Општество

Поповски: Грција: Како нацијата доби држава?

Љупчо Поповски

авторот е новинар

Без помошта на Европа, Грција немаше да стане независна држава. Европа на младата држава ѝ донесе и крал. Европа беше инспирирана од идеализираните идеи за демократијата и Античка Грција, а Грците му се препуштија на сонот за „Мегали идејата“ − сонот за голема грчка држава во границите на старата Византиска Империја. Тие не ја сакаа Атина, туку Цариград за свој главен град; нивната референтна точка не е класичната антика, туку средниот век.


Во еден магазин како „Економија и бизнис“ на прв поглед може да изгледа неприкладно да се пишува за историски теми, особено за начините како одредени нации добиле свои независни држави. Но, не е баш така. Во борбата за независност, покрај храброста и организацијата на луѓето, се потребни и пари. И тоа значителни пари. Без нив не може да се организира востание, не може да се купи оружје, не може да се подготви логистика. Тие пари може да се добијат од банки, од странска помош, од прилози од населението.
Грција во март оваа година прослави 200 години од независноста извојувана од Отоманската Империја. Грчкото востание имаше неверојатен одек во европската јавност, нацијата стана прва која доби своја држава по 400 години владеење на Турците во регионот и оваа нивна борба беше голем поттик и инспирација за другите балкански народи да се ослободат од турското владеење. Без поширокото инволвирање на меѓународната јавност во тоа време (и паричната помош), изгледа дека до таа независност немаше да дојде. Особено голема улога одигра прочуениот британски поет лордот Џорџ Бајрон кој им позајми пари на востаниците и ја опеа нивната борба. Имаше и причина за ваквите реакции – Античка Грција и тогаш и сега се смета за лулка на европската демократија.


Митрополитот Германос од Патра го благословува востанието на 25 март 1821 г.  (слика на Теодорос Вризакис)

Како почна борбата?
Сѐ почна да се случува на Пелопонез. На 25 март 1821 година, на Благовештение, пред манастирот Агиа Лавра на Пелопонез, митрополитот Германос од Патра благословува знаме, син крст на бела заднина, а потоа го крева. Со тоа востанието против османлиските владетели доби црковен благослов. Како и сите потчинети и овие востаници имаа едноставен слоган: „Слобода или смрт!“
Кога владееш со некого четири века (како во случајот со Грција) одредени слоеви од населението мора на некој начин да ги привлечеш кон себе. Така трговците и свештениците на исклучително влијателната Православна црква имаа привилегии под Османлиите. Тие, на одреден начин, требаше да бидат гаранти на поредокот во кој ќе се одржува некаква стабилност. Во исто време, голем дел од населението живее во сиромаштија. Земјоделците мораат да изнајмуваат земја од турските чифликсајбии, не смеат да носат оружје, ниту пак да јаваат коњи, а мораат да плаќаат значително повисоки даноци од муслиманите.
Падот на Константинопол во 1453 година беше врежан како колективна траума кај Грците. Иако Византија не беше грчка империја, Грците се поистоветуваа со неа. Не може да се каже дека Грците, како и другите православни народи на Балканот, не уживаа слобода во практикувањето на верата, иако и тоа беше под контрола, ниту пак дека сите функции во системот на управување мораа задолжително да бидат заземени од Турци.
Едно е желбата за слобода, а друго успехот да се дојде до неа. Еден месец пред митрополитот Германос да го крене револуционерното знаме, националистичкиот политичар и офицер Александрос Ипсилантис го премина Прут, притока на Дунав што ја формира границата меѓу Османлиската и Руската Империја, со својата „света чета“ од околу 500 луѓе. Тој беше официр во Руската армија за време на војните со Наполеон.
Ипсилантис потекнува од фанариотско семејство, грчки православни претприемачи од областа во Цариград наречена Фанар, каде што е сместен и вселенскиот патријарх. Ипсилантис е еден од ретките фанариоти што се приклучил на Филики Етаиреја, „Друштво на пријатели“, тајно друштво со седиште во Одеса што сака да ги ослободи Грците од владеењето на Османлиите и да формира независна држава. Ипсилантис се водел од примерот на автономните романски кнежевства на Дунав и во нив гледал прва станица за востанието. Како генерал-мајор во Руската армија тој се надева дека Русите ќе застанат на страната на Филики Етаиреја. А си го поставува и прашањето дали Романците се исто толку уморни од османлиското владеење како и Грците.
За Ипсилантис тоа се покажа како сметка без крчмар. Русите не сакаа да дадат воена поддршка за оваа дружина, а ниту Романците сакаа да се побунат против Османлиите. Гневот на сиромашните Романци беше повеќе насочен кон нивната богата каста болјари отколку спрема самите Османлии. Османлиските војски лесно го задушија востанието на Александрос Ипсилантис, тој бега во Австрија и умира во Виена во 1828 година, две години пред ослободувањето на Грција.
Од Дунав востанието се насочи кон сосема друга страна − на Пелопонез. Таму бунтовниците успеваат да заземат неколку градови. Историчарите, како Мари-Жанин Чалиќ, велат дека востаниците „ретко земаа заробеници“ и се однесувале крајно брутално кон муслиманското население. Во градот Триполица, на пример, тие масакрираат повеќе од 6 000 луѓе и, како што пишува Чалиќ, „целата облека и скапоцености беа одземени од живи и мртви. За отсечените глави бунтовниците добија награда, како што е вообичаено со Османлиите“.
Властите возвраќаат со иста бруталност. За време на велигденската служба во Цариград, вселенскиот патријарх Григориј V го извлекуваат надвор − иако тој се оградил од походот на Ипсилантис, па дури и ги екскомуницирал бунтовниците. Како и да е, тој е „линчуван на Велигден во недела со сите индигнии на него од толпа од главниот град“, како што пишува Јоанис Зелепос во својата „Мала историја на Грција“. Подоцна на Кипар „покрај архиепископот беше убиен и целиот виш клер“.
Востанието ја добива својата клучна религиозна компонента – христијани против муслимани. Во декември 1821 година, додека борбите сè уште траеја на многу места, се состана првото Грчко национално собрание, прво во Аргос, потоа во Епидаурус и ја прогласи независноста на Грција на 1 јануари 1822 година. „Привремениот устав“ вели: „Сите автохтони жители на грчка територија кои веруваат во Исус Христос се Грци“.

Улогата на Бајрон
Во Европа веста за грчката револуција предизвикува бран на сочувство што понекогаш се прелева во ирационалното. Во Германија, Англија, Швајцарија, Франција, Италија, па дури и во Соединетите Американски Држави се формираат „филелински комитети“. Тие пишуваат полемички брошури, собираат пари и организираат донации во оружје за востаниците. Нивниот ентузијазам се храни од интелектуални струи кои се поклонуваат кон класичната антика. Јохан Волфганг Гете ја изрази својата блескава врска на далечина со Грција во „Ифигенија во Таврида“ со познатата реплика: „И јас стојам долги денови на брегот, барајќи ја земјата на Грците со душа“.
Во Лајпциг, филозофот Вилхелм Траугот Круг распали за „повторно раѓање на Грција“ во пламен напис. Тоа е идеализирана слика, потхранувана од традициите од антиката и инспирира сè повеќе Европејци. Заостанатата Грција од 20-тите години на деветнаесеттиот век има малку заедничко со најславниот период на класичната Атина пред повеќе од две милениуми, но филелените не сакаат да знаат ништо за тоа.
Британскиот романтичар Перси Шели, кој живее во Пиза, напиша римувана драма „Елада“ во револуционерната 1821 година, исто така во надеж дека ќе може да собере пари преку настапи за поддршка на Филики Етаиреја. „Сите ние сме Грци“, пишува тој во неа; без достигнувањата што античката Елада ѝ ги донесе на европската цивилизација, „сите можеби ќе бидеме дивјаци и идолопоклоници“. Делото е посветено на „Неговата екселенција принцот Александар Маврокордатос“. Набргу потоа Мавркордатос беше именуван за прв претседател на Привремената администрација на Независната република во Епидаурус.
Во грчката борба тогаш се вклучува поетот Бајрон. И тоа, се чини, го носи клучниот пресврт. Тој тргнува од Џенова да ѝ даде опиплив израз на неговата долго сакана и опеана љубов кон Грција. Грчките романтичари со воодушевување ги читаа неговите стихови.


Чекот на 4 000 фунти што Бајрон им ги даде како заем на грчките востаници

Изнемоштен од треска, склон кон делириум, проголтан од неговата последна голема страст − ослободување на Грција − Бајрон легна на својата болна постела. Беше 18 април 1824 година. Големиот романтичарски поет беше мртов следниот ден.
„Јас ѝ го дадов моето време на Грција, моите средства и моето здравје“, запишани се неговите зборови во момент на луцидност. „И сега ѝ го дадов животот! Што би можел да направам повеќе?“
Смртта на Бајрон во Мисолонги, градот опфатен со маларија, предизвика инстантен шок, особено во светот што зборуваше англиски.
Човекот кој бил „луд, лош и опасен да се познава “, славна личност од неговото време, кој бил сакан и мразен во еднаква мерка, помина само 100 дена во земјата чија слобода ја поддржуваше толку бучно.
Бајрон наложи 4 000 фунти − приближно 332 000 фунти денес − да му бидат исплатени на Џовани Орландо, претставник на Привремената влада. Владата беше загрижена за настаните на бојното поле и му се обрати на британскиот поет да им помогне со парични средства.
Парите беа наменети за итни потреби − особено финансирање на флота за одбрана на Мисолонги од опсада на отоманските Албанци.
Бајрон се согласи на заемот во Кефалонија, дел од британските Јонски Острови каде што поетот и неговите сопатници запреа на пат кон Грција. Чекот, последователно искеширан во Малта, беше земен во форма на сребрени шпански долари и поетот ги донесе во Мисолонги.
Парите потоа беа искористени за финансирање на борбени бродови управувани од трговско претпријатие од грчки островјани кои биле профитно ориентирани.
Поетот наскоро застана зад космополитскиот полиглот претседателот Маврокордатос.
Од самиот почеток Бајрон ја искористи својата слава за да ја интернационализира борбата на Грците за слобода, инспирирајќи шарен екипаж на странски филелини. Тој имаше улога како модернизатор, прифаќајќи ги вредностите на просветителството, што беше одлучувачко за одредување на текот на востанието, инаку зафатено со фракциски интриги и граѓански судири.
Бајрон ѝ помогна на револуцијата да се реши како што се реши, создавајќи го она што во тоа време ќе беше прогресивна модерна национална држава. Грција не го следеше примерот на другите делови на Отоманската Империја кои станаа номинално независни, но беа управувани од локални воени лидери.
Подготвеноста на Бајрон да се раздели со толку голем дел од неговото лично богатство имаше непосредно влијание – тоа во голема мерка помогна да се промени текот на настаните. Трупите на отоманските Албанци кои го опседнуваа Мисолонги одеднаш исчезнаа веднаш штом се појави информацијата дека Бајрон ги позајмил овие пари. Заемот на Бајрон, во комбинација со заем подоцна подигнат во Лондон, имаше ефект на натежнување на вагата во корист на избраната грчка влада и против воените лидери.
Смртта на поетот толку рано во револуцијата го поврза неразделно со Грција. Самиот Бајрон вети дека ако Грција падне „ќе се закопам во урнатините“.
И покрај целата поддршка од западните филеленци, бунтовниците сѐ повеќе се во одбранбена позиција: во февруари 1825 година, 17 000 војници од Египет стигнаа на Пелопонез, опремени, вооружени и обучени од француски воени советници. Војниците под команда на Ибрахим Паша, син на османлискиот гувернер во Александрија, зазедоа поголеми делови на Пелопонез и конечно ја зајакнаа османлиската опсада на морската тврдина Месолонги, чија долга одбрана предизвика нови бранови на ентузијазам за Грција во Европа. Во очај, опколените се обидуваат да побегнат низ непријателските редови ноќе. Планот не успеа, османлиските војници ги убиваа оние кои се обидуваа да се пробијат.

Жената од Месолонги
Катастрофата во Месолонги станува светилник, францускиот сликар Ежен Делакроа е инспириран од неа за мрачна слика: „Грција во урнатините на Месолонги“. Жена во фустан налик на туника, со палто обложено со црвено кадифе, ги шири рацете за помош, зад неа е османлиски војник во триумфална поза, пред неа раката на мртов маж излегува меѓу две скршени и подигнати камени плочи. Сликата, првично прикажана во Париз на изложба под наслов „Грчка борба за слобода“, означуваше ретроспектива и преиспитување во политиката на најголемите европски сили. „Од сликата може јасно да се прочита дихотомијата меѓу доброто и злото, цивилизацијата и варварството, христијанството и исламот“, пишува Мари-Жанин Чалиќ во своето дело „Југоисточна Европа − светска историја на еден регион“.
Големите сили, кои дотогаш грчката борба за слобода ја гледаа сомнително како нарушување на политичката рамнотежа, сега полека почнуваат да интервенираат. Во јули 1827 година, Англија, Русија и Франција се согласија првично да посредуваат во конфликтот: според нивниот план, Грција треба да продолжи да плаќа даноци како автономна држава во рамките на Отоманската Империја, но Грците треба да го преземат недвижниот имот кој претходно беше во турски раце. Во случај султанот да не ги прифати барањата, трите големи сили го задржуваат правото да ја продолжат „работата на пацифизирање“ со повеќе опипливи средства.
И токму тоа се случува. Во октомври 1827 година тие заеднички ја нападнаа отоманско-египетската флота кај Наварино. По победничката поморска битка, Французите го заземаат Пелопонез, Русите напредуваат низ кнежевствата на Дунав. Поморската битка кај Наварино ќе остане во историјата како почеток на крајот на Отоманската Империја.
Ото, крал од Баварија
Сепак, конфликтите меѓу грчките востаници стануваат сè поизразени. Националното собрание се согласи да го назначи грофот Јоанис Каподистријас, кој има огромно европско дипломатско искуство (беше и министер за надворешни работи на Русија), за регент седум години. Неговите противници го обвинуваат за премногу авторитарно владеење. На 9 октомври 1831 година, членови на ривалско семејство го убија на скалите од црквата „Св. Спиридон“ во Нафплио, привремениот главен град.


Катастрофата во Месолонги е инспирација за францускиот сликар Ежен Делакроа. Неговата мрачна слика „Грција во урнатините на Месолонги“ има големо влијание во Европа

Европејците сакаат стабилност во новата држава чија неодлучна бабица беа − и одлучуваат да воведат монархија во Грција. Големите сили Франција, Велика Британија и Русија, кои се спротивставени едни на други според влијанието во регионот, се согласуваат за огнениот филеленик од Баварија: 17-годишниот Ото фон Вителсбах, втор син на кралот Лудвиг Први. А монархијата, и покрај сите несогласувања, не е баш она за што сонуваа основачите на Филики Етаиреја. Сепак, во август 1832 година Националното собрание го одобри изборот на Ото за „крал на Грција“.
Младиот монарх ја доверува изградбата на државниот апарат на група искусни баварски службеници. Убави антички згради, од кои многу преживеаја до денес, наскоро ги красат градовите на Грција. Но, неговиот проект за „моделско кралство“, како што диктираше неговиот татко Лудвиг Први, инспириран од идеализираните идеи за Античка Грција, предизвика само умерен ентузијазам кај борците за слобода на Елините. Наместо тоа, многу од нив се препуштаат на „Мегали идејата“, сонот за голема грчка држава во границите на старата Византиска Империја. Тие не ја сакаат Атина, туку Цариград за свој главен град; нивната референтна точка не е класичната антика, туку средниот век кога Византиската Империја ја развива својата најголема раскош и моќ.


По фракциските борби меѓу востаниците, европските сили го инсталираа 17-годишниот баварски принц Ото за крал на Грција

Тие исто така се незадоволни од апсолутистичкото однесување на баварскиот крал. Во 1843 година воен бунт го принуди Ото да прифати устав, Грција стана уставна монархија со парламент. Ото се раздели со Британците кога застана на страната на Русите во Кримската војна.
Ото беше на Пелопонез есента 1862 година кога офицери кои неколку пати имаа обиди за државен удар го соборија од власта. Амбасадорите на големите сили ургираа кај кралот Ото да не се спротивставува. Кралицата и кралот се префрлија на британски воен брод и Ото се врати во Баварија по истиот пат по кој дојде. Во 1863 година грчкото Национално собрание го избра принцот Вилијам од Данска за „крал на Елените“ со име Георгиос Први. И тој имаше 17 години кога беше избран за крал, како и неговиот претходник Баварецот Ото. За време на неговото пензионирање Ото и натаму ја носел грчката традиционална униформа (онаа што сега ја носат евзоните од претседателската гарда). Наводно, според изјавите на сведоците, неговите последни зборови кога умрел во 1867 година биле: „Грција, моја Грција, моја сакана Грција“.
Данскиот принц Вилијам беше поумешен во владеењето со титулата Георгиос Први. Тој остана на чело на грчката држава цели 50 години. За тоа време успеа да ја прошири државата на север, успеа да ја добие Тесалија, а потоа и Егејска Македонија по Првата балканска војна. Беше убиен во атентат во Солун во 1913 година.


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО