Општество

Маркуш: Потребни се реформи: Помогни си и ЕУ ќе ти помогне

Хенрик Маркуш, амбасадор на Словачка

Според словачкиот амбасадор, стратешката визија на претседателот Макрон за реформа на ЕУ е разбирлива, но инсистирањето на нова методологија за проширување поради што беа блокирани пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во 2019 година, беше грешка чии последици се видливи и денес. Албанија и Северна Македонија треба да ги забрзаат реформите – заради себе, а не заради Унијата.


Дел од излагањето на панел-дискусија што се одржа на Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС) на 2 декември 2021 година на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја-кандидат за членство во ЕУ“. Во дискусијата учествуваа амбасадорите од Вишеградската група – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, како и амбасадорот на Словенија, земјата актуелен претседавач со Европската унија. Панелот е дел од големата паневропска иницијатива „Конференција за иднината на Европа“ во која за првпат можност за учество имаа и македонските граѓани, односно студентите од УАКС.


Постојат два начина на размислување во однос на иднината на Европа. Накратко, првиот се однесува на регионот на Западен Балкан, а вториот се однесува на самата Европска унија.

Кога се зборува за интеграција на регионот во Европската унија, овој чекор или оваа политика треба да се спроведе што е можно поскоро. Повеќе сакам да зборувам не толку за проширувањето колку за интеграција на регионот во Европската унија. Многу повеќе го претпочитам терминот интеграција. Мислам дека би можело да биде релативно лесно да се прошири Европската унија. Сепак, главното прашање останува: како ефективно да се интегрираат земјите од Западен Балкан. Не верувам дека проширувањето на ЕУ додека таа ги  намалува условите за влез би било ефикасен начин да се направи тоа.

Второ, за реформата на ЕУ. Мислам дека е итно прашање бидејќи се гледа како функционира сегашниот систем. Да речеме дека тоа не им помага на напорите за интеграција и интеграциската политика на Западен Балкан. Повикувајќи се на претходната точка, ја разбирам стратешката визија на претседателот Макрон, кога тој инсистираше на реформа на Европската унија. Меѓутоа, од тактичка гледна точка, не беше корисно да се блокира почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија пред две години. Тој потег тогаш можеби ги спречи преговорите сега.

Мислам дека новата методологија е вежба која треба да се докаже дали е навистина ефикасна алатка. Словачка смета дека пред две години, во октомври 2019 година, требаше да се донесе одлука за отворање на преговорите, а потоа да се воведе новата методологија. Понатаму, овие постапки можеа да се водат паралелно. Ова беше голема грешка,  а ги гледаме лошите последици.

Што се однесува на домашната сцена во Северна Македонија, би сакал да кажам дека пораката дека домашните реформи треба да се прават првенствено за домашни цели, а не за самата Европска унија, не е сфатена како што треба. Се разбира, има многу изјави од лидерите дека тие го разбираат ова, но сè уште не сме виделе негово спроведување. На пример, законите во овие земји се добри, но примената заостанува, што е голем недостаток.

Излезот од ситуацијата не е едноставен. Одлуката за отворање на преговорите беше донесена во март минатата година, но вистинските преговори можат да дадат голем поттик за воведување на реформите. Меѓутоа, гледајќи го периодот од последните 18 години, почнувајќи од Самитот во Солун во 2003 година, би рекол дека резултатите на земјите од регионот на Западен Балкан во однос на компатибилноста со ЕУ не се многу завидни. Досега се потроши премногу време и потенцијал. Ова треба да биде порака до домашните политичари, невладини организации и сите останати, примарниот фокус треба да биде на тој аспект, инаку системот нема да работи. Албанија и Северна Македонија треба да го променат темпото и да ги забрзаат реформите. Парафразирајќи ја изреката: помогни си и Господ ќе ти помогне, би рекол: помогни си и ЕУ ќе ти помогне.

Во однос на отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, би сакал да го споменам словачкиот водечки проект „Националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија“. За време на последната седница на оваа национална конвенција, зборувајќи за преговорите, го цитирав генералниот секретар на Обединетите нации, кој на конференцијата за разоружување во Женева рече: „Времето е сега, изборот е јасен.“ За нас сè е јасно. За жал, има некој што не разбира.

Би сакал да заклучам со уште еден цитат во врска со Европската унија. Претседателот Пендаровски во една прилика, кога беше национален координатор за НАТО, спомена: „Алтернативи постојат, но ниту една не е далеку подобра од НАТО и нема подобри алтернативи од Европската унија“. Може да имате голем број на пристапи кон Европската унија и како таа функционира. Се обидовме да го решиме ова со „Конференцијата за иднината на Европа“ Признавам дека има многу работа и од наша страна. Но, која било друга алтернатива, како што е одењето на Исток, треба да се заборави бидејќи разликата е огромна, а понекогаш луѓето тоа не го разбираат.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано