Општество

Камберова: КОПЧЕ НА БЕТОНОТ

Сузана Камберова

доктор по медицина

Бранко Ќопиќ (Хашани, Босанска Краина, 1 јануари 1915 година, Белград, 26 март 1984 година) е интересна личност и писател кој по многу нешта се издвојува од плејадата книжевници од времето на бившата социјалистичка држава Југославија.
Дипломирал на Филозофскиот факултет во Белград во 1940 година. Уште како ученик, во периодот меѓу двете светски војни, започнува да пишува и да објавува. Поради напредни идеи, неколку пати е исфрлен од средните учителски школи каде што учел. Првите дела му се кратки раскази и приказни. За расказот „Смртната руба на Соја Чубрилова“, објавен 1936 година во тогашна Политика, добива државна награда и така ја започнува писателската кариера.

За време на Втората светска војна се враќа во родниот крај и се приклучува на своите борбени, независни Краишници. Учествува активно во партизанското движење. Неговиот татко, постариот брат Рајко и сестрата Смиљка ќе загинат во партизани. Во домот, со мајка му, ќе остане само Бранко.

Па сепак, сè тече подносливо до крајот на војната.

Но, веднаш по победата на револуцијата над фашизмот и во самиот почеток на изградбата на новата држава, нешто ќе се промени. Чесен и доблесен, тој не може да не ги забележи лицемерието и неправдата кои полека навлегуваат во сите пори на општеството, ниту да остане рамнодушен кон декадентното однесување на новите политички моќници. Особено ќе мрази полтрони. А нив веќе ги има насекаде. Оние кои крвавеле во војната се грубо избуткани и прегазени од разни подлизурковци, опортунисти, „фотељаши“ и ним слични, во борба за привилегии. Но, тоа е речиси правило на секоја револуција. Сепак, нему не му се оди со струјата. Тој прави грешка, барем за она време. Кажува што мисли. Не само што кажува, туку тоа го пишува и го објавува.

Во 1950 година, само што ќе излезе од печат неговата најнова колумна/расказ „Еретичка приказна“ во весникот „Книжевен збор“, највисокото раководство на државата е алармирано и на нозе. Веднаш е собран од домот, на сослушување во Полиција.

Во поствоениот период во тогашна Југославија ќе преовладува тезата дека сатирата, како книжевен израз, е надмината и анахрона. Како што ќе тврдат апологетите на новата, народна власт, таа ќе стане сосема непотребна, освен ако пикот на нејзината стрела не е вперен во претходниот, соборен режим. Сега е воспоставено општество со идеална социјална правда, без криминал и корупција, без експлоатација и класи и веќе нема нерамноправност. Од уметноста се очекува да ја ослика таквата нова реалност без многу критичка опсервација на актуелните состојби.


Бранко Ќопиќ (Хашани, Босанска Краина, 1 јануари 1915 година, Белград, 26 март 1984 година) 

Ваквата идеализирана слика на поствоениот период Ќопиќ, свесно или несвесно, ќе ја сруши во очите на многумина. Како што, години по неговата смрт, ќе го опише еден негов долгогодишен пријател, тој секогаш ќе се залага за еволуција наместо за револуција и никогаш нема да биде „противен“ туку секогаш „антипротивен“.

Во сатиричната приказна која ќе предизвика силна вознемиреност во редовите на новите елити се зборува за еден новопечен министер, еден генерал и група нивни полтрони/ службеници, кои со фамилиите летуваат во стара, луксузна и национализирана вила на јадранскиот брег. Вилата има приватна плажа, марина со бродови, послуга и богато послужување. Свеската на министерот со прескап автомобил се вози до факултет, оди на „шопинг“ и се досадува, барајќи добра прилика за мажење. Се пие, се јаде и се троши без да се води сметка и, нормално, без да се плати. Сè е сега „народно“, а тие се народните избраници кои во тоа слободно (и со право) уживаат. Полека се создава нов јаз меѓу оваа „нова буржоазија“, која до вчера не знаела ни да плива, а сега летува во луксуз, но и троши, не семејни, туку народни пари, за сето тоа и „обичниот“ народ, кој летува на големата градска плажа од другата страна на ѕидот кој ја оградува вилата .
За ова и вакво видување на новата реалност Ќопиќ, освен од службите на внатрешната безбедност, ќе биде нападнат и директно од Тито. Тој во својот говор на заседанието на АФЖ таквата сатира ја прогласува за „предавничка“, против народот и државата и со алузија за највисокото државно раководство и ќе повика отворено на бојкот на авторот и на неговото дело.
Реакцијата на јавоста е молскавична и соодветна. Преку ноќ сите ќе се оградат од Ќопиќ и неговите ставови. Тој ќе го мине речиси целиот свој живот во своевидна „тивка“ изолација. Особено тешко ќе му падне бојкотот од пријателите книжевници кои ќе изберат да не се замерат со партијата и со Тито.

Во децениите кои следуваат, Бранко Ќопиќ ќе се издржува сам, од сопствената книжевна дејност и продажбата на книги и никогаш нема да стане „државен уметник“ и да биде на државна плата.
Во една од бројните пригоди, кога е сослушуван од тајните служби, му било наложено да напише писмено образложение зошто напишал сатира каква што напишал. Се соочил со дилема што да одговори на тоа. Се решава да го послуша советот на еден стар пријател кој му го рекол следново:
„Бранко, пред да почнеш да пишуваш, замисли дека поминале веќе педесет години од овој миг, дека те нема веќе одамна ни тебе, ниту овие кои денеска те сослушуваат, а некој ќе почне да претура по нивните архиви. Пишувај така да не ти е срам од тој непознат човек од иднината“.
Бранко така и ќе направи. Ќе напише изјава на штета на тогашниот Бранко, а во корист и слава на оној Ќопиќ од иднината.
Току затоа тој и денес ќе остане во светол спомен. Уште се чита и пречитува, а неговите прогонувачи одамна се заборавени и осудени за своите идеолошки прогони од идните генерации и историјата.


***

Познато е дека историјата, личната и општата, има тенденција да се повторува. Или дека ја повторуваат оние кои од неа не извлекле поука. Секое време носи некои свои водачи, идеологии, уверувања и предизвици. Но, над сето тоа, во вечноста се издигаат и се слават како трајни само оние универзални, општочовечки вредности и квалитети. Единствено тие го минуваат тестот на времето.
Лагата е како прав. Кога ќе ја фрлите во воздух, само за миг е таму и го валка, но потоа ќе слегне и ќе се изгуби по ќошињата. Ќе остане само прав кој историјата ќе го „смете“ засекогаш.
Вистината е пак како корен. Некој понекогаш ќе го исече неговиот изданок сосила, но вкопан во земја когаш тогаш ќе никне повторно, ќе разлиста и ќе процути.
Некои нови елити денес испишуваат некои нови општествено посакувани и прифатливи приказни. Нови судбински решенија нè следат, нови премрежја, нови одлуки нè чекаат и лично и како народ. Додека едни блескаат од гордост, други денес тагуваат и се потиснати на маргините од „победниците“.

Но, што од ова сè што ни се случува ќе го издржи тестот од педесет години иднина?
Истото ова се однесува и за секој поединец. Денес повеќе од кога било и оној кој не е јавна личност може во „мрежата“ да искаже свој став и мислење и да стигне така до очите на многумина „следачи“, па и да стекне некој вид локална слава меѓу нив. Дали би се гордееле или посрамиле од нашите денешни мисли и дела ако некој ги пронајде во далечната иднина, забележани во дигиталните архиви на нашето време? Што од сето ова ќе стане прав, а што ќе има здрав корен?
Духовно моќните секогаш ѝ припаѓаат на вечноста. А таму со сила и лага не се влегува.
Тоа се луѓе за кои човекот од иднината ќе рече „да, навистина, тие биле големи и за восхит“. Никој нема да се памети по облеката, ниту каде летувал, како што ни мене, како современ потомок на Македонците, денес не ме интересира дали Гоце Делчев чекорел по македонскиот револуционерен пат во опинци или чевли.
Битно е само какви луѓе, со какви вредности и хуманизам го обележале своето постоење.
Ние, секако, нема да дознаеме дали сме биле во право како што тоа не го дочекал ни Бранко Ќопиќ. Но, во голема мера може да претпоставиме каков ќе биде историскиот суд за денешните дела на многумина, поучени од примери како неговиот.
Бранко Ќопиќ, за жал, трагично ќе го заврши својот животен пат. Насетувајќи дека за народот повторно доаѓаат лоши и мрачни времиња, ќе го совладаат тагата и разочарувањето кои постојано го следеле. „Земјата ќе ја растурат истите оние кои ја создадоа“, ќе изјави непосредно пред крај. „Јас немам сила да се соочам уште еднаш со нешто такво.“
На 26 март 1984 година, како последен чин на личен протест против неправдата, тој ќе го заврши својот живот фрлајќи се од Бранковиот мост во Белград. Драматично ќе ја напушти животната сцена.
Неколку дена по трагедијата, сопругата Богданка и пријателот Томо, на местото на падот, на бетонот под мостот, ќе пронајдат само едно копче истргнато од кошулата која ја носел на себе.
До ден-денешен Томо го чува копчето како спомен. И како потсетник, опомена, дека најтешката офанзива, „Осмата офанзива“, како што ќе напише Ќопиќ, доаѓа допрва, дури на крајот на секоја револуција. И секогаш е најтешка да се извојува.


(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО