Интервјуа

Миленковски: Универзитетот за туризам и менаџмент креира стручни кадри потребни за бизнис-секторот

Проф. д-р Аце Миленковски

Ректор на Универзитетот за туризам и менаџмент

Универзитетот за туризам и менаџмент оваа година слави 15 години од своето основање. Како започнавте и кои се главните предизвици со кои се соочивте во досегашниот период?

А.Миленковски: Почетоците секогаш се придружени со тешкотии, но доколку од почеток не се постават работите на начин кој ќе обезбеди вистинска насока потоа тешко се поправаат грешките кои следуваат.
Уште од самото основање, Универзитетот за туризам и менаџмент си постави за цел да ги следи успешните универзитетски приказни надвор од границите на нашава држава. Тоа беше основата на која се надгради натамошната работа на Универзитетот. Она што прво требаше да се направи беше да се одбере пример на универзитет со европски и светски стандарди според кој треба да се работи. Изборот падна на Универзитетот во Риека, поточно Факултетот за туризам и угостителство во Опатија. Веднаш потоа почнавме со имплементација на методологија која гарантира квалитет во наставата и им нуди практични ангажмани на студентите како основна база за квалитетно образование, кое гарантира продуцирање на стручни кадри подготвени да се соочат со предизвиците на професијата на кој било континент во светот. Или со други зборови, патот беше и сѐ уште е трновит, но задоволството е големо кога знаете дека сте создале институција која перманентно расте, а нејзините резултати се валоризирани, неспорни и видливи за сите. За тоа сведочат големиот број награди и признанија кои ги добиваме од целиот свет како потврда за нашиот квалитет и посветеност во работата. Така, на пример, Универзитетот поседува диплома за TEDQAL, односно диплома за висок квалитет на наставата во туризмот од Обединетите нации. Во 2018 година добитници сме на Наградата за квалитет во Република Македонија, од ССКРМ, врачена од претседателот на државата Ѓорге Иванов. Исто така особено ни е драго што сме во групата со најдобрите светски универзитети со критериум на одговорност и посветеност кон животната средина и одржливиот развој. Можеме слободно да се пофалиме и со меѓународното научно списание (UTMS Journal of Economicѕ ) кое е високоиндексирано во меѓународните научни бази на податоци и уште редица примери за иновативност во процесот на образование кои ни донесоа мноштво награди и признанија.

Дали Универзитетот се менуваше со текот на времето во поглед на бројот на студенти, бројот на факултети и студиски програми? На кои факултети може да се запишат денес идните студенти на Вашиот Универзитет?

А.Миленковски: Организацијата која не се менува не можеме да кажеме ни дека напредува. Промените и развојот се случија и кај нас. Нашата приказна започна со еден факултет и тоа со Факултетот за туризам. Замислата беше да основаме мал, но квалитетен факултет за туризам кој ќе ги смени методите на работа и ќе произведе квалитетен кадар во туристичката индуструја. Тоа и се случи. Првата генерација на дипломирани менаџери од областа на туризмот имаше невообичаена методологија на работа, велам невообичаена за наши услови. Нашиот слоган беше „Патувај и учи“. Студентите во текот на академската година патуваа на повеќе дестинации учејќи не само од теоријата туку и од теренот. Ги запознаа луксузните туристички објекти, успешните туристички менаџери и најатрактивните туристички дестинации во Европа и пошироко. Денес во секторот туризам задоволство ми е да ги гледам моите студенти како успешни менаџери на туристички организации, успешни водичи, придружници итн., и не само кај нас, туку и во многу развиени светски туристички дестинации.
По три години од Факултет за туризам организацијата прерасна во универзитет со пет факултети. Бројот на студенти се зголеми. Воведовме современа методологија на работа на сите факултети, додадовме и софтверска поддршка на сите процеси кои се случуваат во контекст на изведување поквалитетна настава. Дигитализацијата за која денеска се зборува дали треба да се спроведе или НЕ, дали е начинот на имплементација соодветен или НЕ... ние одамна го воведовме и им овозможивме на студентите да работат од далечина.

Кажете ни малку повеќе за наставниот кадар на Универзитетот, но и за денешните студенти. Што е она што младите најмногу сакаат да студираат?

А.Миленковски: Наставниот кадар на УТМС е високорангиран кадар обучен за користење на најсовремена образовна методологија на работа, подготвен и достапен за студентите да можат на пристапен начин да дојдат до потребните знаења и да се стекнат со посакуваните знаења, вештини и компетенции. Можам целосно да се потпрам на наставниот кадар, вработен и ангажиран на УТМС.
Студентите, пак, се еднакво исти како и на сите останати универзитети. Некои од нив имаат секогаш поголеми амбиции од очекуваните, а некои чекаат амбициозноста да им ја предизвикаме ние професорите. Во секој случај, кадарот е подготвен за индивидуален приод кон потребите и капацитетот на секој студент. Ова е многу важно за обезбедување на проодноста на студентите на факултетите на УТМС, нешто на што инсистираат европските стандарди.
Не е важно која насока или факултет ќе ги одберат младите, важно е што сѐ повеќе студенти се подготвени да се залагаат за консумирање на квалитетно образование знаејќи дека квалитетот на студии ќе даде квалитет во нивната работа во годините што доаѓаат.

Една од вечните теми е релацијата диплома – знаења или компетенции. Многумина ги поистоветуваат овие две работи. Каков е пристапот на Вашиот Универзитет по ова прашање? Какви знаења, вештини и образование стекнуваат дипломците на Универзитетот за туризам и менаџмент?

А.Миленковски: Вредноста на дипломата зависи од можноста таа да ги претстави стекнатите знаења, вештини и компетенции на дипломците, односно на магистрите од конкретниот факултет и можноста да биде „прочитана“ и прифатена насекаде во светот. Нашите дипломи ги задоволуваат европските и светските стандарди и критериуми за мерливост на стекнатото знаење. Што се однесува до компетенциите кои ги стекнуваат нашите студенти, слободно можам да кажам дека студентите кои се заинтересирани за тоа можат по завршувањето на студиите да се стекнат не само со диплома за завршено образование туку и да ја исполнат сопствената биографија со посетени и организирани обуки, како и препораки од менаџери за квалитет на изведена практична работа. Се трудиме студентите да се стекнат со практични вештини и да ја осознаат апликативната вредност на стекнатото теоретско знаење во практиката, да ги осознаат состојбите во нашите компании и да направат споредба со она што го виделе во странство на практикумите на кои ги носиме во текот на семестрите. Ние ги подготвуваме нашите студенти да станат лидери во секторите во кои ќе се вработат, а преку 70 % од дипломираните и магистрираните веќе се вработени уште веднаш.
Секако, кога се во прашање практичната работа и практикумите исклучок е направен во последнава година кога поради пандемијата со корона-19 вирусот многу активности замреа во светот, па и во нашава држава.

Образованието е еден од столбовите на државата. Впечаток е дека изминативе децении нашиот образовен систем стана поле на кое постојано се менуваат работите, но не на конзистентен начин и како резултат на реализација на одредена долгорочна државна стратегија за која е постигнат консензус. Како да се моделира секторот образование во такви околности и тоа да се подигне на повисоко квалитативно ниво?

А.Миленковски: Најважно е да имаме квалитетен и компетентен министер за образование и наука кој ќе си ја познава работата, ќе ја знае својата улога и ќе му биде јасно како и каде треба да го организира, да го подготви и да го постави националниот образовниот систем да биде подготвен за изедначување со европскиот образовен процес.
Сведоци сме на изработка на голем број стратегии за образование во нашава држава. Меѓутоа, ниедна не е прифатена од целокупната научна и образовна јавност. Зошто? Затоа што во нејзината реализација учествуваат парцијално одбрани луѓе кои не секогаш се најповиканите за изработка на државна стратегија за образование. По изработка на една стратегија се прави следна, со сосема други „професионалци“ и со сосема нови приоритети и така до бескрај. Многупати во моите интервјуа ги споменувам непотребно или грешно воведените проекти, со несоодветна подготвеност на теренот и наставниот кадар. Сето тоа се рефлектира, за жал, негативно врз знаењето на учениците. Затоа денес образованието ни е на срамно ниско ниво.
Што треба да се направи? Треба да се направи избор на лица кои на државно ниво се најсоодветни за изработка на стратегија за образование, со соодветно искуство и знаење, со познавање на образовните системи во пошироки рамки, да се изработи стратегија која ќе го опфати целокупниот образовен систем каде што, освен училиштата и факултетите, ќе бидат инволвирани и организациите кои имаат врска со образованието, а секако во стратегијата ќе мора да се вклучи и реалниот сектор. Врз база на вака создадената стратегија треба да следува реализацијата, започнувајќи од високото образование.

Што треба конкретно да се направи за високото образование?

А.Миленковски: Првата работа што треба да се направи е да се донесе нов закон за високото образование кој ќе биде позитивен во смисла на изедначување на македонското високо образование со европското високо образование. Македонија е од 1999 година потписник на европскиот договор за ЕКТС (европски кредит трансфер систем). По десет години неможност да се имплементира договореното, продолжена е имплементацијата за уште една година... Но, ние и по 31 година немаме вистинска и целосна примена на ЕКТС во високото образование и, што е уште поинтересно, мислам и дека не сакаме.
На пример, сведоци сме за немање усогласен критериум за оценување на знаењето на студентите на ниво на еден факултет, да не зборуваме за на ниво на универзитет, а за примена на европски стандарди воопшто не станува збор. Па така на ист факултет еден професор оценува со еден колоквиум и испит, некој со два колоквиума и испит, некој со три колоквиума и испит... или некоја друга форма на оценување што сам си ја поставил. Тоа не може така. Ова е само еден од многуте примери во однос на оценувањето.
Недоследната примена на ЕКТС во високото образование доведе до наметнување на мислење кај јавноста дека ЕКТС не функционира добро. Па, ако не се применува како што треба, нормално е дека нема да ги даде очекуваните резултати. И замислете, во развиените држави ЕКТС одлично функционира и произведува квалитетни високообразовани кадри, а само во нашава држава не функционира како што треба.

Пандемијата предизвикана од ковид-19 влијае и врз процесот на образование. Како се одвиваше наставата досега на Вашиот Универзитет и како ја планирате за новата академска година?

А.Миленковски: Пандемијата од ковид-19 се одрази насекаде во светот врз образованието. Најголемиот дел од образовните организации тешко се вклопија во новите услови за работа. Условите за учење и работа, како и менаџментот во училиштата и на универзитетите дојдоа до израз со оваа пандемија.
На УТМС предавањата, материјалите за учење, презентациите и потребната литература им се електронски достапни на студентите. По електронски пат обезбедивме учење на далечина. За тоа не ни беше потребен период за обука на наставниот кадар ниту обука за студентите. Тие веќе го практикуваа комбинирано и овој начин на учење.
Што се однесува до новата академска година, ќе започнеме да работиме со физичко присуство на настава, секако, притоа применувајќи ги и почитувајќи ги сите препораки кои се дадени за превенција и борба против ширење на ковид-19.

Дали Вашиот Универзитет има меѓународна соработка и одредени акредитации за своето работење?

А.Миленковски: Да, секако. Меѓународната соработка е многу важна за успехот на секоја високообразовна институција. Осознавајќи го овој факт, УТМС разви извонредна мрежа за соработка со најквалитетните високообразовни и стручни институции во светот под раководство на Академијата на Организацијата на обединетите нации (UNWTO Academy). Нашата работа е перманентно ревидирана на секои 3 години од Обединетите нации преку Светската туристичка организација. ООН создадоа TedQual систем за сертификација кој е составен од серија критериуми за евалуација − универзално применливи за секоја едукација, обука и истражувачка програма − што овозможува да се измери ефективноста на педагошкиот систем, како и до кој степен се опфатени потребите, посебно на туристичкиот сектор, на граѓанското општество и на студентите во вакви програми. Фактот што од преку 25 000 универзитети во светот само 98 од нив ги исполнија строго пропишаните критериуми да се стекнат со TedQual диплома, меѓу кои и УТМС, доволно говори за нашиот успех и квалитет во светски рамки. Нашите студенти се горди што на нивните дипломи стои знакот за квалитет на Обединетите нации, овозможувајќи им на тој начин светска диплома која ги вбројува во меѓународно најбарани професионалци во својата област.

Како работата на универзитетот ја поврзувате со бизнис-секторот?

А.Миленковски: Соработката со бизнис-секторот е неизбежна ако сакате да створите квалитет кој ќе ги помести границите и ќе наметне брзо темпо во стопанскиот развој. Оваа соработка се наметнува како можност и предизвик во исто време за да се создаде вистинска база на човечки капитал кој ќе ги задоволи сегашните и идните барања на пазарот. Во соработка со бизнис-секторот, УТМС се обидува да ги воочи можностите и предизвиците, нудејќи им на студентите сеопфатно портфолио на производи и опции за нивниот професионален развој. За таа цел, на Универзитетот се создадени советодавни одбори во кои најуспешните професионалци од својата област во нашава држава заедно со академскиот кадар работат на размена на знаења и искуства фокусирајќи се на главната цел која вклучува креирање и подобрување на образовните програми. На тој начин најдиректно ги обликуваме професионалните капацитети на студентите според актуелните потреби на стопанството.

Кои се Вашите планови за иднината на Универзитетот?

А.Миленковски: Сите изминати 15 години УТМС се труди и успева да ги следи и да ги применува современите високообразовни трендови, така и ќе продолжи во иднина. Притоа, со своите професионални ангажмани, Универзитетот се труди да ги менува условите за работа во потесното опкружување за доброто на сите.
Кога станува збор за плановите, моменталните заложби на менаџментот на Универзитетот се зголемување на интернационализацијата и атрактивноста на нашите студиски програми во глобален контекст. Инвестираме во поголема препознатливост на нашата институција во меѓународни рамки за привлекување на што поголем број студенти и наставно-научен кадар, што пак ќе обезбеди и поголема идентификација на нашава држава како атрактивна образовна дестинација која има капацитет да понуди апсолутен образовен квалитет.


Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО