Општество

Драстичниот пад на квалитетот на образованието е долгорочно поголема катастрофа од самата Корона

Дејан Азески

Авторот е историчар, новинар и публицист

Нема да е на одмет по завршување на кризата (ако некогаш и воопшто заврши) да се направи една темелна евалуација на сите оние кои своето образование се труделе или не се труделе да го стекнат преку компјутерот дома. Како што дедо ми по Втората светска војна го продолжил образованието со двегодишно задоцнување (така проценила комисијата), така треба и денешните млади да продолжат со образовниот процес токму таму каде што објективно и застанале. Ова се генерации кои не за сто години, туку за десет веќе ќе се вработени некаде во некоја институција и фирма и погрешно ќе го заведува нашиот стаж за утре да не можеме да земеме полна пензија. Најстрашно од сè − тоа ќе се деца кои не знаат апсолутно никаква историја и со тоа ќе се принудени да ја повторуваат заедно со сите нејзини грешки.

Аналитичарите, а и историчарите мака мачат да ги сумираат сите штети кои ни ги нанесе ова зло наречено пандемија ковид-19. Пред сè, тука се човечките животи, семејствата завиени во црно, оние кои ја преживеале короната, но останале со трајни последици... Веднаш по нив доаѓаат оние кои останале без работа, ги изгубиле бизнисите и домовите, умреле од глад (има и такви и тоа значително многу). Но, ниедна од овие морбидни статистики верувајте долгорочно не е толку страшна за човештвото колку генерациите кои овие денови остануваат без соодветно образование.
Тоа е процес или антипроцес кој буквално ги поткопува самите корени на современото општество и остава проблем во најава за генерациите кои доаѓаат.

ТЕЗАТА ДЕКА ТАКА БИЛО И ВО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА АПСОЛУТНО НЕ ДРЖИ
На оваа моја теза која веќе подолго ја пропагирам често добивам коментари од типот дека по секоја поголема светска криза кога децата не оделе на училиште општеството како феникс се издигало од пепелта и постигало најголеми можни успеси. Но, никој не зема предвид дека во Втората светска војна структурата на економијата била во најголем дел составена од примарниот и секундарниот сектор, а терцијарниот како услугите и креативата едвај и да постоел. Со сета почит кон оние кои својот леб го вадат од земјоделството, а со тоа нè хранат и сите нас, но за таков тип на работа нема потреба од некое долгорочно образование надвор од семејниот круг. Па така на руските селани кои четири години живееле под чизмата на Хитлер воопшто ништо не им се сменило во поглед на образованието бидејќи тие и претходно не оделе во никакво училиште.
Но, за разлика од операцијата Барбароса и годината 1941, ние денеска се наоѓаме дури во годината 2021 кога од структурата на економијата, па натаму сè е променето. Познато е дека поради напредок на современата технологија на производство и на исхрана, само 10 % од населението во развиените држави има потреба да се занимава со земјоделско производство. Дури и оние кои вредно работат во класичната индустрија се категорија во изумирање во сите развиени држави така што во денешно време за да заработиш, па макар и некој среден приход, ти е потребен навистина голем и преголем образовен багаж зад себе. Во ера кога креативата ги движи економијата и светот, младите ни се опкружени со колективна депресија. Ова едноставно не води на добро, а тоа ќе го видиме час поскоро.
Дополнително не држи и тезата дека на денешните млади не им е потребна класична едукација бидејќи го имаат интернетот и преку него се самообразуваат во насоки кон кои имаат афинитети. Тоа до некаде можеби е и точно. Но, мора да се има предвид старата поговорка дека оној кој не го воспитува семејството и училиштето, ќе го воспитува улицата. Слободното користење на интернет согласно своите афинитети, а многу често и нагони е ништо друго освен некоја нова и современа улица која воспитува. На интернетот демнат милиони и милијарди опасности за децата кои ја игнорираат онлајн наставата и се обидуваат да најдат нешто што ќе им го задржи вниманието подолго од нивната стара наставничка пред пензија која едвај успеала да се уклучи на ЗУМ за да го одржи часот.
И оние кои плаќаат онлајн курсеви за наменски да се образуваат не го решиле целосно проблемот. Во последно време многу популарни се курсевите за Аутокад каде што се ветува дека секој од нас може да стане архитект преку ноќ. Веројатно големите класични имиња од оваа професија се превртуваат во земја. Без разлика на современата технологија, без разлика на еволутивниот генерациски развој на нашите поколенија, ништо, ама баш ништо не може да го замени класичниот начин на образование.


Што треба и што мора да се направи?
Ако држи тезата дека овие две години од короната се изгубен дел од нашите животи, нема да е толку штета да ги прогласиме и за изгубен дел од образованието на нашите млади. Па така нема да е на одмет по завршување на кризата (ако некогаш и воопшто заврши) да се направи една темелна евалуација на сите оние кои своето образование се труделе или не се труделе да го стекнат преку компјутерот дома. Верувам дека има многу такви кои не ја злоупотребувале удобноста на својот кауч за да препишуваат на проформа испитите. Но, уште поубеден сум и дека има многу такви кои тоа и тоа како го правеле и го злоупотребувале. Затоа, како што дедо ми по Втората светска војна го продолжил образованието со двегодишно задоцнување (така проценила комисијата), така треба и денешните млади да продолжат со образовниот процес токму таму каде што објективно и застанале.


 

КОГА МИСЛАМ НА КЛАСИЧЕН ОБРАЗОВЕН ПРОЦЕС НЕ МИСЛАМ НА ПОЛУВОЈНИЧКАТА ДИСЦИПЛИНА НА КОЈА НАС НÈ УЧЕА
Овој текст ќе предизивка реакции бидејќи насоката во која се движи многумина ќе ги потсети на нивните денови во социјалистичките средни училишта каде што за една секунда влегување по ѕвоното се добиваше неоправдан изостанок, а за неизбришана табла укор од совет или директор. Затоа нагласувам дека ние имаме погрешна перцепција за класичното образование.
Навистина покрај милионите позитивни работи на тој образовен систем имаше и многу непрактични и нефункционални кои многу ученици ги одвратија од желбата соодветно академски да се развиваат. Многу често формата беше поважна од содржината, а фактографијата се учеше напамет.
Но, надвор од тој наш наметнат свет за кој нè убедуваа дека е идеален, во развиениот свет постоеше современо образование базирано врз научно-истражувачката дејност која најпрактично можно ги припремаше учениците и студентите за светот со кој ќе се соочат. Тука пред сè мислам на американските универзитетски кампуси кои по големина се цели градови, а по суштина вистински храмови на напредокот и на прогресивноста. Американските ги користам како пример бидејќи за нив имаме најмногу информации − инаку верувам дека и во Русија и во Кина и во останатите успешни земји постојат исти или слични такви можности.
Поточно да кажам − постоеле такви можности бидејќи веќе практично ги нема. Сиот оној магичен момент кога знаењето се врежува во кората на мозокот додека ученикот практично ја држи епруветата, сега се отидени во вода. И американските и руските и сите светски деца во најголем дел учат по принципот на онлајн настава и се спремаат да бидат идни хирурзи кои никогаш не фатиле скалпел. Се спремаат да бидат идни адвокати без никогаш да поминале практичен ораторски испит.
Ова се генерации кои не за сто години, туку за десет веќе ќе се вработени некаде во некоја институција и фирма и погрешно ќе го заведуваат нашиот стаж за утре да не можеме да земеме полна пензија.
Најстрашно од сè − тоа ќе се деца кои не знаат апсолутно никаква историја и со тоа ќе се принудени да ја повторуваат заедно со сите нејзини грешки.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО