Интервјуа

Костадиновски: Вложувањето во акции носи сериозно високи стапки на добивка

Коста Костадиновски

Основач на Капитал Ассет Менаџмент

На македонскиот пазар се појави ново друштво за инвестициско советување и управување со индивидуално портфолио на хартии од вредност, Капитал Ассет Менаџмент. Зошто се одлучивте на овој чекор и постои ли потреба од вакво друштво?

К. Костадиновски: Се разбира дека има потреба затоа што тргувањето во Македонија е ограничено на мал избор на акции, со релативно низок промет и слаба ефикасност на пазарот. Од друга страна, на странските берзи има огромна понуда на акции. За да се направи правилен избор на портфолио од акции, секако на инвеститорите им треба професионална поддршка од портфолио менаџери чија работа е да направат детални фундаментални и технички анализи на компаниите кои котираат на странските берзи и соодветно да ги рангираат компаниите според определени индикатори.
Имајќи предвид дека пазарот за хартии од вредност за македонските граѓани и фирми се либерализираше во смисла на ослободување на ограничувањата за стекнување акции од странски компании, потребата од професионални инвестициски советници и портфолио менаџери е неопходна. Со либерализацијата се отвори сосема нов хоризонт со неограничени можности, но и истовремено пазар кој со себе носи определени ризици и има различни карактеристики од оние на кои беа навикнати вложувачите на македонската берза.
Дополнително, во последниве години, значително се намалија каматните стапки на традиционалното штедење. Ние имаме решение со кое средствата ќе се оплодуваат со значително повисока стапка на пораст, притоа имајќи ја можноста за повлекување на вложените пари на брз и едноставен начин во секое време. Вложувањето во акции носи сериозно високи стапки на добивка ако тоа се прави на правилен начин.

Која услуга најмногу ја бараат луѓето во однос на професионалното тргување?

К. Костадиновски: Вообичаено на луѓето им требаат повеќе информации и советување за нивните вложувања на берзата, но исто така голем дел се одлучуваат своите пари да ни ги доверат на управување, каде што ги носиме инвестициските одлуки за купување или продавање на одредена акција. Kлиентот добива транспарентен извештај за состојбата на неговите пари и сите извршени трансакции и наплатени трошоци на секои три месеци.
За жал, кај нас, генерално, граѓаните не се запознаени како да вложуваат во акции, ниту имаме традиција пренесена од нашите родители и предци. Затоа голем дел од нашето работење го посветуваме на едукација и информирање на граѓаните за потенцијалот кој може да се искористи од вложувања во акции. Истовремено преку професионална грижа за вложените пари и правилно професионално тргување овозможуваме да се создаде капитал со кој клиентите ќе ја обезбедат својата финансиска сигурност.


 

Коста Костадиновски е лиценциран инвестициски советник од Комисијата за хартии од вредност со 17-годишно искуство во областа на финансиите и на пазарот на капитал. Јавноста го знае како досегашен главен извршен директор на Илирика фунд менаџмент. Во својата професионална кариера работел и извршувал функции во финансиски институции како банки и пензиски фондови.


 

Иако сте нови на пазарот, сепак, вашиот тим има долгогодишно меѓународно искуство на берзите и промовирате компетентен тим советници за управување со личните финансии. Какви услуги ќе давате на вашите клиенти?

К. Костадиновски: Во годините додека на македонските граѓани не им беше дозволено да вложуваат во странски акции, јас и моите колеги имавме можност да работиме за финансиски институции како инвестициски и пензиски фондови кои немаа ограничувања и бевме присутни и работевме на странските берзи. Низ годините стекнавме огромно искуство на самите берзи и знаеме како да се постави целосната потребна инфраструктура која треба да служи за да се обезбеди сигурност за вложените пари. Создадовме и солидна мрежа на контакти и познанства со стручни и компетентни лица од областа на финансиите низ регионот и светот кои овозможуваат да бидеме во тек со најновите случувања и трендови. Капитал Ассет Менаџмент го преточи ова во две ексклузивни услуги и тоа лично инвестициско советување за вложување и управување со индивидуално портфолио на хартии од вредност.

Која е разликата меѓу самостојно и професионално тргување со хартии од вредност?

К. Костадиновски: Кога инвеститорот самостојно купува или продава акции сите одлуки треба да ги донесе врз основа на сопствени анализи или видувања. Најчесто тука се јавуваат проблемите затоа што најголем дел од инвеститорите или немаат време, или немаат знаење или немаат потребни алатки за да направат соодветна проценка на потенцијалот за раст или пад на вредноста на одредена хартија од вредност. За разлика од нив, професионалните портфолио менаџери се луѓе чија работа е да ги следат, да ги анализираат, да го изберат моментот и соодветно да дејствуваат со купување или продажба на одредена хартија од вредност. Додека инвеститорите се емотивни во однос на носењето определени одлуки, професионалните портфолио менаџери ги исклучуваат емоциите и дејствуваат рационално согласно резултатите од претходно извршените анализи. Луѓето вообичаено реагираат панично кога цените на пазарите одат надолу и ги продаваат своите акции, но со тоа излегуваат од пазарот кога компаниите се најпотценети, односно цените се најдобри за купување.


(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО