Општество

Предан: Овој регион заслужува шанса да биде дел од ЕУ

Милан Предан

амбасадор на Словенија

Според словенечкиот амбасадор, иако сè уште има оптимизам за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, мора да се признае дека климата не е поволна за изнаоѓање брзо решение до крајот на словенечкото претседателство, особено затоа што во Бугарија претстои избор на нова влада.


Дел од излагањето на панел-дискусија што се одржа на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) на 2 декември 2021 година на тема „Иднината на Европа – еден поглед од земја-кандидат за членство во ЕУ“. Во дискусијата учествуваа амбасадорите од Вишеградската група – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, како и амбасадорот на Словенија, земјата актуелен претседавач со Европската унија. Панелот е дел од големата паневропска иницијатива „Конференција за иднината на Европа“ во која за првпат можност за учество имаа и македонските граѓани, односно студентите од УАКС.


Тукушто влеговме во последниот месец од нашето шестмесечно претседавање со Европската унија и морам да признаам дека претседавањето бараше многу труд. Не само поради прашањата поврзани со земјите од Западен Балкан и проширувањето, како и спорот со Република Бугарија што напорно се трудиме да го решиме заедно со нашите партнери во Европската унија. Сепак, постојат и други важни прашања за иднината на ЕУ, кои се многу важни и за Северна Македонија како идна членка на Унијата.

Се осврнувам на начините како да ја подготвиме Европската унија за идни кризи. Многу се изненадивме на почетокот на миграциската криза во 2015 година, како и на почетокот на кризата со коронавирусот. Сепак, не сме биле доволно подготвени како што си мислевме. Поразителен е фактот дека главните медицински средства за борба со коронавирусот, заштитни маски и респиратори, требаше да ги увезуваме од држави што не се во ЕУ само поради тоа што нивното производство таму е поевтино. Затоа сега зборуваме за стратешка автономија на ЕУ, што значи враќање на целото производство назад во Унијата со цел да не зависиме од трети земји. Мислам дека нашето претседателство постигна важни работи во оваа област. Не е лесна задача да најдете консензус меѓу 27 земји членки, сите со свои позиции и интереси. Згора на тоа, постигнување на компромис меѓу Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент, кога станува збор за некои тешки прашања, е многу исцрпувачка вежба сама по себе.

Ова е нашето второ претседателство со Унијата. За време на нашето прво претседателство бев шеф на нашата канцеларија во Софија, а сега сум овде во Скопје. Тоа претседавање беше различно бидејќи тогаш не постоеше Лисабонскиот договор. Значи, претседателеството тогаш беше повидливо отколку денес, но во основа самата работа сега стана понапорна, затоа што во  меѓувреме Европскиот парламент доби многу повеќе моќ со Лисабонскиот договор, а како што знаете, многу е тешко да се работи со парламентарци. Ретко се случува лесно да се дојде до консензус, како што ви е познато и од ситуцијата во вашата земја.

Не би сакал да навлегувам во детали кога станува збор за прашањата што се најважни во вашите очи. Горливото прашање е: што ќе се случи до крајот на годината во однос на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија? Дозволете ми само да додадам дека ние како претседателство имаме став дека не треба да има раздвојување меѓу Албанија и Северна Македонија и мислам дека повеќето земји-членки на ЕУ го делат истиот став, во спротивно тоа би била многу лоша порака за регионот. Притисокот за одвојување веројатно ќе се засили доколку Северна Македонија не може да ги започне преговорите што е можно поскоро. Би напоменал дека ние сè уште сме оптимисти, но мора да признаеме дека климата не е поволна за изнаоѓање решение. Главно мислам на тоа дека во Бугарија нема влада, а тука сè уште нема влада со јасно парламентарно мнозинство.

Двете пречки можат да се решеат на почетокот на следната седмица, што би оставилно доволно време да се најде одредено решение. Сепак, двете страни треба да имаат влади со полн легитимитет. Уверени сме дека Софија и Скопје ќе можат да најдат билатерален компромис за билатералните прашања и во следните денови ќе има нов дијалог меѓу експертските групи, кои се надеваме дека ќе успеат да се договорат. Понатаму, постои можност во декември да се подготви позитивна одлука, а потоа таа да се официјализира во јануари, со оглед на тоа што владата во Софија може да биде воспоставена дотогаш.

Овој регион заслужува шанса да биде дел од ЕУ и нашиот став за тоа е јасен.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано