Општество
Тилев: Алтернативи за излез или кон „безизлез“
Драган Тилев
Авторот е државен советник за европски прашања
Истекува втората година како објавувам мои авторски текстови во Економија и бизнис, секогаш на теми поврзани со европските прашања, движења и дилеми. Пишувам со задоволство и многу искрено ги споделувам личните ставови и предлози дефинирани низ моето над две и пол децениско искуство во оваа област. Слободата на говор и мисла е многу важна работа. Затоа посакувам во новата 2022 година многу повеќе да пишуваме и да прашуваме, да читаме и да одговараме, да говориме и да аргументираме, барајќи излез од „безилезот“ оти „лет во место“ не е алтернативата за која се залагаме.
Преку моите написи се залагав 2021 година да ја прогласиме за година на европеизација на општеството, независно кога формално ќе ги почнеме преговорите. Решавањето на домашните проблеми не зависи од интегративниот процес, тоа зависи од тоа колку си ја сакаме државата, во каква држава сакаме да живееме ние и нашите поколенија. Вообичаено настаните кои се зад нас ги анализираме и се обидуваме да извлечеме некоја поука. Дали нашите институции се оспособени да градат политики и да спроведуваат комплексни реформи? Дали политичарите им даваа доволно простор на професионалците? Дали одлуките се донесуваат врз основа на рационални стручни проценки или пак врз основа на дневно-политички калкулации? Сакале или не, одговорите на сите овие прашања ќе си дојдат сами по себе, мерени преку конкретни резултати, и за тоа „што“ се реформира, но уште поважно и за тоа „како“, според кои стандарди, за чии потреби, со која цел.
Во еден од моите написи го прогласив вакцинирањето како за приоритет 2-0-2-1 преку кој може или да ја потврдиме нашата способност или уште повеќе да ја еродираме довербата во нашите институции. Исто така се обидов да го промовирам замислениот проект „земја со излез на три мориња“ за чија реализација се потребни политички одлуки и силни институционални капацитети. Навистина, гласови на изборите носат ситните локални инфраструктурни интервенции и тие не се неважни, но долгорочен одржлив развој и политичка факторизација може да обезбедат само големите инфраструктурни проекти. Кога почувствував за потребно, презентирав и детален план за тоа што е потребно да се стори за да се врати европскиот „сјај“ и да се оспособат институциите за водење на успешни пристапни преговори. Постојниот систем покажува тромост и нефункционалност.
Во 2021 година прославивме 20 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Сите јубилеи се вредни, секој за себе и на свој начин, а сите општествени чинители, пак, со своето чинење или нечинење, имаат подеднакво заслуга или вина за тоа со која динамика ги остваруваме нашите државни стратешки цели. Полноправно членство во ЕУ како консензуална државна политичка одлука, ништо повеќе и ништо помалку. Сметам дека какво било „поткастрено“ или делумно членство во која било друга заедница, освен во ЕУ, не ни оди во прилог. Сè додека е на сила таа одлука, сè додека постои и најмала можност да се реализира и сè додека Унијата не ни каже дека не не сака внатре, вреден е секој дополнителен напор за остварување на целта.
Со сите болни отстапки кои до сега ги направивме, покажавме спремност и капацитет за компромиси и спроведување тешки реформи. На земјите членки на ЕУ (26) е да обезбедат и од 27-мата членка целосно почитување на вредностите на кои почива ЕУ и да го заштитат и сочуваат кредибилитетот на ЕУ. Почетокот на пристапните преговори всушност може да се третира и како градење на почит едни кон други, со прифаќање на различностите. Ние немаме право, а Европската Унија пак не смее да дозволи да се помешаат пристапните преговори со историските прашања. Притоа е важно да се разбереме меѓу себе и да ги отстраниме скриените стравови и наталожените историски товари. Ги имаат тие, ги имаме и ние.
Токму во овој контекст, во нашето Собрание со широк консензус се усвои Резолуција со која се исцртаа нашите „црвени линии“ кои оваа и секоја наредна Влада ќе мора да ги респектира кога разговара директно со бугарската страна или со кои било посредници за нашиот спор. Едноставно, за идентитетските прашања не преговараме и никој не може да преговара, независно како тоа може да се одрази на нашата перспектива за членство во Унијата.
Нема да ги елаборирам можните последици од изборите во Франција и другите членки на ЕУ, но само ќе забележам дека сите внатрешни прашања на Унијата секогаш на листата на приоритети ќе бидат пред нашиот почеток на пристапните преговори. Во еден од моите текстови го опсервирав излезното решение за спорот со Бугарија и официјалниот почеток на пристапните преговори со нас и констатирав дека се многу мали изгледите за позитивен исход до последниот Европски совет во декември. Со други зборови, засега на исток ништо ново. Но, во политиката и дипломатијата умешноста е токму во барање излез и низ „иглени уши“ и постигнување напредок и во услови кога решението се чини невозможно.
Со голема доза на разбирање го прифативме предлогот на Франција за Нова методологија за зајакнати пристапни преговори, со право очекувајќи не само почеток на преговорите туку и нивно динамизирање и валоризација на нашите дведецениски кумулативни постигнувања во тој процес. Очекувавме да добиеме еднаква можност со Црна Гора и Србија, но тоа не се случи. Станува јасно дека Новата методологија ќе може да ја покаже и докаже својата оправданост само кога и ние ќе ги започнеме пристапните преговори. Тогаш ќе може да видиме дали оваа методологија има политичка енергија за да внесе нов дух и динамика во пристапните преговори или ќе стане лавиринт без излез.
Сметам дека заговарањето на алтернативни решенија, односно опции различни од полноправното членство, како на пример предлогот да учествуваме само во некои сегменти од Унијата (само во Единствениот пазар или „економија без политика“), потоа алтернативата членство без учество во работата на институциите на ЕУ (или „слушај и извршувај“) само создаваат одбојност, несигурност и неизвесност. Ваквиот пристап според мене е длабоко и далекусежно контрапродуктивен и служи како алиби за политичките елити за нечинење. Се разбира дека не сум против потрага по различни патишта, тактики и сл., но целта не смееме и немаме право да ја менуваме. Со првиот сигнал дека сме спремни на алтернативи, алтернативата ќе ни стане и основната опција на задоволство на некои земји членки и на Унијата, на задоволство на некои земји од нашиот регион, но и на задоволство на некои земји надвор од нашиот регион.
Доколку Унијата е сериозна во својата геополитичка ориентација и доколку навистина е искрена кога вели дека Западниот Балкан е еден од нејзините клучни приоритети, тогаш таа мора да најде начин да ги заштити своите геополитички интереси на Балканот, да се втемели на овие простори преку процесот на проширување и да ги обескуражи обидите на конкурентските чинители да навлезат во простор кој географски, историски, економски и вредносно гравитира кон Европската Унија.
Прозорецот е подотворен, но времето е фактор. За многу нешта треба да се одлучи во само неколку недели. Периодот е неверојатно кус за реализација на сите претпоставки, а се од политичка природа и се подразбираат. Треба да се усогласи Меѓувладиниот протокол (5+1 или 5+1+1), како и Патоказот, кои мора да поминат низ филтерот на новата бугарска влада, по што следува преразгледување на бугарската Декларација и нејзината содржина во новоформираниот Парламент како услов за Првата меѓувладина конференција. Од наша страна би требало да следува проверка на Протоколот и на Патоказот наспроти македонската собраниска Резолуција и улогата на евентуалното ново мнозинство во нашето Собрание, партиските избори во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со евентуално нов мандатар и консеквентно нова влада. Во Унијата, пак, треба да се усвои текстот на Преговарачката рамка на ЕУ од страна на Советот на ЕУ и на Европскиот совет (одобрена од страна на Бугарија), како и на Заедничките позиции на ЕУ каде што треба да се определи и механизмот за следење на имплементацијата на нашите билатерални договори (со Бугарија, преку Патоказот, и со Грција преку механизмите на Преспанскиот договор) со вклучени гаранции за доследна имплементација на сите договорени елементи, како и дооформување на опсегот на преговорите вклучително со поглавјата 34 (Институции) и 35 (сè во Останато).
Со сета непосредна помош и поддршка од сите наши стратешки партнери, на крајот сè се сведува на тоа дали ние самите сме способни да ги оствариме нашите стратешки цели и притоа да ги одбраниме нашите државни и национални интереси. Среќна нова 2022 година.
(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021г/јануари 2022г)