Општество

Демократијата почнува на локално ниво – да им помогнеме на општините да станат финансиски одржливи!

28.12.2021г.

Со настанот што се одржа денеска заврши проектот „Мојата општина – финансии, развој, долгорочна одржливост“. Проектот се реализираше преку Форумот за разумни политики и бизнис магазинот Економија и бизнис и беше финансиски поддржан од Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија.

Со овој проект беа опфатени 15 општини (Прилеп, Куманово, Тетово, Битола, Кочани, Охрид, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Велес, Штип, Струмица, Пласница, Ранковце и Аеродром), по две од секој плански регион плус една општина од Скопје, Oпштина Аеродром. Со цел да се обезбеди што подобра репрезентативност беа вклучени општини  со различна големина и број на жители, различен етнички состав на населението, различен профил од аспект на тоа дали се работи за претежно урбана или рурална општина, различна географска позиционираност на општините – погранична зона и сл.  Проектот се реализираше со објавување на специјални прилози во бизнис-магазинот Економија и бизнис во периодот октомври 2020 − декември 2021 година. Прилозите вклучуваа интервјуа со градоначалниците на општините, мислења на советници од општинските совети и мислења на претставници на бизнис-заедницата од општините, како и анализи на општинските буџети.  

Целта на проектот беше да се овозможи подобар увид во клучните економски случувања во општините низ земјава, да се идентификуваат и да ѝ се претстават на јавноста клучните карактеристики на буџетите на општините и предизвиците со кои тие се соочуваат при извршувањето на своите буџети, да се посочат придружните импликации/пречки за локалниот економски развој на општините, но и можните решенија онака како што на нив укажуваат разновидните претставници на локалните заедници, создавајќи на тој начин предуслови за подобра финансиска одржливост на општините и продлабочена децентрализација во земјава.

На денешниот завршен настан беа презентирани завршни, сумирани податоци од поединечните анализи на 15-те општини. Притоа беа презентирани следниве заклучоци:

  • - Во просек, 66,6% од вкупните приходи на анализираните општини доаѓаат од централната власт во форма на трансфери
  • - Даночните приходи во просек учествуваат само со 9,7%, а приходите од данок на имот со 8,4% во вкупните буџетски приходи
  • - Во просек, на расходи за плати отпаѓаат 48%, а на капитални расходи 17,5% од вкупните расходи
  • - На 1000 жители во вклучените општини во просек се вработени 2,8 лица во општинската администрација
  • - Во 2019 година во одреден период биле блокирани сметките на 4 од анализираните 15 општини
  •  -Кај градоначалниците од 15те општини постои целосен консензус дека децентрализацијата е клучна за идниот развој на општините.

ПРЕПОРАЧАНО