Финансии / Банкарство

Средба Ангеловска-Бежоска и Ангелов: Економската активност во првата половина од годината се совпаѓа со проекциите на Народната банка

Бруто домашниот производ, во првата половина од оваа година, оствари раст којшто речиси во целост се совпаѓа со проекциите на Народната банка, поттикнат и од кредитната поддршка од банкарскиот сектор. Се очекува натамошно постепено закрепнување на економијата, што во голема ќе зависи од закрепнувањето на нашите најзначајни трговски партнери, што, пак, е условено главно од ризиците поврзани со епидемиолошката состојба. За ова беше разговарано на работната средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Република Бугарија во земјава, Ангел Ангелов и со генералниот конзул на Република Бугарија во Битола, Димитар Иванов. На средбата стана збор за општата економска состојба, како и за мерките коишто се преземаат за поттикнување на економската активност.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека состојбите во македонската економија, како високо отворена економија, во голема мера зависат од движењата во еврозоната и  во Германија, којашто е наш главен трговски партнер. Со оглед на проекциите на ЕЦБ за нивно натамошно закрепнување, се очекува дека тоа позитивно ќе влијае и врз нашата економија. Гувернерката се осврна и на состојбата на македонската економија годинава, при што посочи дека олабавената монетарна политика придонесува за закрепнување на економијата. Во првата половина од оваа година е остварен раст од 5,2%, што речиси во целост се совпаѓа со проекциите на Народната банка (5,4%). Согласно со последните макроекономски проекции, очекувањата се дека економската активност ќе се врати на преткризното ниво на почетокот на 2022 година.

Во однос на монетарната политика во услови на пандемија, гувернерката посочи дека од особено значење за нејзиното олабавување е комфорното ниво на девизните резерви, а во тој контекст, и пристапот до девизна ликвидност овозможен за првпат преку репо-линијата одобрена од страна на Европската централна банка. Иако Народната банка немаше потреба од користење на средствата, сепак подготвеноста на Европската централна банка значително придонесе за одржување на стабилноста на домашната валута при променливи пазарни движења во текот на здравствената криза.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека мерките на Народната банка овозможија намалување на цените на кредитите и постојан кредитен раст во текот на пандемијата. Банкарскиот сектор досега добро се справува со ризиците од пандемијата, за што говори и растот на депозитите и солидниот кредитен раст. Исто така, добрите остварувања на банките и претпазливите регулаторни барања во изминатиот период овозможуваат соодветна капитализираност на банкарскиот систем и негова подготвеност за справување со предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнување на економијата, коешто е во тек, позитивно придонесува за одржување на макроекономската и финансиската стабилност и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесниот карактер на корона-кризата наметнува потреба од постојана подготвеност и будно следење на состојбите, заради преземање соодветни мерки за справување со предизвиците.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано