Финансии / Банкарство

Ангеловска-Бежоска: Прибирање и објавување податоци за зелено финансирање и мерки за негово поттикнување

Климатските промени веќе имаат видливи ефекти врз глобалната економија, а со тоа и врз финансискиот сектор. Неопходно е носителите на политиките да му посветат поголемо внимание на ова прашање. Народната банка ги постави зелените финансии како стратегиска цел и работи на осмислување монетарни мерки за нивно поттикнување. Се размислува и за формирање „зелено“ портфолио на хартиите од вредност во девизните резерви, а се планираат и насоки за банките за зелено финансирање и стрес-тестирање на банките на отпорноста на климатските промени. Ова го истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за „Марили“.

„Од годинава ќе воспоставиме редовен систем на прибирање подетални податоци за зеленото финансирање, а ќе се спроведе и анкета којашто треба да даде одговор за свесноста на банките за ризиците од климатските промени врз нивното портфолио, начинот на идентификување, мерење и управување со ризиците, како и за тоа дали планираат нови производи коишто спаѓаат во зелени финансии“, посочува Ангеловска-Бежоска. 

Гувернерката додава дека врз основа на анализата, следејќи ја европската практика, планираат да изготват насоки за работењето на банките во доменот на зелените финансии, вклучително и за транспарентното финансирање. За оцена на отпорноста на банкарскиот систем на климатските промени се планираат стрес-тестови, за што ќе биде неопходно засилување на институционалниот капацитет и на регулаторот, и на банките. Исто така, активно се работи на осмислување монетарни мерки коишто ќе го поттикнат зеленото финансирање, а во делот на управувањето со девизните резерви се размислува за формирање посебно „зелено“ портфолио на хартии од вредност, посочува Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката во интервјуто вели дека, според анкетните истражувања спроведени во 2021 година, 63% од централните банки ги гледаат зелените финансии како дел од нивниот мандат, за разлика од 46% во 2017 година.

„И ние, како централна банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазедовме проактивен став во општеството во врска со ова прашање. Од март 2021 година, станавме дел од Мрежата за зелени финансии во која членуваат централни банки и супервизорски тела, со што веќе сме дел од платформа преку којашто можеме да ги следиме, но и активно да се вклучиме во сите нови меѓународни иницијативи на ова поле“, вели Ангеловска-Бежоска.

Во однос на тоа што може да направи банкарскиот систем во врска со влијанието на климатските промени, гувернерката истакнува дека клучно е попрецизното утврдување на поврзаноста на финансискиот сектор со одржливи и со неодржливи сегменти во економијата, како и вложувањето напори за сѐ позастапена „зелена“ компонента во финансиите во економијата.

„Ова се однесува на домашните банки, коишто имаат голем финансиски потенцијал, но учеството на зелените кредити е сѐ уште ниско, или само 2,5% од вкупните кредити. Околу една четвртина од овие кредити се финансирани преку наменски кредитни линии од меѓународните финансиски институции, коишто во натамошниот период исто така можат да имаат значајна катализаторска улога во овој сегмент“, вели гувернерката.

Ангеловска-Бежоска посочува дека охрабруваат податоците добиени врз основа на информации од последните анкети на Народната банка, според кои околу 70% од банките одобруваат кредити за проекти коишто имаат позитивно влијание врз животната средина, 43% од банките имаат воспоставено и формален систем на идентификување зелени проекти, а учеството на зелените кредити иако е мало, сепак има тренд на раст.

„Ова покажува сѐ поразвиена свесност и кај банките за прашањето на одржливоста, а нивното сѐ поголемо насочување кон зелените финансии има двојна улога ‒ од една страна, ја подобрува структурата на економијата во целина, а од друга страна, ја јакне отпорноста на банкарскиот систем на овие ризици“, вели гувернерката.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано