Општество

Бојаџиев: ЦЕФТА како ЕФТА во EЕА

Тркалезна маса: “ИДНИНАТА НА WB6: ВО ЕУ ИЛИ ПОКРАЈ НЕА?”

Марјан И. Бојаџиев, универзитетски професор

Каде ќе биде Западниот Балкан (WB6 [ЗБ6]) во 2035 година?
Аспектите што ќе бидат посебно земени предвид се трите сценарија во поглед на иднината на економиите на Западен Балкан до 2035 г.:
1. Четири економии од Западен Балкан да влезат во ЕУ (Joining the common market)
2. Регионот да ја напушти европската перспектива и да се заврти кон Исток (Looking beyond the EU borders)
3. Регионална економска интеграција (Putting business first).
Овие три сценарија се елаборирани во стратешка студија спроведена од страна на International Service Facility на Европската комисија преку Zentrum für Soziale Innovation (https://www.zsi.at/).
Предлогот под број „3“ е всушност предлог за кој говорам и јас. Но, на малку повисоко ниво. Коморскиот инвестициски форум (КИФ) говори за слободен проток на стоки и услуги во регионот ЗБ6. Иницијативата „Мал Шенген“ говори за слободен проток на луѓе во регионот. Мојот предлог е сето тоа плус влез во Европскиот економски простор (EEA)! Затоа и го нареков „ЦЕФТА како ЕФТА“ (значи покрај ЗБ6 е вклучена и Молдавија).
Прво да разјасниме што е ЕЕА.
ЕЕА е формиранa во 1994 година како еден од најзначајните инструменти на продлабочување на соработката на европскиот континент. Со него се регулира слободниот проток на луѓе, стоки и услуги, како и капитал и инвестиции на целиот континент, односно на територијата на а) земјите членки на ЕУ и б) земјите членки на ЕФТА.

Кој може да биде член на ЕЕА?
EEA-членки можат да бидат само земји членки на ЕУ и на ЕФТА (член 126).
Како се постанува член на ЕЕА? Со аплицирање! Може да аплицира секоја земја членка на ЕУ или на ЕФТА. Аплицирањето се врши до Советот на ЕЕА.

Кои се бенефитите од приклучувањето кон ЕЕА?
Најзначаен бенефит за Македонија ќе биде забрзување на владението на правото! Македонија ќе мора да прифати огромен број на меѓународни регулативи, но и јурисдикција на Европскиот суд на правдата (член 56). Со тоа се оди кон побрзо решавање на еден од најважните проблеми на нашава земја – владение на правото.
За граѓаните огромна предност ќе биде полесно минување на границите. И формално постануваме Европјани кои можат и смеат да патуваат на влезовите со ознака EU/EEA/CH.
За бизнисот предност е целосно учество на единствениот пазар. Сите земји имаат бесцарински пристап на единствениот пазар на стоки и услуги. При тоа се применуваат ЕУ-регулативите во однос на конкуренција, на државна помош, на интелектуална сопственост и на јавни набавки.
Членството во ЕЕА носи и обврски, а пред сè: финансиски обврски, како и почитување на правилата на ЕУ. Но, почитување на правилата на игра значи и заштита за македонските бизниси бидејќи сите ЕЕА-членки се рамноправни.

Партнерски однос со ЕУ? Денес ЕФТА, утре ЕФТА и ЦЕФТА?
Меѓу ЕУ и ЕФТА, и покрај огромната разлика во население и членство, постои партнерски однос.
Според Договорот за формирање на ЕЕ, се формира Совет (член 88−91), како и:
− Заеднички комитет со кој наизменично претседава претставник на ЕУ и на ЕФТА,
− Парламентарен комитет (чл. 95) и
− Консултативен совет (чл. 96).

Зошто е полесно за ЕУ-земјите да го прифатат полноправното членство на Западниот Балкан во ЕЕА наспроти членството во ЕУ?
Едноставно: со влегување во ЕУ, граѓаните на Македонија, на пример, не постануваат граѓани на ЕУ. Слободното движење се однесува само на патување за бизнис, туризам и студии, но не и слободно населување. Ова би било доволно за сите во ЕУ кои имаат страв од имиграција.

Како да се иницира влез во ЕЕА?
Чекор 1: КИФ, преку коморите членки да иницира до своите парламенти поднесување на заедничка предлог-декларација: Во договорот за формирање на ЕЕА, членот 126 да се промени и да гласи: „ЕЕА ја сочинуваат:
− 27 земји членки на ЕУ;
− земјите членки на ЕФТА и
− земјите членки на ЦЕФТА!“
Чекор 2: Владите на ЦЕФТА-земјите да поднесат формален предлог до Советот на ЕЕА.
Чекор 3: Советот на ЕЕА ќе треба да заседава и да донесе одлука. Се состанува двапати годишно и носи одлуки за унапредување на Договорот за ЕЕА.

Дали Бугарија може повторно да нè блокира?
Да. Договорот треба да го ратификуваат сите земји членки.
Но, многу е потешко да се блокира влез во ЕЕА на блок од 21,4 милиони жители со БДП од 290 милиони долари.

Посебно значење за Република Северна Македонија
На студентите им предаваме дека во секои преговори се влегува со алтернативна стратегија таканаречена БАТНА (Best Alternative to a negotiated agreement). За нас најдобра алтернатива е ЕЕА: никој не вели дека треба да ја напуштиме идејата за ЕУ-членство. Напротив. Но, оваа опција води кон постигнување на ЕУ-вредностите. Ако денес сме подготвени 50 % да бидеме ЕУ-членки, преку ЕЕА ќе дојдеме до 75 %.
За жал, изреката на претседателот на Хрватска З. Милановиќ „Македонија ја шутираат“ е стварност и тоа ќе биде тешко да се промени. Токму затоа македонските политичари имаат огромна одговорност. Недозволиво е само да кукаме дека нема правда; да тврдиме дека немаме алтернатива на ЕУ-преговорите.
Алтернатива има и таа не е надвор од ЕУ. Напротив – алтернативата е ЕЕА. И уште повеќе, да ги донесеме ЕУ-вредностите и владението на правото дома. Веднаш! Сега!


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО