Општество

Штерјова Душковска: Главната улога на форумот е меѓуекономска интеграција на земјите од Западен Балкан

Тркалезна маса: “ИДНИНАТА НА WB6: ВО ЕУ ИЛИ ПОКРАЈ НЕА?”

Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан

Како форум имаме цел да помогнеме во интеграцијата на земјите од Западен Балкан и создавање на еден пазар со цел да се олесни патот за влез во ЕУ.

Најпрво дозволете да го претставам форумот. Формиран е на Берлинскиот самит, во Трст, 2017 година, каде што и ден-денес се наоѓаат главните центри. Главната улога на форумот е меѓуекономска интеграција на земјите од Западен Балкан. Минатите години работевме на повеќегодишен план за интеграција, а од оваа година вклучени сме во активностите на планот за формирање на еден заеднички пазар во кој ќе се одвива непречен тек на стоки, на услуги, на луѓе и на капитал. Со овој план се овозможува блиска соработка и меѓу приватниот сектор во повеќе индустрии како што се дигитализација, иновација и индустрија.

Принципот кој беше предложен од страна на приватниот сектор на земјите од Западен Балкан се однесува на можноста да се соработува со различни економии од ЕУ во различни сектори што би значело дека ЕУ-правилата, регулативите и најважно фондовите би важеле и за земјите од Западен Балкан.

Главното прашање се поставува во врска со бенефитите на приватниот сектор од оваа идеја.

Најточниот одговор би бил дека прво би се олесниле активностите на фирмите од приватниот сектор и исто така би дошло до големо намалување на трошоците во смисла дека соработката со географски поблиски земји чини помалку од оние кои се подалеку од нас.

Во меѓувреме ќе го следиме процесот на имплементација на овој план и првите резултати би требало да ги објавиме пред Берлинскиот самит кој се одржува во јули. Целта на оваа активност е да дадеме дополнителен поттик на оние кои го имаат главниот збор во врска со интеграцијата на Западен Балкан.

Исто така постои уште една програма, а тоа е Програмата за регионален развој на доставувачи која ги поврзува доставувачите од регионот на три индустрии кои се претходно одредени со компаниите кои го претставуваат документот кој е издаден на ланскиот самит во Софија и е исто така важен за земјите од Западен Балкан.


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО