Општество

Мицковски: Растот на Кина се успорува

Ивор Мицковски

Авторот е политиколог

Кинескиот економски раст доживува нагло успорување. Податоците од последниот квартал кажуваат дека БДП пораснал за 4,9 %, што е најнизок раст во последниве 12 месеци, особено по растот од 7,9 % во вториот квартал и наспроти предвидувањата на експертите за раст од 5,2 %.

Конјуктурните причини и фактори се мошне разновидни, од енергетската криза која предизвика недостаток на струја во индустриското срце на Кина, преку проблемите во секторот на недвижнини со кризата на гигантот Евергранде кој е затрупан со долгови, до последиците од неизбежниот корона вирус кој повторно отвори неколку жаришта низ земјата. Но, евентуалното припишување на економското успорување само на случајните фактори би претставувало голема грешка затоа што новиот ритам на кинеската економија не изгледа како моментален, туку е трајна состојба.

Состојбата ќе беше многу полоша за Кина доколку Западот и Европа не ја спасија ситуацијата благодарение на увозот кој бележи голем пораст. Трговскиот биланс на Кина кон остатокот на светот бележи голема позитива, растејќи до рекордни 182 милијарди долари само во последниот квартал, што само по себе претставува 4 % од БДП. Америка и Европа само ја зголемија својата зависност од кинески производи и со тоа го поттикнаа нејзиниот раст.

Тоа говори дека проблемот на Кина е инхерентно кинески, односно домашен, пред сè поради повлекувањето и слабеењето на домашната потрошувачка и на инвестициската побарувачка. Квантитетот и квалитетот на кинескиот раст се драматично влошени и главната причина не лежи во отсуството на обиди за реформирање, колку што очигледно испаѓа дека реформите се неуспешни.

Кси Џипинг се обиде да ја врати Кина на реформскиот процес започнат од Денг Ксиаопинг, но најголем дел од тие реформи се сведоа на намалување на моќта на партиските бирократи и нивно немешање во пазарната економија. Под негова команда растот од двоцифрени бројки прејде на едноцифрени, додека во исто време се намалија државните инвестиции во инфраструктурата. Кина се најде заробена во таканаречената „middle-income trap“, односно замката со која секоја земја која излегла од сиромаштија се соочува, односно реалноста дека е многу потешко да се генерира раст во новонастанатите услови. И денес, по речиси 10 години владеење, економијата на Кси Џипинг е премногу зависна од извозот, иако негова декларирана цел беше да се воспостави „двојна циркулација“, економија која работи на два мотори − со силен извоз, но и силна домашна потрошувачка.

Но, проблемот е што сите тие обиди не даваат резултати поради постојаниот шаблон на кинеската политика: секој пат кога некаков обид за либерализација на кинеската економија нема да успее, власта веднаш ја враќа централната контрола, така уништувајќи го и доброто кое било направено. Секој обид за макроекономска стабилност, за ефикасни јавни услуги, за фер натпревар и за поголема регулација или подобро адресирање на пазарните неуспеси, секогаш произведуваат некаква минијатурна криза која се заканува да се претвори во системска криза. И секој пат решението на Кси е едно и единствено: враќање на контролата и командата под палката на партијата. Последиците од реформскиот неуспех кој претходниците на Џипинг не се ни обидоа да го спроведат е очигледен. Откако Кси е на власт, тоталниот долг на Кина пораснал од 225 % од БДП на најмалку 276 %. Во 2012 година биле потребни 6 јуани од нов кредит за да се генерира 1 јуан раст – во 2020 година потребни ќе бидат најмалку десет. Растот на БДП од 9,6 % во времето пред Кси да дојде на власт падна на 6 % во месеците пред да почне пандемијата. Растот на платите и на приходите на домаќинствата исто така се драстично намалени.

Сликата која Кина сè уште сака да ја продава за себе е дека во моментов се фокусира на „социјален просперитет“, односно дека од модел на квантитативен раст преоѓа на модел од квалитативен раст. Тоа значи дека економијата мора да се забави и да ја фаворизира домашната потрошувачка, а за таа цел мора да се намали нееднаквоста во приходите, како и да се зголеми потрошувачката на оние кои веќе имаат повисок стандард. За тоа се потребни реформи во социјалниот и во здравствениот систем, односно преку реформи во велферот, нешто што воопшто не е лесно во земја каде што популацијата од 1,5 милијарди луѓе забрзано старее.

Реалноста е дека тие реформи засега не даваат резултати и дека Кина во моментов тендира кон нископроизводствена партиски контролирана економија. Кина има проблем да ги поттикне инвестициите на приватните фирми, да создаде простор за своите технолошки гиганти поагресивно да иновираат и да се натпреваруваат на глобално ниво. За таа цел потребна е поголема отвореност на финансискиот систем. Компаниските и семејните задолжувања забрзано растат и веќе се ектремно високи. Кина може да се надева на уште некоја година економска стабилност под услов ако дополнително се задолжува, ако глобалниот тек на капиталот и побарувачката на кинески производи останат на сегашното ниво. Но, ако фирмите и инвеститорите се повлечат или ако Кина биде приморана да ги подигне каматните стапки дома, тогаш кризата може да се случи многу порано од предвиденото.

Пекинг има опции како да ја олесни оваа транзиција, но не може да ја избегне. За разлика од Јапонија, Кина не е зрела, со високи приходи економија. Порастот на руралните приходи ќе ја направи Кина посилна, но тоа само по себе нема да изгради нови успешни градови или да произведе високотехнолошки машини. Домашната потрошувачка нема да порасне ако Кина не успее да прејде од поддржување на своите фирми кон приморување тие да ги служат потрошувачите. Со продажба на државните фирми, Кина би можела да собере трилиони долари со кои би го олеснила јавниот и приватниот долг, би финансирала јавно здравство, би ја намалила зависноста од јаглен, би фаворизирала здраво приватно претприемништво. Но, останува клучниот проблем, ништо од тоа не е возможно сè додека Пекинг верува дека партијата мора да води и да контролира сè што постои. Економската ефикасност и политичката контрола не одат рака под рака.

Кина воедно се соочува и со серија други системски слабости. Екстремно е ранлива на актуелниот енергетски шок. Кризата во голем дел е предизвикана и од неа поради враќањето на индустриското производство во постлокдаун фазата. Експлозијата на енергетска потрошувачка со цел да работи „фабриката на светот“ се одрази врз сите енергетски извори, особено оние фосилните како јагленот, нафтата и гасот. Бидејќи Кина не е во состојба самостојно да ги задоволи своите енергетски пoтреби, шокот врз цените стана глобален. И кога цените определени од ОПЕК или Русија ќе почнат да растат, прв кој ја плаќа цената е токму Кина, сè уште зависна од капитализам базиран на јаглен.

Уште еден сопирач на економскиот раст лежи во самата одлука на Кси втората по големина светска економија да се исчисти од своите шпекулативни балони. А најголемиот се наоѓа во пазарот на недвижнини каде што банкротот на Евергранде беше предизвикан од новите рестрикции на Пекинг кој сака да прекине со лудото финансирање, јавната потрошувачка и должничките пирамиди кои лажно го одржуваа системот. А токму пренадуениот сектор на недвижнини придонесуваше за околу 30 % од економскиот раст и неговото отстранување нема да биде лесна задача.

Во последниве 30 години Кина создаде многу слични чудовишта кои, за возврат на комунистичката номенклатура, ѝ гарантираа социјален мир и огромен консензус поради што и луѓето беа подготвени да го прифатат авторитарниот модел на владеење. Но, доколку Пекинг не изнајде начин како да го надмине намаленото производство и ослабениот економски раст, таа поддршка лесно може да ја изгуби. Ако вредноста на имотот или пак вредноста на обврзниците нагло падне, политичкото незадоволство може набрзина да порасне во ситуација кога луѓето ќе видат дека нивното богатство одеднаш испарило.

Последниот пат кога Пекинг се соочил со економски турбуленции и растечка инфлација кои предизвикаа широко народно незадоволство беше во 1989 година за време на окупацијата на плоштадот Тиенанмен. Азијатската криза од 1997 година беше совладана со микс од фараонска јавна потрошувачка, строги контроли врз движењето на капиталот и голема експанзија на глобалните пазари. Денес маневарскиот простор на сите тие фронтови е многу поограничен за Пекинг отколку во минатото.
Сето ова кажува дека Кина ја очекува мачен период на намалено производство и политики на штедење, нешто што може да има и огромни геополитички последици, особено во оваа историска фаза кога натпреварот меѓу големите сили сè повеќе се заострува.

Совпаѓањето на успорениот кинески раст со провокациите за Тајван говорат и за едно ново сценарио: Кина може да стане повоинствена во потрага по решенија и да почне да ја извезува својата криза во облик на воени тензии. Кина која се успорува може да претставува огромен проблем за светот.


(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано