Општество

Георгиев: Кандидатите, а не партиите

Гордан Георгиев

политиколог

Локалните избори, закажани за есента 2021 година, ќе бидат возбудливи од неколку аспекти. Тоа ќе бидат најверојатно првите пост-Ковид избори (да се молиме барем дека од епидемиолошки аспект ќе бидеме порелаксирани), ќе бидат избори во кои граѓаните/гласачите повеќе ќе ценат личности отколку партии, и трето, најверојатно ќе бидеме сведоци на едно големо шаренило во локалните власти.

Покрај многуте тешки лекции кои ги научивме од пандемијата како и големиот данок во животи кои го плати човештвото, оваа глобална катастрофа направи од нас локални битија. Локални во смисла на затварање во нашите домови, комуницирање само во еден исклучително рестриктивен простор (семејството, та дури ни тоа), развивање на себични нагони за преживување и заштита само на нашите најблиски, постојано преиспитување на смислата на се’ околу нас и воопшто смислата на нашата иднина како единки и како човештво. Луѓето се заситени од глобална политика, а националната политика им станува важна најмногу од аспект на функционирање или нефункционирање на здравствениот систем и доставата на вакцини за населението. Да, низ светот и понатаму има војни и конфликти, геополитичката тектоника се’ уште и забрзано работи, распределбата на парите и на капиталот добива нови и неочекувани димензии, а диспаритетот помеѓу богатите и сиромашните (оние кои преживеаја, би рекле циниците) станува сѐ поголем. Заситени од големите теми и глобално-националните прашања кои нѐ прават мали џуџиња во однос на разјарената пандемија, бевме натерани да останеме дома и на брутален и соголен начин да ја сфатиме важноста на домот и на нашата непосредна околина. А со тоа и повеќе да го цениме просторот во кој живееме. Последнава година и пол тој простор неверојатно се стесни. Нашиот дом да биде чист и испран, децата да имаат функционални компјутери за онлајн настава (кои ете баш често се расипуваат), комшиите да бидат здрави и емпатични, локалниот гранап и гранапчија да бидат добро снабдени (и да почитуваат Ковид мерки и да бидат безбедни), улиците околу нас и паркчето пред зграда да биде чисто, а тревата искосена. Да нема прав и воздухот да биде чист. Викенд на планина или на македонско езеро е луксуз, небаре на Малдиви сме отпатувале.

Ценејќи ја повеќе важноста на просторот во кој живееме, природно ќе ги цениме и луѓето кои се одговорни за тој простор. Комуналните служби, локалната полиција, наставниците во училиштата и воспитувачките во градинките. Со еден збор, општинската администрација и градоначалникот на нашата општина.

И тука доаѓаме на втората тема: каков градоначалник ќе гласаме. Ако тргнеме од старата претпоставка на Токвил дека демократијата почнува на локално ниво, тогаш следните локални избори би можеле да бидат вистинско освежување во тој поглед. Сите сме свесни дека политичките партии полека ја губат својата аура да можат непречено и во секоја прилика да мобилизираат верни гласачи кои би гласале за било кој локален кандидат. Тој луксуз, иако не за долго, им останува за парламентарните избори. Партиите и партиските раководства милуваат да кажат (иако вам тоа нема да ви го кажат!) дека во некои општини кои ги сметаат за добитни „и магаре да врзеш, ќе стане градоначалник“. Во принцип, ми се чини дека времето на „магарињата“ полека поминува, и се’ помалку ќе ги гледаме низ изборните локални листи. Ако се согласиме дека пост-пандемискиот фокус сосредоточен на нас и на она што е околу нас добива на значење, тогаш претпоставка е дека два-три пати ќе мериме за еднаш да пресечеме кој и каков ќе биде нашиот префериран кандидат за градоначалник. Партиските раководства овојпат тоа го знаат, и ќе се обидат да се постават соодветно. Нервозата во СДСМ околу тоа дали сегашните градоначалници ќе добијат шанса за втор мандат, апелите на Мицковски дека ќе изберат кандидати кои не се нужно партиски, како и најавите за независни листи се токму аргумент во тој правец. Партиите забревтано прават анкети и калкулации, и таквите калкулации ќе се прават до доцна во ноќта, до пред самиот крај на роковите за номинирање на кандидати. Бидејќи гласачите ќе сакаат нивниот „двор“ да го средува градоначалник кој го познаваат, кој е познат по добри работи, кој има карактер и издржливост да се справи и да се спротивстави на партиските влијанија и на урбано-мафијашките притисоци. Ќе го ценат неговиот приватен живот и неговиот личен однос кон себе, кон неговите блиски, кон неговиот двор во куќата во којашто живее или влезот во зградата во којашто има стан. Со еден збор, ќе ценат интегритет наспроти полтронство, ќе ценат личност наспроти партија, резултати наспроти празни ветувања. Граѓаните ќе сакаат соодветно да ги компензираат фрустрациите од бугарското вето, борбата против корупцијата, надежта која им ја одзема неподготвеноста на ЕУ да започнеме преговори и дузина други проблеми и фрустрации кои не се нивни домен. Но локалното, нивното, блиското е несомнено нивни домен, и гласачите ќе се обидат да го валоризираат сопствениот глас на најдобар можен начин. И тоа треба да го поздравиме, и да се бориме за ваквиот пристап, бидејќи е добар за сите нас.

Конечно, верувам дека на овие избори ќе видиме едно големо шаренило на изборните листи. На политичките партии ова шаренило нема да им биде пријатно, бидејќи се научени меѓусебно и братски да го делат пленот. Но граѓаните веќе не го ценат тој пристап, или барем се’ повеќе се свесни за негативните последици од тој пристап. СДСМ направи изборно победничко цунами на последните локални избори, и резултат кој никој не го очекуваше во такви димензии. Не е никаква тајна да се каже дека владеачката партија не може да го повтори тој резултат на претстојните локални избори. Причините се многу и ги знаеме. Од друга страна, наспроти претпоставената теза на ВМРО-ДПМНЕ, победата или поразот нема да може да се мерат според актуелната сино обоена (упс, пардон, црвено обоена) локална мапа во државата. Победата или поразот ќе се мерат со победата во Скопје и скопските општини и евентуално по бројот на освоени вкупни гласови на партиите за советнички места. Но и двете наведени мерни единици може да се покажат јалови доколку партиите не извадат добри кандидати и спијат на увото дека партиските машинерии ќе им ја одработат победата. Се плашам дека и подземните дилови за предизборни тајни или јавни коалиции помеѓу македонските и албанските партии ќе бидат „прочитани“ од граѓаните и во конкуренција на избор помеѓу конкретни личности, ваквите дилови можат да им се вратат како бумеранг. Најавените независни листи, подемот на Левица, апатичноста или пак бесот на граѓаните, можат да направат чудни општински совети во коишто јазичето на вагата ќе биде на страна на граѓаните, а не на страна на партиите. И тоа не е лошо, бидејќи локалните проблеми и предизвици треба да ги решаваат најдобрите меѓу нас, а некои таму избрани од некој, заради нешто. Оваа конкуренција на крајот на денот ќе се покаже како здрава за сите, и за партиите да станат (евентуално) подобри, и за граѓаните/гласачите да станат посвесни за важноста на нивниот глас, без разлика дали тој глас е ставен во избирачката кутија, или пак останал во џебот.

А таму некаде при крајот на есента и почетокот на зимата, веројатно ќе има ново мешање на картите и нов шпил карти.


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО