по багателни цени, што на почетокот се критикуваше како мерка, но подоцна се увиде дека дава одлични резултати.
Уште пострашно е тоа што Албанија нуди и сè повеќе ќе нуди добри конекции и со целиот Медитеран, особено со Италија. Земјата има две големи и неколку помали морски пристаништа кои интензивно се модернизираат.
За докрај да се отслика катастрофалниот однос на Македонија кон соседите доволно е да се каже дека и Бугарија и Албанија имаат изградено пруга до Ќустендил, односно Поградец, што значи до самата македонска граница. Бугарија има изградено и автопат до Дупница, а Албанија експресен пат до Кафасан. Само Македонија 30 години нема изградено буквално ништо за да се поврзе со двете соседни држави и најкомпатибилни економии.


(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021/јануари 2022)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано