Интервјуа

Чкламовски: Дигитализацијата е најблиску до магичното стапче за забрзан развој на економијата

Мајкл Чкламовски

претседавач на Управниот одбор на Македонија2025 и управен директор на канадската CIBC Bank USA во Сан Франциско

Господине Чкламовски, вие сте новиот претседавач со Бордот на директори. Кажете ни малку за вашето образование, професионалната кариера и досегашните активности во Македонија2025.

М. Чкламовски: Јас сум по професија адвокат и ја започнав кариерата во Чикаго, фокусирајќи се на даночни и деловни спорови кои ми служеа како прекрасна основа за да истражувам банкарско и приватно управување со богатството. Македонија2025 е организација со која пораснав во изминативе 7 години, прво како надворешен поддржувач и навивач, а потоа преку директна поддршка и зголемена вклученост како член на Одборот на директори, а од неодамна и претседавач. Квалитетот на нашиот тим во Скопје, силата на нашата мисија и карактерот на Одборот се навистина инспиративни и мотивираат и овозможуваат напредок.

Која е мисијата на Македонија2025 и нејзините стратешки столбови?

М. Чкламовски: За оние кои не ја знаат организацијата да кажам дека Македонија2025 е непрофитна, неполитичка организација со примарен фокус на економски и лидерски развој, која соработува со бизнис-секторот, Владата и Академијата, со цел генерирање можности и градење капацитети за економски раст, на тој начин помагајќи во градењето на посилна нација. Организацијата е основана во 2007 година во САД, а од 2013 година има канцеларија во Скопје. Нашата визија е Македонија да стане водечка економија и најпросперитетна земја во регионот, додека нашата мисија е да ја обликуваме иднината на Македонија преку промовирање на одржлив економски раст што ќе ги подобри можностите за граѓаните, за компаниите и за странските инвеститори. Она што ја прави уникатна организацијата тоа е поврзаноста со иселениците и нивното вклучување во остварување на мисијата и на визијата.
Во 2020 година беше донесена новата Стратегија на организацијата за периодот 2020−2025 година. Во Стратегијата се идентификувани четири главни столбови на нашето дејствување и активности, и тоа:
1. Забрзување на растот и конкурентноста на македонските бизниси.
2. Забрзување на развојот на лидерството и поддржување на младите таленти.
3. Градење силни партнерства и врски во светот.
4. Застапник за подобрување на македонското деловно опкружување, транспарентно општество и општество без корупција.

Важна алатка за следење на економските случувања на квантитативен начин е т.н. „контролна табла“ (dashboard) на земјава. Објаснете ни за што станува збор.

М. Чкламовски: Дозволете ми да ви раскажам повеќе за историјата и логиката зад Матрицата за мерење на економски напредок. Идејата се разви кога Управниот одбор на Македонија2025, размислувајќи за мисијата на организацијата, покрена едноставно прашање: „Што мислиме под ’силна‘ нација и како тоа да се вклопи во стратегијата на организацијата?“ Затоа, како надополнување на програмите и на активностите, ја создадовме Матрицата со цел да ја следиме состојбата на Македонија во однос на тоа дали е „силна нација“, да го мериме напредокот и да обезбедиме споредбен приказ во однос на слични земји. Низ процесот на дизајнирање на Матрицата „канализиравме“ голем број на потенцијални метрики (индикатори) за да стигнеме до избор на неколку индикатори за кои Одборот на директори сметаше дека се најзначајни и најкорисни за Македонија. Матрицата за мерење на економскиот напредок целосно се совпаѓа со мисијата и стратешките цели на организацијата.
Како што покажува името на организацијата (Македонија2025), идејата на основачитe била поддршка за земјава да стане дел од развиениот западен свет до 2025 година. Оттука, во времето кога се создала Матрицата, се поставени прелиминарни цели (таргети за индикаторите) за тоа што е потребно земјава да постигне до 2025 година, за брзо да напредува кон ЕУ и НАТО и да биде подобро место за живеење. По пет години користење на Матрицата, во 2020 година, спроведовме процес на ревизија со цел таа да се направи уште порелевантна и во согласност со неодамнешните случувања и предвидената иднина на земјава (главно, пристапувањето кон ЕУ). Матрицата дава и компаративен преглед на состојбата и напредокот на Македонија во однос на 19 земји, поделени во две подгрупи. Првата група, т.н. „аспиративна група на земји “, се „новите земји членки на ЕУ“, а втората група на земји се т.н. „структурна група на земји“, т. е. земјите од Западен Балкан. Обновената Матрица за мерење на економски напредок е составена од петнаесет мерки/ индикатори. Шест од нив го следат економскиот раст, додека преостанатите девет ги означуваат најважните двигатели на растот – „засилувачи на растот“. Додека нашата организација е свесна дека не можеме директно да влијаеме врз економските индикатори, ние веруваме дека нашите програми и активности придонесуваат кон создавање и краткорочни и долгорочни услови за раст, т. е. ние влијаеме врз засилувачите на растот. Повеќе за Матрицата можете да прочитате тука, а повремено објавуваме и анализи токму во Економија и бизнис.

Македонија2025 се фокусира и на некои од најактуелните прашања како што е дигитализацијата итн. Какви се тековните активности во таа област?

М. Чкламовски: Покрај нашите редовни програми, како што се стипендии за ученици и студенти, врвни обуки за извршни директори (Келог-Зафировски програмата), КЕСО-Битов програмата за експертска поддршка на македонските компании, Македонија2025 имплементира и други активности кои, според нас, ќе придонесат кон исполнување на нашата мисија, односно напредок на економијата и на општеството.
Една од тие активности е основањето на Дигиталната иницијатива МК2025, во партнерство со Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а во соработка со најголемите политички партии, четири стопански комори, како и претставници на Владата и невладиниот сектор. Целта на Дигиталната иницијатива е да го забрзаме процесот на дигитализација во Македонија (деловниот сектор и Владата) и да ги подобриме дигиталните вештини на граѓаните и на вработените. Веќе се започнати активностите во врска со Иницијативата, подготвена е анализа на состојбите во Македонија и набрзо работната група ќе дискутира за одредени препораки и предлог-активности. Сметаме дека дигитализацијата е најблиску до магичното стапче за забрзан развој на економијата. Но, потребни се широки партнерства и вклученост на многу чинители за да направиме брз напредок, па и пресврт.

Македонската бизнис-дијаспора во светот е мошне успешна. Како ги оценувате напорите на Македонија 2025 да ги поврзе локалните бизнисмени со бизнис-дијаспората?

М. Чкламовски: Би оценил дека многу е направено во насока на поврзување на македонските бизниси со дијаспората, но постојат уште многу можности. Потенцијалот на иселениците е голем, но недоволно искористен. Македонија2025 има токму цел да го искористи тој потенцијал, да ги вклучи знаењето, контактите и финансиските ресурси на дијаспората во развојот на Македонија. Мислам дека сме многу успешни во тоа. Но, треба да има и системско решение, некој вид на понудено партнерство од страна на Владата за да ја привлече дијаспората да ги одржува врските со Македонија и да даваат поддршка, кој колку и како може. Има многу успешни примери од други земји, како на пример, мечирање на инвестициите од дијаспората, издавање на обврзници за локален економски развој кон дијаспората итн. Но, доколку корупцијата е на високо ниво, доколку владеењето на правото е на ниско ниво и слично, би рекол дека нашите чувства и љубов кон Македонија не се доволни за да го поддржуваме развојот значително. Ова се основни предуслови за секој кој сака да помага и да инвестира, а и едни од главните причини за иселувањата. Тоа мора да се промени.
Две од нашите стандардни програми се насочени токму кон поврзувањето на бизнисите. Првата е нашиот Самит, врвен регионален и глобален настан, кој претставува одлична можност за запознавање и вмрежување на компаниите од Македонија, регионот, но и глобално, вклучително и нашите иселеници. Другата програма е платформата Конект ту МК (Conect2MK) која овозможува полуавтоматско поврзување на нашите бизниси со иселеници кои би сакале да помогнат и да го поддржат развојот на нашите компании. Повеќе за платформата можете да прочитате на нашата веб-страница.

Образованието е уште една област на дејствување на Македонија2025. Ова вклучува не само образование за извршни директори туку и давање на финансиска поддршка на студентите. Кажете ни нешто повеќе за овие активности.

М. Чкламовски: Апсолутно. Нашите образовни и лидерски програми имаат цел да го поддржат и да го унапредат човечкиот потенцијал во Македонија, да им помогнат на младите таленти (особено оние кои се од ранливи семејства) да го остварат својот потенцијал, но и на извршните директори и менаџери од Македонија да се развиваат професионално. Преку програмата „Таленти денес – лидери утре“ секоја година финансиски поддржуваме десетина млади таленти, а честопати во соработка со нашите партнери обезбедуваме и техничка опрема за стипендистите. Ја спомнав и програмата Келог-Зафировски со која даваме стипендии и обезбедуваме учество на наши извршни директори на Келог школата за менаџмент, САД. Преку програмата Лидер веќе 10 години по ред обучуваме по околу 30 млади претприемачи за успешно водење на бизнис (во соработка со Ајви школата за бизнис од Канада). Во 2021 година го одржавме првиот летен камп за роботика и кодирање, со учество на млади од Македонија и од дијаспората, кој, се надеваме, ќе стане дел традиционален. Од оваа година кон нашето портфолио додадовме уште една значајна и голема програма, а тоа се стипендиите за студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), кои ги доделува Фондацијата Атанас Близнакоф. Македонија2025 оваа година го презема администрирањето на овие стипендии и, благодарение на наследниците на Атанас Близнакоф, семејството Кутановски од САД, доделивме 135 стипендии во годишен износ од 2 500 американски долари на студенти кои се запишаа во прва година на УКИМ. Навистина сме горди што преку овие стипендии ќе влијаеме позитивно на 135 млади таленти од Македонија и ќе им помогнеме да ги остварат своите сништа и да развијат професионална кариера по свој избор, без да бидат ограничени од финансиски причини.

Во моментов, вие сте управен директор на канадската CIBC Bank USA во Сан Франциско. Како банкар, како ги оценувате тековните економски случувања во светот во поглед на изгледите за економски раст, инфлацијата и финансиските пазари?

М. Чкламовски: Жeивееме во фасцинантно време, почнувајќи од шокот на почетокот на 2020 година. Видовте дека експанзијата на САД забавува во третиот квартал, кога потрошувачката почна да се намалува. И покрај неодамнешното забавување, ние веруваме дека американската економија треба да продолжи да расте над стапките на економски раст пред ковид бидејќи изворот на потрошувачка се префрла од итните владини програми кон платите. Ограничувањата во синџирот на снабдување, најверојатно, ќе продолжат да го ограничуваат растот, меѓутоа веќе е започнат процес на брз раст на одредени сектори во економијата што би требало да го поддржи растот следната година. Очекуваме зголемената инфлација да опстојува подолго од „преодниот“ временски хоризонт според Федералните резерви. Во глобалната економија гледам посинхронизирано закрепнување, со поголеми очекувања во Европа и во Латинска Америка, но пониско во САД и во голем дел од Азија. Периодот на слаб раст во Кина и политиките за ограничување на растот на кредитирањето кон приватниот сектор доведе до вознемиреност во секторот за недвижности. Кина може да го зголеми стимулот за да го надомести подлабокото забавување и да ги поддржи социјалните цели.

Една од редовните активности на Македонија 2025 е организирањето на годишен самит, кој е настан со висок квалитет. Кога ќе се одржи самитот годинава, што ќе биде на неговиот дневен ред и кои ќе бидат говорниците?

М. Чкламовски: Самитот Македонија2025 е главен регионален настан кој служи како платформа за споделување знаење, поврзување на организации и инспирирање промена во Југоисточна Европа.
Оваа година го организираме јубилејниот 10-ти Самит Македонија2025 на 18 ноември 2021 година во хотелот Мериот во Скопје. Поради околностите предизвикани од пандемијата ковид-19, Самитот оваа година по втор пат ќе се одржи во хибриден формат: како еднодневен настан кој ќе комбинира физичко присуство во хотелот Мериот и онлајн приклучување преку видеоплатформа.
Самитот ќе обезбеди дискусии, споделување на знаење и искуствена размена за клучните области и приоритети наведени во Платформата за просперитетна иднина на Македонија2025, концепт за долгорочните развојни предизвици и потреби на Македонија. Платформата се стреми да придонесе кон создавање посилно општество: развиена економија, конкурентни и напорни бизниси, динамично деловно опкружување, општество што се карактеризира со силна демократија и владеење на правото и висок квалитет на живот. Оттука Платформата идентификува седум клучни приоритети и области за развој: образование и човечки капитал; конкурентност (и водење бизнис); владеење на правото и корупција; демократско општество; животна средина; јавно управување; дигитализација и дигитални вештини.
Силно веруваме дека приоритет за нашава земја и за регионот е дигитализацијата и развивањето на дигиталните вештини на граѓаните, на компаниите и на владите бидејќи ова беше област идентификувана како многу важна од сите релевантни чинители, особено во овие тешки времиња за нашава земја и глобално. Затоа на самитот ќе се дискутираат и ќе се истакнат вештините, знаењето, циркуларната економија, регионалните успешни приказни и младите таленти – сето ова низ објективот на дигитализација. На самитот ќе бидат претставени креатори на политики, компании од регионот, членови на дипломатскиот кор и меѓународни организации, како и академската заедница и членови на граѓанското општество.
Меѓу останатите, на Самитот ќе се обратат и Н. Е. Рејчел Галовеј, амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија; Изабела Венг, автор и социјален претприемач за дигитална трансформација; Виле Корпела, футурист и соработник на академијата Dubai Future Academy .
Како и секоја година, на Самитот ќе се обратат и членови на Владата: заменикот претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Ви благодарам за интервјуто.


Разговараше: Зоран Јовановски

(Економија и бизнис. печатено издание, ноември 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО