Општество

Енергетска транзиција, единствена опција за одржлива иднина

Лидија Георгиева

Авторот е дизајнер, редовен професор

Според експертите, водата, сонцето, ветерот, биомасата и биогасот се огромен потенцијал кој со процесот на енергетска транзиција треба да стане главен, долгорочен начин на обезбедување на енергетските потреби на државава. Алтернативните и обновливи извори на енергија се незаобиколен дел од нашата иднина, како вистинска стратегија. Иако знаеме дека сонцето и ветерот не се трошат и не загадуваат, за жал засега кај нас не се доволно искористени.
Соларната асоцијација на Македонија е формирана пред 15 години и континуирано работи на подигнување на свеста кај граѓаните со цел да се дојде до зголемено искористување на сончевата енергија во Македонија. Нашава земја и нашава планета немаат алтернатива. Колку поскоро ќе се пристапи кон промените, толку помали ќе бидат штетите во природните ресурси, финансиските средства и човечките животи.
Штетните честички предизвикуваат болести на белите дробови, срцето и крвните садови − се наведува во извештајот на Светска банка, во кој се посочува на зголемена појава на хроничен бронхитис, астма и други заболувања.
Ова резултира со голем број на итни лекарски интервенции, престој во болници, 20 % од смртните случаи во земјава се предизвикани од загадениот воздух, а стотиците илјади денови боледување се огромен трошок за здравствениот систем.
Според Светска банка, 44,8 % од трошоците за лекување поради загадениот воздух отпаѓаат на жителите на Скопје, 8,5 % на Битола, 8,0 % на Куманово, 5,1 % на Тетово, 4,8 % на Велес.
Во извештајот се наведува дека 90 % од штетните честички се предизвикани од металургијата, производството на струја и топлина, греењето на домаќинствата, изградбата на патишта и мешањето асфалт.
Оттука доаѓа главната препорака − спроведување мерки токму во овие сектори.
Проценката дека индустријата е најголем загадувач во државава ја потврдија и европските ревизори. Во Заедничкиот ревизорски извештај за квалитет на воздухот на Европската организација на врховни ревизорски институции ЕУРОСАИ (EUROSAI), објавен во 2019 година, се наведува дека освен индустријата загадувањето е предизвикано и од загревањето на домаќинствата и на помалите фирми, а автомобилите се средни загадувачи. Помали загадувачи се отпадот, земјоделието и останатите фактори.
Според Извештајот за квалитет на воздухот во Европа од 2019 година на Европската агенција за животна средина, од вкупно 37 земји во Европа, просечната изложеност на ПМ 2.5 честички во 2017 година (просек вредности од 2015 до 2017 година) е највисока во Република Северна Македонија, со над 50 мг/м3. Нашава земја е рекордер и во однос на изложеност на ПМ 10 честички.
Загадувањето има глобални последици − стакленичките гасови ја задржуваат топлината во Земјината атмосфера и придонесуваат за глобалното затоплување.
Намалувањето на загадувањето на воздухот не само што ќе го заштити човечкото здравје туку ќе придонесе и за поттикнување на развој на руралните средини.


ИАКО МАКЕДОНИЈА СПАЃА ВО РЕГИОНИТЕ СО НАЈДОБРИ УСЛОВИ ЗА ИСКОРИСТУВАЊЕ НА СОНЧЕВАТА ЕНЕРГИЈА, НИЕ СМЕ РЕЧИСИ НА ДНОТО


Професор д-р ИЛИЈА НАСОВ − претседател на Соларната асоцијација на Македонија, директор на Развојно-истражувачкиот центар Плазма и претседател на основачи на Камел солар

За да може една држава или регион да користи сончева енергија, потребни се следниве фактори: соларно зрачење, добри климатски услови и политика на стимулација, субвенција и облигација од државните органи. За жал, иако Македонија спаѓа во регионите со најдобри услови за искористување на сончевата енергија, ние сме речиси на дното на листата во искористување. За споредба, во Грција не може да се даде дозвола за употреба на објект ако претходно не се инсталирани термални колектори, и тоа по точно определени критериуми.
Експлоатацијата на еден фотоволтаичен термален или хибриден колектор е минимум 25 години. Ние одиме на секој објект за да видиме кои се потребите за електрична енергија, кои за топлинска и врз основа на тоа правиме комбиниран систем. Со таков систем се задоволуваат сите потреби (санитарна потреба, спа-центри, базени, хотели, болници) секаде каде што во текот на цела година е потребна топла вода.


НАЈГОЛЕМ ЗАГАДУВАЧ Е ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР
проф. д-р ДРАГАН ЃОРЃЕВ, Институт за јавно здравје

Податоците со кои располага Институтот укажуваат дека најголем загадувач е енергетскиот сектор.
Проценката на здравствените ризици претставува евалуатор на ефикасноста на мерките, тоа значи што и да преземат властите по ова прашање, ако здравствените ризици и понатаму се на високо ниво, ако смртноста од аерозагадувањето и понатаму е 20 % од општата смртност, тогаш мерките не се ефикасни. Значи аерозагадувањето и неговите здравствени аспекти се главен модератор на ефикасноста на мерките, па и на концепциите и на стратегиите на државава во однос на енергетската транзиција.
Кај децата, 40 % до 50 % од причините за јавување на доктор се од респираторната, белодробната сфера, астматичните напади се во пораст. Јасно е дека термоелектраните се најголемиот загадувач во државава, додека во градовите доминира греењето кое е повторно врзано со енергетскиот аспект, сообраќајот и активностите во градежниот сектор.


Позитивен пример за енергетска транзиција е Јавното претпријатие „Пазари“ − Битола. Намалените приходи од изнајмување тие ги компензираат со енергетска ефикасност − поставиле лед-осветлување, топлотен систем на парно греење, и се првото јавно претпријатие во земјава што поставило фотоволтаици преку кои произведуваат електрична енергија за сопствени цели. Сега буџетот кој бил наменет за режиски трошоци можат да го пренаменат.
Притоа институционалниот лавиринт за поставување на фотоволтаиците бил сложен процес. Градскиот пазар во Битола подлежи под културно наследство, па затоа изработиле градежен проект за поставување на фотоволтаици, но и посебен проект за дозвола за културното наследство. Потоа подготвиле проект за Министерство за животна средина и просторно планирање, како и елаборат за заштита од пожари за кој треба одобрение, испратиле барање и до ЕВН за поставување на двонасочно броило, како и одобрение за градба во општината. Иако процедурата не била едноставна, тие се среќни што како прво јавно претпријатие во земјава ја докажуваат грижата за животната средина.


ОНАМУ КАДЕ ШТО ИМА ЗАГАДУВАЊЕ, ОДНОСНО СУБЈЕКТИТЕ КОИ ЕМИТИРААТ ЗАГАДУВАЧКИ СУПСТАНЦИИ ВО АТМОСФЕРАТА МОРА ДА ПЛАЌААТ ДАНОК

АЛЕКСАНДАР ДЕДИНЕЦ, Македонска академија на науките и уметностите, Истражувачки центар за енергетика и одржлив развој, научен соработник, доктор по одржлив развој и енергетика

Зборот енергетска транзиција кажува дека нешто треба да се менува во општеството, особено на енергетски план. Токму затоа Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ минатата година изработи Стратегија за развој на енергетиката за период до 2030 година.
Стратегијата е веќе усвоена од страна на Владата, каде што се разгледуваат три сценарија за развој на енергетскиот сектор. Во моментов се прават мали измени поради корона кризата, меѓутоа главните пораки што се основа на целата стратегија остануваат: основно сценарио, референтно сценарио и зелено сценарио.
Во референтното сценарио кое најмногу влијае како ќе се одвива овој процес е воведување на данокот на СО2. Како одминува времето, така се зголемуваат страндардите за производство на електрична енергија не само за производство туку и општо за целата енергетика. Онаму каде што има загадување, односно субјектите кои емитираат загадувачки супстанции во атмосферата мора да плаќаат данок. Таков е случајот и со данокот на СО2. Доколку се воведе, тоа ја зголемува производната потрошувачка на електраните кои користат фосилни горива. Значи ќе имаме поевтина произведена електрична енергија споредено со енергијата што ја произведуваме сега од јагленот. Меѓутоа, не е само данокот на СО2, постојат и други директиви што треба да се имплементираат, како што е директивата за големи индустриски капацитети, кои мора да воведат одредени еколошки стандарди. Значи на една страна е СО2, но од друга страна имаме заштита од емитување на ПМ-честички при производството. За да се имплементираат тие стандарди потребно е подобрување на опремата, воведување на нова опрема во компаниите, што бара инвестиции. Во врска со електраните, согласно со препораките, зависи колку блока ќе треба да се модернизираат, а инвестицијата е меѓу 100 до 200 милиони евра. Потребно е повторно да се одреди економската исплатливост бидејќи го имаме и проблемот со рудниците кои сѐ повеќе се исцрпуваат и нема доволно енергенси. Според ова сценарио, ние треба до 2040 година да изградиме околу 1 400 мегавати соларни електрани и 750 мегавати ветерни електрани. За да може ова да функционира како сложен енергетски систем (станува збор за варијабилни извори на енергија), потребно е да имаме балансирање на системот. Во часовите кога нема производство од нив, потребно е да надоплони енергенс од други извори со цел да имаме сигурно, стабилно производство на електрична енергија и снабдување на крајните потрошувачи на електрична енергија.


 

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.) 

 

 

ПРЕПОРАЧАНО