Општество

Камберова: Филозофска приказна

Сузана Камберова

Авторот е доктор по медицина

Сите филозофи се вљубени во ѕвездите. Никој не може да ме убеди дека е поинаку. Веднаш препознавам сродна филозофска природа кога кај некого ќе насетам таков интерес. Таа заљубеност мора да е поврзана со прашањата, кои нас заљубените, отсекогаш нè мачат:

Од каде доаѓаме? Кои сме ние? Каде одиме? Има ли животот смисла и ако има која е? Постои ли Бог?

Така од едно во друго, надоаѓаат уште безброј нови прашања. Погледнeте кон ѕвездите навечер, кога сте сами и кога е тивко и, ако сте во душа филозоф, веднаш на памет ќе ви падне некое вакво прашање. Понекогаш оваа филозофска љубопитност ќе ја сретне истата тема изразена низ уметост. Тогаш разумот и сетилата ќе се помешаат и од спојот на двете ќе настане мала приказна.

„Во дамнешни времиња, без покрив над главата, сам и со надеж дека никој ноќта нема да го нападне, лежи под ведро небо првиот пра-, прафилозоф и се обидува да спие. Гледа горе, кон небото. Ноќта е ведра. Погледот му талка по ѕвездите. Го влечат кон себе во висина, го мамат, загатнуваат.

Полека, тој се оддалечува од случките на денот, потрагата по храна и засолниште и слични доживувања и почнува да тоне во размислувања. А со размислувањето се јавуваат и првите прашања. Рој прашања, едно преку друго, му се плеткаат низ мислите. Кој е тој? Кој го создал? Што прави тука? Која е смислата на неговото постоење? Зошто е баш овде, во овој миг и на ова место? Ако е веќе создаден, зошто треба да умре? Што е смртта? Конечна ли е или нешто останува да постои по неа? Сами ли сме во овој бескраен простор? Колку и на кој начин можеме да го осознаеме? Каква е моќта на умот? Може ли тој да ја сознае стварноста? Има ли други светови, таму некаде горе? Дали во овој ист миг и некој друг, исто вака како него, гледа во небото и ѕвездите барајќи одговори на слични прашања?

Ох, толку недоумици има тој, кутриот наш филозоф, а сосема малку одговори. Трепка и гледа во височините. Му се чини, таму горе лежи клучот за сите овие непознаници.

Тие знаат, ѕвездите мора да знаат. Треперат и блескаат, рамнодушни на човечките маки и судбини. Насекаде се, го обземаат. Смирувачки е тој блесок, дури хипнотизирачки.

Нашиот филозоф полека, без да сети, паѓа во длабок сон. Ноќта лесно го обвиткува, ги стишува сите звуци, ништо околу него не се слуша. Никој не се прикрадува. Телото конечно му се опушта. Филозофот сонува. Искачен е до ѕвездите. Лебди, лесен како здив. Се движи сè погоре и погоре. Веќе стасал меѓу првите ѕвезди. Сè околу него е исполнето со светлина и звуци. Пред себе здогледува слика. Еден впечатлив лик. Во средиштето на светлината и на звуците стои старец со долга бела брада. Свртен е напола со грб кон него. Во раката држи некаков долгнавест предмет, со проширен долен дел, свиткан кон горе во јамка. Другиот крај од предметот му е во устата.

Тој полека, сосема полека ја врти главата. За миг погледнува во нашиот филозоф, со очи без зеници и без израз. Сини, најсини очи. Како небо во летно пладне. Вовлекува воздух, ги шири градите, па полека издишува. Од предметот, кој му е во устата, излегува проѕирен, беликав чад, движи и се распростира наоколу, се згуснува, па преминува во млечно бел облак. Во облакот светкаат сите ѕвезди, се движат и вртат во круг сè побрзо и побрзо. Кругот се издолжува во спирала која врти и врти и се спушта, понира сè подлабоко и сè подолу.

И во центарот на тој вртеж од ѕвезди, бои и звуци, нашиот филозоф се здогледува себе си. Долу е, најдолу. Легнат е на земја. Спие. Цврсто.
Сонува. За световите и за создателите...


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО