Општество

Томан: ЕУ е нецелосна без земјите од Западен Балкан

Мирослав Томан

амбасадор на Чешка

Според чешкиот амбасадор, за време на нивното претседателство, кое започнува во јули 2022 година, Чешка ќе ги поддржува сите активности и чекори за внесување на сите земји од Западен Балкан во ЕУ


Дел од излагањето на панел-дискусија што се одржа на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) на 2 декември 2021 година на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја-кандидат за членство во ЕУ“. Во дискусијата учествуваа амбасадорите од Вишеградската група – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, како и амбасадорот на Словенија, земјата актуелен претседавач со Европската унија. Панелот е дел од големата паневропска иницијатива „Конференција за иднината на Европа“ во која за првпат можност за учество имаа и македонските граѓани, односно студентите од УАКС


Иднината на Европа не треба да се гледа само преку институциите, туку треба да се гледа најмногу преку луѓето - што, всушност, сакаат тие да имаат во Европската унија и како треба таа да функционира. Понекогаш сме премногу насочени кон содржината на институцијата, а не на луѓето што живеат во воспоставената средина. Сметам дека е тоа заедничко за сите нас во Вишеградската група. Можеби ги делиме истите позиции и сите споделуваме многу слична историја, станувајќи членки на ЕУ во одредено време, по одредени промени во 1989 и 1990 година.

Кога зборувам за позициите на Чешка, сакам да ве известам кои се нашите приоритети и што подготвивме за нашето претседателство, кое започнува на 1 јули 2022 година. Зборувајќи за претседателството, државите секогаш се обидуваат да ги стават своите приоритети на дневниот ред, кој го одразува она што го мислиме за сегашната ситуација. Чешка има пет точки подготвени и организирани во поглавја.

Првото поглавје е „Европа меѓусебно поврзана со внатрешниот пазар, модерна и просперитетна“. Што значи дека треба да се насочиме кон продлабочување на внатрешниот пазар, иновациите и дигитализацијата, транспарентен даночен систем, стабилен финансиски систем, кој не го гледаме, европска судска соработка и градење транспортна инфраструктура, како и развој на чиста и заедничка мобилност.

Второто поглавје е наречено „Силна и безбедна Европа“, главно фокусирано на продлабочување на соработката со НАТО, европскиот технолошки суверенитет во вселената, енергетската безбедност, која е многу важна во моментов, и на крајот безбедната миграциска политика, како и заштитата на надворешните европски граници. (Затоа ги држиме нашите полициски сили во Северна Македонија долго време.)

Третото поглавје е „Здрава и одржлива Европа“. Тоа се однесува на здрава природа и предели, заштита на климата, квалитетна храна, во основа - зелената агенда, која е насекаде околу нас.

Четвртата глава е „Европа, соединета и солидарна“. Нова визија за кохезивно креирање политики, разгледување на влијанието на демографските промени и еднаквоста на пазарот на трудот.

Конечно, петтото поглавје е „Европа, паметна и креативна“. Образованието е клучниот фактор на конкурентност, зајакнување и развој на европската научна, образовна и културна област, поддржувајќи го развојот на новите технологии во Европа, бидејќи не сакаме да бидеме толку зависни од останатиот дел од светот. Тоа не беше многу мудро во минатото, а ги видовме резултатите.

Сакам да завршам со изјавата дека Чешка смета дека ЕУ без земјите од Западен Балкан е нецелосна. Ги поддржавме, ги поддржуваме и ќе ги поддржуваме сите активности и чекори за внесување на сите земји од Западен Балкан во ЕУ. Направивме сѐ што веќе беше споменато за што поскоро да видиме почеток на преговарачкиот процес со ЕУ. А нашите претставници многу гласно, би можел да кажам, го поддржуваат тоа во сите европски совети и ќе го сторат тоа и на следниот. Како што споменав, ние ќе го започнеме нашето претседателство во јули, и би сакал да вниманието да се насочи кон други работи наместо кон прашањето дали ќе ја почнеме првата меѓувладина конференција за време на нашето претседателство, бидејќи сакаме таа да заврши порано, што е можно поскоро.

ПРЕПОРАЧАНО