Општество

Азески: Идиократско општествено уредување

Дејан Азески

Авторот е историчар, новинар и публицист

Просто неверојатно изгледа како некогаш книгите и филмските сценарија можат беспрекорно да ја предвидат иднината. Таков е случајот со еден нискобуџетен холивудски филм (Идиократија [Idiocracy]) кој пред речиси две децении ги има детектирано сите слабости и дегенерации со кои се соочуваме моментално во оваа пандемиска изолација. Единствено не е предвидено дека дебели и неспособни легачи на кауч можеме да станеме за само една година − таму се верувало дека се потребни векови за да се случи тоа. Многу долго сметав дека ова е само измислен израз кој се користи во комичните филмови и сатиричните сценарија. Но, на крај успеав да најдам дефиниција која идиократијата ја објаснува како ‘владеење базирано исклучително на сопствениот став и мислење без уважување на кое било друго мислење’. Ако ова навистина е вистинската дефиниција за идиократија и идиократско општество, тогаш ние одма може да констатираме дека ние живееме во идиократија цели 30 години, а можеби и повеќе. Сепак, никој нема да спори дека сега е кулминацијата.


Пред петнаесетина години Холивуд сними еден навидум нискобуџетен и евтин филм (Идиократија [Idiocracy]) кој по некоја игра на случајност беспрекорно ја предвиде нашата иднина која овие денови полека ни станува и судбина.
Имено, филмот почнува со таен експеримент на американската војска каде што се замрзнуваат во криеогенски сон двајца случајно одбрани поединци и со тоа де факто се праќаат неколку стотици години во иднината. Главните јунаци се една улична проститутка и, веројатно, најмрзливиот бирократ кој можеле да го најдат. Но, овие два сè потипични претставници на нашата доба во иднината ќе бидат најинтелигентните и најспособните човекови битија бидејќи цела останата планета е населана со идиоти кои седат дома по цел ден, се дебелеат и гледаат телевизија. Врв на филмот е сцената во која е прикажана футуристичка фотеја за гледање телевизија која во неа има ни помалку ни повеќе вградена ВЦ-шолја.
Е, додека го пишувам овој текст почнувам да се чувствувам баш како во идиократското сценарио на истоимениот филм. Веќе година и половина некој ме држи вештачки и на сила во „удобноста“ на сопствениот дом без реална најава кога ова кошмарно падемиско изолациско сценарио воопшто ќе заврши. Сцените од филмот во кои населението е претворено во дебели зомби луѓе со ограничени можности на движење и вештачки затапена интелигенција од гледање во екраните сè повеќе ми стануваат опкружување и сурова реалност.

Единствената разлика меѓу денешната наша пандемиска реалност (која полека од демократија прераснува во идиократија) и сценариото на филмот е тоа што ние денеска сме убедени дека ова некој намерно ни го прави, а во филмот јасно се наведува дека себичноста и глупоста се двата фактори кои ќе го затапат населението и ќе го затворат во своите домови.

Во филмот „Идиократија“ нема расипан политички лидер. Претседател на САД е поранешен кечер (американски борач) оженет со реалити ѕвезда, а тие заедно Белата куќа ја имаат претворено во хотел.
Таму нема ниту расипани корпорации какви што ние сме замислиле, туку ограничени идиоти кои одлучиле посевите со жито заради раст на акциите да ги наводнуваат со енергетски пијалак, а не со вода.
И за крај, таму нема вистински научници да го спасат светот, туку тие се занимаваат со искоренување на ќелавоста и испитување на ерективната дисфункција кај шимпанзите.

Морам да признаам дека и јас со години сум оптоварен со теоријата дека секое поголемо случување во светот доаѓа со некоја причина и за нечиј интерес. Но, филмот можеби е во право кога предвидува дека во едно идиократско уредување никој не е виновен бидејќи колективната одговорност одамна надвладеала над индивидуалната. А сите знаеме дека кога тоа ќе се случи, всушност, доаѓа крајот на светот бидејќи во општеството ништо не функционира.
Од тука сосема е возможно и ние (многу порано од предвиденото) да сме дошле (без да знаеме) во таква идиократска фаза на општеството каде што правиме работи со кои свесно се самоуништуваме и, најлошо од сè, не сме воопшто моќни да ги промениме. Сведоци сме на светски поредок во кој САД (како најголема демократија) и Саудиска Арабија (како убедливо најголема недемократија) се најблиски сојузници само затоа што ги поврзува интересот. Сведоци или современици сме на општества во кои фудбалерите и старлетите се многу повлијателни и поплатени од научниците.

Ќе се согласите, баш едно идиократско сценарио. За крај, ако не верувате дека еден нискобуџетен филм може да ја предвиди толку детално иднината, тогаш прочитајте ја „Временска машина“ од генијалецот Х. Џ. Велс кој не предвидел ништо подобро општество за нашите идни поколенија.

ШТО ЗНАЧИ ТЕРМИНОЛОШКИ ЗБОРОТ ИДИОКРАТИЈА?

Многу долго сметав дека ова е само измислен израз кој се користи во комичните филмови и сатиричните сценарија. Но, на крај успеав да најдам дефиниција која идиократијата ја објаснува како ‘владеење базирано исклучително на сопствениот став и мислење без уважување на кое било друго мислење’. Ако ова навистина е вистинската дефиниција за идиократија и идиократско општество, тогаш ние одма може да констатираме дека ние живееме во идиократија цели 30 години, а можеби и повеќе.
Кога ќе се сетам колку суетни владетели сме имале кои сметале дека се центар на светот, сигурно некој иден учебник по историја нашето општествено уредување ќе го дефинира како идиократско.
И уште се чудиме што при првата поголема криза (во случајов пандемија со ковид-19) ни се руши целиот систем? Па, како е можно и поинаку да биде во услови кога и во најнормално функционирање ние постојано сме биле на работ на општествениот амбис. И, за жал, не зборувам само за македонски прилики, туку за состојби кои се присутни во целиот свет.

Проблемот е што овој процес на тотално „омекнување“ на луѓето (и физички и морално) сè додека еден ден не се претворат во пивтиеста маса многу тешко ќе може да се врати назад. Во минатото решението се барало во квазидеологии кои, во име на лидерот и на државата, барале поголема физичка и морална ренесанса на населението. Но, бидејќи тоа се покажа не само како неуспешно туку и штетно − очигледно е дека ќе мора да најдеме некој сосема нов креативен начин за да го вратиме граѓанството во физички и морален колосек.


Скапо ќе го платиме 24-часовното гледање Нетфликс

И за сам крај на текстот − оваа неприродна затвореност, недоволно активности, многу малку работа и заработка која не доаѓа од никаде сигурно порано или подоцна ќе ни се удри од глава.
Првично ќе ни се удри од глава кога државата веќе нема да има пари да ги сервисира сè повеќе натрупаните долгови, па ќе почне да печати пари, а со тоа да ги обезвреднува нашите заштеди.
Второ, ова здравствено ќе ни се удри од глава бидејќи човечкото суштество не е создадено и генетски предодредено да функционира од кауч. Ние не сме „коали“ кои спијат по 20 часа на ден и имаат ограничено движење бидејќи имаат и ограничен внес на енергија преку минимумот храна наречен еукалиптус. Напротив, ние кога седиме дома, покрај тоа што не се движиме, јадеме двојно повеќе.
Трето, изолацијата и тоталното затворање ќе ни се удрат од глава преку тоталното отуѓување или десоцијализација што делумно ќе нè направи диви сушстества. Нашите баби и дедовци паметат луѓе кои избегале од селото од одредени причини и по долги години во планината и самотијата буквално подивеле или веќе не биле способни нормално да комуницираат и да се дружат.
И, секако, невозможно е да не предвидиме дека ова утре некој ќе сака да го злоупотреби. Додека луѓето се дома, некој да ги преземе улиците, а можеби и границите.


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО