Општество

Тилев: На Исток ништо ново. Чекор напред, чекор назад?

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

На 15 септември 2021 година се преклопија два значајни настани. Прво, се случи традиционалното годишно обраќање на претседателот на Европската комисија Вон дер Лејен во Европскиот парламент за состојбата на Европската Унија (State of the European Union- SOTEU2021), втор за време на нејзиниот мандат, а истиот ден беше конечно усвоен, исто така во Европскиот парламент, и текстот на новата (за нас извонредно важна) Регулатива за воспоставување на ИПА 3 − Инструмент за претпристапна помош за периодот 2021 − 2027 година.

Во своето обраќање СОТЕУ 2021 пред Европскиот парламент, претседателот на Комисијата зборуваше за „најголемата здравствена криза во изминатиот век“, „најдлабоката глобална економска криза последните децении“ и „најтешката климатска планетарна криза на сите времиња“ и колку е важно во такви времиња да се биде и да се остане заедно. Во СОТЕУ 2021 Вон дер Лејен се изјасни и за тоа дека ЕУ треба да остане заедно и со Западен Балкан со што испрати силен сигнал за својата посветеност кон пристапниот процес со додавка дека едноставно Европската Унија тоа им го должи на сите млади луѓе (од Западниот Балкан) кои веруваат во европската иднина. Таа уште еднаш нагласи дека инвестицијата во иднината на Западен Балкан е инвестиција во иднината и на Европската Унија, а политиката на проширување или обединување, кога е во прашање регионот, не е лесна и сигурно не е евтина работа. Затоа, во рамките на целокупниот долгорочен буџетски пакет, во делот за „Соседство и светот“, постои посебна алокација за Инструментот за претпристапна помош (ИПА 3) од 12,565 милијарди евра (по цени од 2018 година) или 14,162 милијарди (по тековни цени) за периодот 2021 − 2027 година. При одбележувањето на усвојувањето на овој важен правен акт, Комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји изјави „...дека Европската Унија е посветена да го поддржи регионот за проширување. ИПА 3 е дефинитивно инвестиција во иднината“. Иако правниот акт формално беше донесен со повеќе од една година задоцнување делумно поради макотрпните преговори меѓу земјите членки за целиот финансиски пакет, а делумно и поради пандемијата која предизвика потешкотии во нормалното работење на институциите на ЕУ, сепак, со усвојувањето на ИПА 3 се создадоа услови за материјализирање и на Економскиот и инвестициски план и на „Зелената агенда за Западен Балкан“. Со овие планови треба да се „разбудат“ големите инфраструктурни проекти на Балканот толку многу потребни за заживување на економските активности и олеснување на движењето и на трговијата меѓу земјите од Западен Балкан, но и комуникацијата со Европската Унија и подалечните пазари. Потенцијалот на Северна Македонија, имајќи ја предвид нашата географска позиција во центарот на Балканскиот Полуостров, несомнено лежи токму во развојот и модернизацијата на транспортната инфраструктура. Од овој момент, новите фондови на ЕУ како можност се на располагање, сега е на нас да обезбедиме клима и, пред сè, институционални и човечки капацитети за да ги искористиме нив и да ги ставиме во функција на забрзан економски развој и политичка факторизација на нашите компаративни географски предности.

Во нашата најблиска околина, пак, иако очекувано, сепак непосакувано, политичките елити на нашиот источен сосед и покрај трите обиди за создавање на коалиции меѓу партиите кои обезбедија место во Парламентот не успеаја да формираат нова влада. Тоа неминовно доведе до распишување на трети по ред оваа година парламентарни избори кои коинцидираат и со редовните претседателски избори. Со мали измени продолжи да функционира Техничката влада која треба да се справува со пандемијата и комплексните последици по економијата на национално ниво, но и на европско ниво низ бриселските институции. Тоа е тешко бреме и за демократии со многу подолга традиција од таа на Бугарија. Изборите ќе се случат на 14 ноември, што значи каков и да биде исходот од нив многу малку време останува до крајот на годината за консолидирање на новиот бугарски парламент, устоличување на новиот претседател и доделување на мандат на победничката партија за формирање на нова влада со полн политички мандат. Со тоа постигнувањето на излезно решение за спорот кој го има Бугарија со сите други 26 земји членки на ЕУ за финализирање на текстот на Преговарачката рамка за Северна Македонија и официјалниот почеток на пристапните преговори со нас останува мисија со многу мали изгледи за позитивен исход до последниот Европски совет (16/17 декември) за време на претседавањето на Словенија со Советот на Европската Унија. Со други зборови, засега на Исток ништо ново.

Но, во политиката и дипломатијата умешноста е токму во барање излез и низ „иглени уши“ и постигнување напредок и во услови кога решението се чини невозможно. Во тој позитивен контекст можеме да гледаме и на посетата на Комесарот за проширување Вархеји на Софија (21 септември) и обидот за создавање на позитивна клима, но и „мерење“ на политичкиот пулс на претседателот Радев токму пред значајните настани кои следуваат наредниве недели. Имено, на 28/29 септември во посета на земјите од Западен Балкан доаѓа Вон дер Лејен за прв пат од преземањето на позицијата претседател на Европската комисија. Извонредно храбра, цврста и одлучна дама, која секако дека ќе настојува да испорача позитивни вести и пораки за напредокот на регионот и европската перспектива на сите земји од Западниот Балкан. При преземањето на претседателската палка кон крајот на 2019 година таа со право образложи дека геополитиката мора да ги насочува и да ги обликува политиките и на (тогаш) новата Комисија. За перспективата на Западниот Балкан во Унијата, таа јасно и силно се изјасни и во својот прв говор за состојбите во Еврпската Унија (State of the European Union-SOTEU2020) во Европскиот парламент при што истакна дека „го делиме истиот континент, истата историја, истата култура и истите предизвици. Заедно ќе ја градиме и заедничката иднина“. Јасно е дека Западен Балкан е во дворот на Унијата и е нераскинлив дел од Европа. Колку побрзо ќе бидеме целосно интегрирани во Унијата, толку побрзо Западен Балкан ќе стане подобро место за живеење и Европската Унија ќе стане побезбедна. Во таа прилика (септември 2020 година) таа ја истакна и важноста да се започнат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, имајќи ја зад себе Одлуката од март 2020 година на Советот на ЕУ за почеток на преговорите со двете земји. На општо разочарување, тоа до сега не се случи. Чекор напред, чекор назад? Дали нејзината посета на земјава кон крајот на септември ќе помогне во надминувањето на блокадата од страна на Бугарија останува да видиме. Не сме со многу висок оптимизам, познавајќи ги механизмите на одлучување во Унијата и секогаш отворената можност за вето кога се во прашање одлуките поврзани со проширувањето.

Во очекување сме и на Самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан во Словенија, кој е закажан за 6 октомври. Одлична вест е што ваквите самити се реализираат сè почесто, започнувајќи од Загреб 2000 година, Солун 2003 година, Софија 2019 година, Загреб 2020 година и сега самитот во Брдо кај Љубљана 2021 година, со најава за самит и во текот на 2022 година. Иако не е официјализирано, стана пракса самитите меѓу ЕУ и Западен Балкан да се случуваат секоја година, што говори дека постои интерес кај поголем дел од земјите членки да се говори за Западниот Балкан и за процесот на унификација на Балканот со Европската Унија. Помалку добра вест е дека тонот на декларациите кои се усвојуваат на крајот на ваквите средби, со согласност и на земјите од регионот, сè повеќе се „разводнуваат“ до степен што ја замаглуваат основната цел на самите самити, а тоа е потребата од импулс во процесот на проширување и европската перспектива за регионот. Во моментов кога го пишувам текстот сигналите се дека сè уште постои отпор кај неколку членки на ЕУ да се вметне дури и само зборот „проширување“ во завршната декларација. Таквата позиција не ветува многу, па дури и да се вклучи зборот проширување останува горчливиот вкус дека за оваа за нас круцијална политика нема консензус во рамките на Унијата, а постои и отпор кон секоја одлука во таа насока со намера за развлекување на процесот.

Можеме да бараме оправдувања за ваквите ставови на некои земји членки од внатрешнополитички или економски причини, но на среден и долг рок од геополитички аспект, независно од комплексноста на меѓународните глобални односи, Западниот Балкан е важен за Европската Унија во целина исто како што Европската Унија е важна за Западниот Балкан. Повлекувањето од Авганистан што предизвика нови миграциски движења е нов предизвик за евроатлантските партнери. Откажувањето на Австралија на нејзиниот договор за производство на нуклерани подморници со Франција и склучувањето на договорот меѓу Австралија, Обединетото кралство и САД, секако, не е чекор во добра насока и е само потврда на геополитичките промени и константни предизвици со кои се судрува Унијата секојдневно. Евроатлантските односи треба да се обноват и да зајакнат на начин што ќе ги направи попредвидливи и подобро координирани. Тие се од извонредно значење и за односите внатре во Западниот Балкан. Исто така треба да се дефинираат и да се реализираат нови одговори кон наметливата Русија и амбициозната Кина, но изградени во единство со сите земји членки на ЕУ и НАТО-алијансата. Тоа воопшто нема да биде едноставно во услови кога во Германија се случуваат избори кои треба да изродат наследник на маестралниот канцелар Меркел, а во Франција се загрева битката на претендентите на претседателскиот престол на претседателот Макрон. Претпоставувам дека им е сосема јасно на сите оние кои ја следат меѓународната политика и траекторијата на Европската Унија дека од резултатите од изборите во овие две клучни држави членки на Европската Унија ќе зависи натамошниот курс и иднината на Унијата.
Затоа не постои друг избор за Европската Унија, освен прилагодување кон глобалните движења и околина. Конференцијата за иднината на Европа која е во тек се очекува да ја придвижи Унијата во насока која ја посакува мнозинството − Унија со продлабочени врски и проширување (унификација) со Западниот Балкан. Притоа не смееме да заборавиме дека процесот на интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија е двонасочна улица. Тоа е процес на градење тула по тула на трајно стратешко партнерство засновано на доверба и на солидарност во добри, но и во немирни времиња.


(Економија и бизнис, печатени издание, октомври 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО