Општество

Рембер: Трупата на луѓе гуштери

Емануел Рембер

Авторот е директор на Францускиот институт во Скопје | www.ifs.mk

Есен е, убава есен што го чека следното годишно време. Дрвјата имаат пламена боја. Два орла минуваат по небесниот свод.

Откако го поминав крајбрежјето на Мавровско Езеро, облеан од обилното синило ги посетив калуѓерите во Манастирот „Свети Јован Бигорски“, на стрмниот пат што води кон Дебар. Зад високите ѕидови на манастирот, многу мир. Изолиран од надворешниот свет, во него се негува понизноста, се дисциплинира волјата, се кове верата.

Од еден ѕид на друг. Сега имам средба со екипа на француски спортски качувачи: Џонатан, Жером (светски првак), Гијом, Тома, Елоа, Солен и Ромарик. Со нив, придружувани од Владо и Димитар од Федерацијата за планинарство на Северна Македонија, одеднаш се најдов на овој друг кат од светот. Тие се млади, вити како гуштери и дојдени да отворат насока 7.- 8. ниво на една варовничка карпа што отсега ќе се вика Френч Вол. Низ блага насмевка ми раскажуваат за нивното дело: отворањето насока е градителска работа што изискува бестрашност и разум. Се наоѓаме во подножјето на карпата каде што ветрот ги движи јажињата во боја. Уште сега имам впечаток како да сум меѓу облаци во овие високи предели каде што човек се чувствува лесен како пеперуга.

Овие спортски качувачи знаат дека дрво што паѓа прави поголема бука отколку шума што расте. Слично на писатели на роман, започнаа со означување на местата, анализирање на карпата од далечина, разгледување на геологијата на масивот. Ги слушам како коментираат за видовите карпи што ја определуваат формата на планината, атхезијата, нужната заштита, како и тврдоста и видот на можно кршење. Што е одлучувачко за качувањето.

Планината е место на широки хоризонти. Се качуваат за да видат подалеку. Се искачуваат за да имаат отворена врата кон небото. Моите јунаци се една млада жена и млади мажи за кои авантурата значи да се ставиш на испит, да излезеш од својата зона на удобност. Ги нарекувам гуштери, се смеат. Авантурата значи да прифатиш одредена активност на која некој пред вас не ѝ го поплочил целиот пат.

Се распоредија човечките гуштери по градилиштето; треба да го завршат последниот кат од насоката што наскоро ќе биде отворена. Ги набљудувам оддолу. Група спортски качувачи како лего-коцки удирани од ветрот, како око на микроскоп. Нивната сила пред мои очи десеткратно се зголемува, добива раце и нозе. Шлем, чевли за качување, појас, речиси и да не носат ништо на себе, освен сеќавањето на карпата.

Ѕидот за качување може да наликува на центар за рехабилитација: да се држиш со еден прст и една нога, да одржуваш рамнотежа, да го виткаш рачниот зглоб, да го свиеш коленото, да бидеш истраен, вешто да се качуваш. Но, првиот контакт со новата насока е слична на љубовна средба. За неа мечтаеле од далечина, наеднаш ја откриваат во нејзината интимност, во секоја пора од нејзината кожа и во најскриените делови од варовник. Се прилагодуваат на секое нејзино извивање, на секоја издигнатост. Тоа е нивниот начин на меѓусебно запознавање.

Пред средбата со овие спортски гуштери ми беше позната само живата планина, средновисоката планина со овци или крави, со дрвени куќи и луѓе што можат таму да живеат, да јадат, да пијат и да спијат.

Во ваше друштво, одвај и да се чувствуваат трагите на времето врз варовникот. Ви благодарам Џонатан, Жером, Гијом, Тома, Елоа, Солен и Ромарик што ја отворивте оваа насока во Националниот парк „Маврово“ во Северна Македонија. Благодарам што ми ги отворивте очите. Необичен сон во есенски ден. Да му дадеме животно мото: да побегнеме на планина, да спиеме на врвот, да читаме можеби?

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО