Општество

Дали принципот на „неврзаност“ во светската политика повторно добива вредност?

Дејан Азески

Авторот е историчар, новинар и публицист

Нема разговор за тоа дека вакцини насушно ни се потребни сега и одма и дека тоа позитивно ќе влијае и на економската и на политичката стабилност на нашава држава. Но, тоа никако не значи дека треба да сме непретпазливи во нашата надворешна политика и со тоа да ги поткопаме и онака малите придобивки за кои се боревме цели триесет години. Србија можеби е позитивен пример во процесот на вакцинација, но дефинитивно не е воопшто паметна во водењето на надворешната политика и тоа ќе се покаже на дело порано или подоцна. Историјата е бескомпромисна спрема сите оние кои не си го знаат своето место во меѓународниот поредок. Да, Белград е регионален центар многу понапреден од нас од кого треба многу да учиме, но во никој случај не треба и слепо да го следиме.


Деновиве од сите страни слушаме пофалби на „мудрата“ политика на српскиот претседател Александар Вучиќ кој успеа да обезбеди вакцини за своите граѓани дури од три различни места. Наспроти тоа се напаѓа и се исмева политиката на нашата Влада која со својата „фанатична“ лојалност кон западните сојузници не доби буквално ништо, плус мораше да се понижи и на крај кај Кинезите и кај Русите повторно да побара вакцини. Овие два доминантни ставови во нашата јавност јасно зборуваат за една работа: дека Македонците во својата срж сè уште се задоени од идеите за воена неутралност и идеолошка неврзаност ниту со Истокот ниту со Западот како познат принцип кој ни остана во наследство уште од Тито. Проблемот е што прво треба да видиме колку сме ние реално далеку од Тито, неговото време и секако неговата неспоредливо поголема моќ.

ПРОЦЕНТОТ НА ВАКЦИНИРАНО НАСЕЛЕНИЕ ЌЕ СТАНЕ КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА РЕСТАРТИРАЊЕ НА ЕКОНОМИЈАТА
И навистина, прогнозите на сите релевантни истражувања и коментатори на оваа тема недвосмислено укажуваат дека оние држави кои први ќе го завршат процесот на вакцинација исто така први ќе се стекнат со можност да ја рестартираат својата економија и да тргнат во некаков процес на постковид економски развој, нормално со стартна предност пред сите останати.
Тоа значи дека лудата трка по вакцините која моментално го зафаќа светот и тоа како има логика и не се работи за гол популизам.
На пример, интересно е дека први во процесите на вакцинација засега не се држави како САД или Русија, туку Израел и Јапонија. Овие две држави кои се инаку познати по својата технолошка прогресивност и кои во која било сфера од животот гледаат пред своето време − дефинитивно го согледале потенцијалниот позитивен ефект од брза вакцинација и вложиле сè на една карта.
Интересно е дека вакцините на денешниот слободен пазар и не чинат премногу, особено не за буџетот на една цела држава, така што не е никакво расфрлање со народни пари ако се пренаменат сите слободни средства кон овој процес бидејќи повеќе од сигурно е дека вакцинацијата сè повеќе ќе се доведува во врска со функционирањето и на економијата, на образованието, на безбедноста и на сите останати значајни процеси за животот на една држава.
Од тој аспект политиката на Александар Вучиќ за бескомпромисна борба за една или повеќе вакцини плус е апсолутно исправна, но тоа не значи дека и неговиот принцип на воена неутралност е долгорочно исплатлив...

НЕУТРАЛНОСТА ВО ТЕОРИЈАТА НАСПРОТИ РИЗИКОТ КОЈ ГО НОСИ ВО ПРАКСА
Србија не е неутрална затоа што тоа го сака, туку затоа што така мора. Од една страна, на вратот ѝ виси НАТО-алијансата која потполно ја има заобиколено од сите четири правци на светот, а од друга страна е Русија која својата позиција во Белград ја брани преку сè поинтензивна јавна и според многумина многу пострашна и поубедителна тајна дипломатија. Српските политичари во овој процеп го имаат и со право незадоволниот народ кој сè уште јасно се сеќава на бескомпромисното и крајно неоправдано бомбардирање во 1999 година кога со употреба на сила буквално ѝ се одзеде територија на една суверена и меѓународно призната држава.
Во ваква крајно неблагодарна ситуација, српското раководство и да сакаше немаше никаква друга можност освен од вазелин да ја извади Титовата идеја за воена неутралност и неврзаност. Но, разликата меѓу Вучиќ и Тито уште во првата реченица може да се измери во конкретни бројки и децимали: четириесет илјади наспроти еден милион. Тоа е точната разлика во бројот на војници со кои моментално командува Александар Вучиќ наспроти бројот на војници со кои суверено и беспоговорно раководел Јосип Броз Тито. Уште поголем е дисбалансот меѓу 14 модерни авиони со кои моментално располага Белград и околу 500 такви со кои располагала ЈНА во 70-тите и 80-тите. Овие статистики се повторуваат и во делот на тенкови, на топови, на касарни и на секаква друга статистика. А она што е дефинитивно најголема разлика меѓу некогашна Југославија и денешна Србија е дефинитивно процентот на младо население. Не е проблем што на Белград под команда му останале не 22 милиони, туку само 6, туку тоа што од тие шест милиони жители барем 4,5 милиони се старо и бескорисно население. Оваа мала анализа јасно ни кажува дека не треба да избрзуваме и Вучиќ предвреме да го прогласуваме за нов Тито.

ПРЕД БУРА И ВОЈНА НАЈДОБРО Е ДА НЕ СЕ ОСТАНЕ НА ВЕТРОМЕТИНА
Она за што никој не сака да зборува, а повеќе од сигурно е дека следува по короната, е некој нов вид безбедносна криза. Тоа генерално важи за секаде низ светот. Но, бидејќи ние сме Балкан и многу добро си ја познаваме сопствената историја − повеќе од сигурно е дека ќе бидеме меѓу најпогодените области од какво било политичко истоштување. Затоа нелогично е да се напаѓа нашето раководство што се обидува да остане нормално и лојално во овие крајно ненормални услови кога буквално не се знае што следува утре.
Историјата покажала дека ниеден мировен договор и ниеден воен сојуз не траеле вечно. Но, сепак, сите владетели и народи со векови се стремеле пред да започне војната да се најдат на вистинската страна на историјата. Ако се гледа по воените буџети, меѓународниот престиж и техничката спремност, НАТО-пактот дефинитивно во моментов ја има целата можна супериорност на оваа планета. Тоа не значи дека работите не можат драстично да се сменат во наредните 20 години, па еве нека се и десет. Но, дефинитивно ваква воена супериорност нема да се прокоцка или промени во наредните неколку месеци или години. Затоа понекогаш и не е толку „немудро“ да се остане лојален и да се сочека исходот од настаните.
Точно е дека она што најмногу боли е фактот дека на некои членки на НАТО им е дозволено сè, а на некои буквално ништо. На пример, на Германија ѝ е дозволено да има дури три гасовода кои ја поврзуваат со Русија, а на Бугарија и на Македонија ниту еден единствен. На САД им е дозволено да прават трилиони профити во економската соработка со Кина, а на нивните помали европски сојузници им е забрането да користат 5Г-мрежа што директно го кочи нивниот развој. Вакви примери има мал милион, но тоа за секој кој следи светска политика барем десетина години и не е ништо ново. Кај нашиот народ има една поговорка која вели „тој се однесува ’бајато‘ затоа што му се може“. Епа и на САД и на Германија со такви блескави економии и армии едноставно им се може. Тоа не значи дека и ние треба како жабата да ја кренеме ногата само затоа што сме виделе дека го потковуваат коњот.


 (Економија и бизнис, печатено издание. март 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО