Општество

Управувањето со амбалажното стакло како отпад од пакување во угостителството во Република С.Македонија

Александар Матески

доктор на економски науки

Стаклото е еден од најстарите познати материјали за пакување на производи (најчесто храна и пијалаци) со историја долга три милениуми. Користено е и на територијата на Македонија, па бројни се наодите на стаклени садови и во нашите познати антички центри како Скупи, Хераклеја, Стоби итн. Но, сепак масовното производство започнува во 20 век кога се создаваат првите линии за автоматско дување на шишиња кои се еднообразни во нивната висина, тежина и волумен. Стаклената амбалажа која дотогаш беше скапа сега станува многу популарна и широко достапна. Така денес секое семејство во Обединетото Кралство во просек годишно употребува 500 стаклени шишиња и тегли.

Стаклото е еден од ретките материјали што може неограничен број пати да се рециклира без притоа да се наруши неговиот квалитет. Со секој тон рециклирано стакло се заштедуваат и 246 кг јаглероден диоксид кој инаку би завршил во атмосферата при производство на ново стакло. Субјекти кои пуштаат најголеми количини на неповратна стаклена амбалажа на пазарот во Република С. Македонија се винариите и пиварниците (шишиња), како и прехранбената индустрија (тегли).
Според податоците во Нацрт-националниот план за управување со отпад на Република С. Македонија 2020−2026 година, објавен на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, по направените теренски анализи на составот на отпадот, стаклото учествува во вкупниот отпад со 4,1 %. Најголемиот удел е на органскиот отпад со 45,3 %, хартијата 7,6%, LDPE 6,9 % итн. Вкупните пак количини на отпад од пакување пуштени на пазарот во Република С. Македонија се проценуваат на 117 000 тони за 2020 година со пораст во следните години на 118 000 тони за 2021 година и 119 000 тони за 2022 година.

Собирањето на стаклен отпад од пакување ПАКОМАК ДОО Скопје го врши главно преку т.н. игло контејнери поставени на јавни површини одредени од општините и преку преземање на стаклениот отпад од ХоРеКа-каналот.
Вкупниот број на поставени игло контејнери на крајот на 2020 година изнесува 1 027. За разлика од тоа, состојбата на крајот на 2019 година беше 775, што укажува на континуираната посветеност за подобрување на инфраструктурата. Вкупната количина на собрано стакло до 31.12.2020 година од игло контејнерите изнесува 1 170 тони (пораст од 37 % во споредба со 2019 година кога се собрани 854 тони).
Во 2020 година, кога посебно на удар беше функционирањето на угостителството, со засилен фокус кон проширувањето на мрежата за собирање амбалажно стакло беа собрани над 1 600 тони стакло од угостителските објекти. И покрај тоа што падот е 26 % споредено со 2019 година, сепак резултатите се охрабрувачки бидејќи мрежата континуирано се шири.

Но, и покрај фактот што дел од ХоРеКа-субјектите покажуваат висока еколошка свест, сè уште има отпор кај значителен дел третирајќи го селектирањето на отпадот како целосно непотребна активност која одзема време и простор. Мешањето на отпадот е изрично забрането и казниво. Она што сега го нуди Пакомак ДОО Скопје како најсериозен колективен постапувач со отпад е бесплатно донирање на канти за отпадоци и бесплатно подигнување на стаклениот отпад без никакви финансиски оптоварувања на угостителството.

Притисокот на угостителскиот сектор за почитување на обврските за селекција на отпадот мора да се одвива во две насоки. Прва, едукативена и по потреба репресивена преку надлежните инспектори со засилен надзор на селекцијата на отпадот, а втората преку подигнување на јавната свест и на потрошувачите кои преку континуираната едукација сè повеќе ќе ги вреднуваат и ќе ги преферираат угостителските субјекти кои спроведуваат повисоки еколошки стандарди при давањето на нивните услуги. Се разбира дека од првата се очекуваат многу повидливи и побрзи резултати.

Во однос на угостителскиот сектор интересен е заклучокот дека за 58 % од потрошувачите селектирањето на отпадот позитивно влијае за изборот на место за забава. Според тоа, фактот што некои хотели, кафулиња и ресторани селектираат отпад кој се генерира при нивното работење може и маркетиншки да се искористи за задржување и зголемување на клиентелата. Пионерските чекори во таа насока ги направи Пакомак ДОО преку означувањето на хотелите, на рестораните и на кафулињата со сертификатни трговски марки еко кафе, еко ресторан и еко зона. Услов за стекнување на правото за користење на овие сертификатни трговски марки е субјектот да се занимава со угостителска дејност (ресторани, кафетерии и слично), од неговото работење да генерира отпад од пакување и тоа од неповратна стаклена амбалажа и/или пластична (PET) амбалажа, како и да има склучено договор за соработка со Пакомак ДОО Скопје како колективен постапувач со отпад од пакување и во целост да се придржува кон договорените услуги за соработка и кон законските и подзаконските акти кои се однесуваат на постапувањето со отпад од пакување.

Сертификатните трговски марки на Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување ПАКОМАК ДОО Скопје, Пакомак еко ресторан (Pakomak Еco restaurant), Пакомак еко зона (Pakomak Еco zone) и Пакомак еко кафе (Pakomak Еco cafe) се доказ дека за сертификатните трговски марки може да има голем интерес од ХоРеКа-синџирот во нашава држава така што во 2018 година корисници биле 607 ресторани, хотели и кафетерии, во 2019 година нивниот број се зголемил на 1 019 корисници, додека пак заклучно со 31.12.2020 година нивниот број изнесува 1 080 корисници. Објектите се лесно препознатливи бидејќи се брендирани со трговските марки кои за кратко време станаа препознатливи.
Неповолен момент во македонската приказна за рециклирање на стакло е фактот што не постои стакларница, а најблиските се во соседните земји, па трошоците за транспорт играат значително отежнувачка улога и го прават системот за собирање на стакло значително поскап имајќи предвид дека овој вид на отпад има и многу ниска откупна цена.

Иако акцентот на текстот е ставен на обврските и на можностите од подобрување во постапување со стаклото како амбалажен отпад во угостителскиот сектор, треба да се напоменат и трендовите кои се однесуваат на производителите, како и навиките на македонскиот потрошувач. Интересен факт е што во последниве декади производителите значително ја намалија и тежината на стаклените шишиња, а со тоа и потенцијалниот отпад од пакување. Стаклената амбалажа за истиот волумен денес е за 30% полесна од таа во 1980 година. Како негативна страна пак на стаклената амбалажа се посочуваат проценките дека дури 40% гориво е потребно повеќе да се транспортираат пијалаци во стаклена отколку во пластична амбалажа. Но, сите други факти одат во прилог на стаклената амбалажа. Дополнителен притисок на производителите кој оди во полза на заштита на животната средина и употребата на повратна стаклена амбалажа се и големите давачки кои ги имаат кон државата или колективните постапувачи согласно принципот „загадувачот плаќа“.

За жал, силен индикатор дека заштитата на животната средина е со низок приоритет кај производителите и увозниците зборува и фактот што се проценува дека дури 48 % од нив се нерегистрирани субјекти (по Законот за пакување и отпад од пакување) и не плаќаат никаков надоместок за постапувањето со отпадот од пакување.

Од друга страна, интересен е и односот на македонскиот граѓанин кон стаклената амбалажа. Се чини дека домаќинствата, третирајќи ја оваа амбалажа со поголема вредност од реалната, сè уште чуваат поголеми количини стаклена амбалажа во своите подруми. Имајќи го предвид тоа, и покрај фактот што клучните два канали за собирање стакло се игло контејнерите и ХоРеКа-каналот, Пакомак ДОО Скопје направи уште еден чекор напред. Бидејќи стаклената амбалажа е сув рециклабилен отпад, преку систем „од врата на врата“ по претходна пријава на граѓаните беше извршено собирање на амбалажно стакло кое се наоѓа во индивидуалните домаќинства, а за возврат на граѓаните им беа поделени садници или семе за цвеќе.
Приодот во справувањето со стаклото како амбалажен отпад мора да биде сестран. Угостителскиот сектор мора многу посериозно да ги почитува законските обврски бидејќи судбината на значителен дел од стаклениот отпад зависи токму од него. Големо олеснување е што почитувањето на законските одредби не предизвикува никакви финансиски импликации, туку се потребни само минимални организациски престројувања. Секој друг пристап и однос ќе биде огромна пречка за исполнување на националните цели за собирање на стаклен отпад дефинирани во Законот за управување со пакување и отпад од пакување (обврска да се рециклираат најмалку 60 % од вкупно создадените количини стакло) и воопшто за заштита на животната средина.


(Економија и бизнис, пелатено издание, март 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО