Општество

Андева: Патот по кој, сега С.Македонија, чекори кон ЕУ наликува на калдрма

Тркалезна маса: “ИДНИНАТА НА WB6: ВО ЕУ ИЛИ ПОКРАЈ НЕА?”

Марина Андева, универзитетски професор

Организираната тркалезна маса на тема „Иднината на ЗБ6 (WB6): во ЕУ или покрај неа?“ од страна на Универзитетот Американ колеџ Скопје и Економија и бизнис, на 11 мај 2021 година, беше поттик повеќе да направиме анализа за тоа каде би била нашава земја во наредните неколку години во поглед на евроинтеграциските процеси.

Европскиот совет во Феира во јуни 2000 година утврди дека земјите од Западен Балкан кои учествуваат во процесот на стабилизација и асоцијација се „потенцијални кандидатки“ за членство во ЕУ. Европската перспектива на овие земји беше дополнително потврдена од Европскиот совет во Солун во јуни 2003 година, кој ја одобри „Солунската агенда за Западен Балкан“, камен-темелникот на политиката на ЕУ кон регионот.

Искуствата од соседството ни кажуваат дека секоја земја има своја динамика и пат кој треба да го изоди за да стане дел од престижното европско семејство. Меѓу земјите од Западен Балкан, С.Македонија беше прва земја која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација (првиот во регионот, на сила од 2004 година), а во моментов е во пакет со Албанија која истиот договор го потпиша во 2009 година. С.Македонија поднесе апликација за членство пред сите останати уште во 2004 година, а е во моментов зад Србија и Црна Гора кои веќе од 2012 година (Црна Гора) и 2014 година (Србија) се влезени во преговарачкиот процес. Патот по кој, сега С.Македонија, чекори кон ЕУ наликува на калдрма. Од октомври 2009 година, Комисијата постојано препорачува да се отворат преговорите за пристапување. Во март 2020 година, Советот за општи работи (на Советот на Европската Унија) одлучи да ги отвори преговорите и го одобри соопштението на Комисијата за ревидирана методологија „Подобрување на пристапниот процес − кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан“ од февруари 2020 година. Одлуката беше одобрена од членките на Европскиот совет. И еве нè сега, за време на претседателството на Португалија со Советот на ЕУ, во надеж и верба да се започне процесот на преговори барем за време на следното претседателство од страна на Словенија, до крајот на оваа година.

Каков пат ја чека Северна Македонија до крајот на оваа година, но и во наредните години? Дали на калдрмата ѝ се наѕира крајот и ќе се претвори во еден мазен (алфалтиран) пат по кој ќе се продолжат напорите за членство? Она што би можеле да се запрашаме е исто така дали имаме алтернативи на краток рок кои ќе ни помогнат во òдот и ќе ни го асфалтираат патот малку побрзо.


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО