Интервјуа

Јанчовски: Читањето ја вежба мислата

Тихомир Јанчовски

Писател

Господине Јанчовски, во земјава имало и има многу писатели, но сите тие работеле нешто друго, биле професори, на пример, и патем пишувале. Вие сте на патот да станете првиот професионален писател. Како го објаснувате ова?

Т. Јанчовски: Oд самите почетоци на современата македонска држава во 1945 година, па сѐ до денес, 2021 година, нашава земја немала и нема писател кој живее од своите дела. Има новинари кои живеат од напишаното во медиумите, да, но тоа е во областа на публицистиката. Што се однесува до литературата, досега немало човек, писател, кој живее од своите зборови. Дури ни во времето кога постоеја „режимски писатели“ и кога пишаниот збор во поезијата, драмите и прозните дела беше многу поисплатлив од денес, во третата деценија на дваесет и првиот век. Ние имаме големи писателски имиња, тоа е несомнено, но еве, дури ни такви книжевни горостаси како Блаже Конески или Петре М. Андреевски немале статус на професионален писател. Сите, и кога велам сите мислам сите до еден, имале друга дејност од која го ваделе лебот, а литературата, во финансиска смисла, им е додатна активност, да не речем – хоби. Не велам дека никој сериозно не се занимавал со книжевност, јасно е дека таа им била најважното нешто во животот, но Македонија за 76 години постоење не поддржа писател кој може да живее само од своите објавени книги. И причината е проста. Едноставно, не постои доволен број читатели, ниту навика за купување книги меѓу народот, за некој да може да заработува доволно од она што му се печати. Затоа, речиси сите писатели од Македонија, било сериозни или дилетанти, длабокоумни или плитки, живееле од платата што ја добиваат како учители, професори, уредници, новинари, библиотекари, службеници, дипломати... или во поново време – сопственици на издавачки куќи. Јас неодамна се регистрирав како независен уметник писател и намерата ми е да живеам од моето творештво, а не знам дали ќе успеам да ја остварам. Знам дека сакам да биде така, а штом се сака можеби и може да стане вистина. Еден ден. И тоа не во далечна иднина, туку наскоро, иако во регистарот сум заведен како ТП (прво мислев дека кратенката значи трговско претпријатие, а не трговец поединец) и дејноста ми е формулирана, ако добро сфаќам, како трговија со уметничко творештво. Дури ми го сменија и името, морав да додадам и псевдоним зашто сега сум човек фирма, па како правно лице се одѕивам на името Сивејан. Звучи малку ерменски, нели?

Вашиот книжевен опус е импресивен. Имате своја верна читателска публика. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

Т. Јанчовски: Мојот книжевен опус е таков каков што е, во него има дваесетина книги поезија, два романа, една книга колумни, една историска книга, мултимедијално ЦД, сценарио за документарен филм и една аудиокнига. Мислам дека не испуштив ништо. Имам и една книга басни, но таа ќе биде објавена идната година. Ете, откако ми се роди синот, почнав да пишувам и за деца. Сега е уште мал, но кога басните ќе излезат верувам дека ќе има трпение да слуша додека му читам од книгата... пред спиење. Или денски, сеедно.
Што се однесува до читателската публика – таква ми е ѕвездата. На промоцијата на мојата прва книга „Обични зборови“, во 1999 година, имаше 500 души во публиката, и таа се продаде во досега најголем тираж – 1 000 примероци. Таквата среќа продолжи и натаму, и речиси сите книги што сум ги објавил се распродадени, иако главно во сосема мали тиражи, од 300 до 500 примероци. Но, мило ми е што сепак имам своја публика, дури и во една земја со толку мал книжевен пазар – публиката си е публика и не е фактор што може да се занемари или негира. Зашто има и писатели кои упорно објавуваат, а никој не ги чита, освен блиските луѓе и семејството. Книгите им чмаат по магацините.

Деновиве одите во Берово на промоција на ваша книга, настан што самите го организирате и го реализирате. Зошто токму Берово? Какви се искуствата со промоцијата на вашите дела во земјава?

Т. Јанчовски: Поточно, промоција на две книги: „Пред некое време“ и „Несреден век“. Тие излегоа неодамна, една по една, со кусо меѓувреме од три недели, и по промоцијата во Скопје, втората е во Берово. Него го одбравме заедно со уредникот и промоторот на „Несреден век“, д-р Тања Аждаја, бидејќи потеклото ни е оттаму и сакавме да направиме промоција токму во тој град. Инаку, колку што знам, вистинска промоција на книга од современ македонски автор таму немало никогаш, не само од независноста, туку од ослободувањето до денес, и тоа е втората причина зошто токму таму. Планираме мултимедијален поетски перформанс заедно со младиот поет Кени Китановски и веруваме дека ќе биде убав настан. Инаку, јас по потекло сум од Робово, Тања е од Берово, а целиот Малешевски Крај не брои повеќе од 20 000 жители, без дијаспората, се разбира. И Малешевијата е тотално настрана од современиот културен живот во земјава, речиси заборавена од институциите на системот, па ова го организираме самите, не чекаме помош од некој кому не му текнало да направи ништо цели 30 години. Верувам и дека ќе го отвориме патот за следни вакви случувања во тој крај, тоа ни е целта. Би сакал да направиме и книжевен фестивал таму, дури му смисливме и духовито име, „Малемале“, па сега ќе видиме со општините Берово и Пехчево, како и со Министерството за култура, а ако не се заинтересирани, сепак фестивал ќе има зашто ако се заинатам за нешто – обично го остварувам, независно дали ќе сум во плус или минус со оствареното. Меракот нема цена.
А имам гостувано на многу места, и во Западна и во Источна Македонија: Битола, Прилеп, Ресен, Струга, Лазарополе, Охрид, Вевчани, Велестово, Штип, Струмица, Кочани, Виница... И речиси секаде без државно или општинско покритие. Јас и пријателите: музичари, актери, сликари, повеќе или помалку познати.

Велите дека значењето на промоцијата е во промоцијата на делото, не на авторот. Зошто?

Т. Јанчовски: Бидејќи авторот може да биде сѐ и сешто во очите на другите, може да биде мангуп или лузер, убав човек или мизерија, господин или просјак, но тоа не го допира делото. Тоа е такво какво што е, и озборувањата за ликот на авторот, неговиот углед или наградите што ги има или нема – не се нималку битни. Има многу дела што ја надминуваат големината на својот автор, што се поголеми од неговата личност. Промоциите се многу битни за луѓето да дознаат за делото, без нив – танка работа. Романот-дневник „Сѐ што знам за животот“ ми излезе непосредно пред короната и беше на почек до јуни годинава. За година и пол, пред да има промоција, се продадоа едно 15 примероци по книжарниците, потоа направивме промоција во јуни годинава, со Ристо Солунчев како промотор, и... еве, сега е октомври и книгата е распродадена! Веќе ја нема. Ако се најде некој што ќе ги брка сите работи, дневникот може да доживее и второ издание, зашто јас имам други, нови книги и немам време да се занимавам со она што ми е веќе завршено.

Многумина ќе речат, талентот е основата на успехот. Каков е вашиот поглед на значењето на талентот?

Т. Јанчовски: Видете, зборот „талент“ кој е синоним за дарба, всушност, произлегува од библискиот „талант“, а тој талант на времето претставувал голем златник, златна пара со голема вредност, огромно богатство. Човек да имал и само еден талант, веќе се сметал за многу богат. Кога уметникот создава, и го употребува својот талент, самиот чин на творештвото му претставува огромна наслада и го исполнува авторот со чувство на огромна среќа... Ете тоа е најголемата награда што секој уметник ја добива, односно веќе ја добил. Талентот е награда самата по себе. Ако човек не го употребува, ако остане неистрошен во него, ако биде закопан некаде во пренатрупаниот и онечистен ум, ќе престане да вреди и да сјае, ќе се претвори во безвредна паричка или ќе му биде одземен од Оној кој му го дал. И не е еден таков човек со талент кој создал едно убаво дело, а потоа се настрвил за признанија и пари, па веќе не можел да создава ништо, дури ни близу до првото, туку правел безвредни и шупливи творби, без сила..., без силата на талентот што го напуштил. Најглупавото можно нешто е човек да биде горд на својот талент, односно на себе поради талентот што го има. Тоа е како да се гордееш што си повисок од некого или што имаш сини очи, а не црни.

Како го објаснувате начинот на кој се однесува општество како нашево кон уметноста? Зошто нема прилози за културата во вестите на телевизија? Каква е тука улогата на системот, а каква на поединецот?

Т. Јанчовски: Оставете, ова што дојде сега е... варварско време. Дневната политика и стравовите од болестите толку преовладуваат во медиумите што луѓето изгубија каков било осет за она што се случува во културата на нивниот град или држава. И главните ликови во разговорите на Македонците веќе одамна не се нивните уметници (писатели, сликари или музичари, дури ни актери), туку актуелните политичари. Еве мене ме знаат низ Македонија, не дека не, дури и доаѓаат да направиме „селфи“, ама не сите, туку оние кои читаат. А Заев, Мицковски, Груевски, Мијалков, Шеќеринска, Царовска... или претходно Љубчо, Бранко... ги знае цела Македонија, без исклучок. Целото население. Медиумите ги направија главни ѕвезди, а главно се работи за луѓе со скромен човечки и творечки потенцијал и од креирањето на такви „модели“ нацијата и нема некоја особена корист. Напротив. Времето е добар и строг судија, и верувам дека денес во Македонија нема човек кој не знае за Кочо Рацин или Блаже Конески. А за Лазар Колишевски или Ката Лахтова? Има и такви што знаат за нив и нивните дела, ама не сите. Ни близу.

Зошто е важно за една земја да има национална култура? Колку е ограничување тоа што сме мало говорно подрачје? Вие имате книги кои се преведени и објавени во странство.

Т. Јанчовски: Да, имам, но ограничувањата остануваат зашто моите песни не се исти на македонски и на друг јазик. Досега не сум нашол поет преведувач на големите светски јазици кој би го знаел македонскиот на доволно високо ниво како својот за да ги преведе „цакум-пакум“. Избор од песните ми е преведен на англиски, со американски издавач и го има на „Амазон“ (The Noise of Loneliness), но читаноста таму не ми е како во Македонија. Треба сериозни напори за да се направи пробив во англосаксонското подрачје, а јас немам време ни сила за сѐ. Главно сум сосредоточен на своето творештво, не на пласирањето на книгите некаде. Сепак, моментално работам на тоа изборот од опусот да ми биде преведен на руски и на кинески, па ќе видиме. Немам помош и поддршка од ниедна институција, но имам од пријателите, овде и во светот, па може нешто и да излезе од сето тоа. Ако се „отвори“ – добро, ако не – пак добро. Јас можам да го направам само она што е до мене, за повеќе – еден Господ. А прозните книги сѐ уште не ми ги побарале за превод, иако тие полесно си го наоѓаат патот до читателите.

Велите дека најважно е да се сака да се направи нешто и тоа ќе се случи...

Т. Јанчовски: Тоа не е моја мисла, тоа е универзален закон. Ако човек има љубов за нешто и ако има чиста душа и трпение, резултатот ќе дојде, на долг рок. Луѓето главно имаат очекувања плодот да го соберат веднаш, истиот час кога ќе им се роди мислата, а тоа е и причината за изгонувањето од Рајот, нели? Метафората на првородниот грев е во тоа што Адам и Ева каснуваат од плодот на дрвото предвреме, пред тие да имаат зрелост и пред плодот да е зрел за берење, и со тоа си навлекуваат страдање. Кога човек сака да постигне нешто преку ноќ, кога сака брз успех, тоа може да го стори како криминалец или наркоман, не може како што треба. А кога работи со љубов и трпение да го добие она што го сака, тој и ќе го добие, и колку подоцна го добие – ќе му биде и помило. Еве, како јас со синот :).

Читањето ја вежба мислата. Тоа се ваши зборови. Читаме ли сите ние доволно?

Т. Јанчовски: Не! Краток и јасен одговор. Читачката култура во Македонија, за жал, е на очајно ниво. А без култивирање на мислата, преку читањето, нема ни култивираност на личноста, па денес имаме цела ергела на луѓе со пари, а без соодветна култура, кои изгледаат како карикатури. Нивото на голем број наши градоначалници е да поканат турбо-фолк ѕвезда да им гостува, а да ме поканат мене да направам книжевна вечер – не им текнува. Евентуално некоја начитана библиотекарка или директорка на дом на култура, такви има и така и се случува, но за главните настани и јубилеи „културните“ гости се груби и приземни, каков што е и тој што ги кани.

Ова интервју е само вовед во нашата соработка. Од наредниот број читателите на „Економија и бизнис“ ќе можат да уживаат во вашите текстови. Верувам дека со нетрпение ќе ги очекуваат. Ви благодарам за интервјуто.


(Економија и бизнис, пелатено издание, ноември 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано