Општество

Камберова: Пат во минатото

Сузана Камберова

Авторот е доктор по медицина

Тој погледна во двојката. Момче и девојка на седишта десно од него, преку преминот, непрекинато се бакнуваа. Девојката седеше со вкрстени нозе кренати од подот, а момчето ја гушкаше околу рамениците, постојано привлекувајќи ја кон себе. Таа со напучена уста, избакната веќе на милион начини, се смееше, гледајќи во него. И момчето се смееше, па повторно ја привлекуваше и ја бакнуваше. Ова се повторуваше како церемонија чија смисла им беше разбирлива само на нив двајцата.
Сите вљубени се здодевни, помисли тој безволно. Кој ќе ги гледа ако продолжат вака? Како му се падна баш ова место? Но, немаше избор.
Авионот полека се полнеше со патници. Имаше секаков свет. Тоа беше очекувано, си рече во себе. Или сепак не?
Всушност, тој немаше никаква идеја. Сè започна како аномалија. Комплетна аномалија во нормалниот тек на неговиот живот.

***

„Дали разговарам со господинот Блажевски?“, гласот од другата страна на линијата беше полн со неприродна ведрина. Веднаш знаеше дека тоа не навестува ништо добро. Се колебаше да потврди, обидувајќи се да се извлече од непријатниот разговор.
„Господине Блажевски, се јавувам по налог на Интернационалната инвестициска банка“, гласот продолжи да ниже зборови со певливо црцорење.
Се разбира, тој знаеше дека таа се јавува по налог. Само тие му се јавуваа. Налогодавачите и нивните застапници. Банки, социјални и телефонски компании, оние за управување со електрична енергија, вода, греење, пензиски фондови, јавни и приватни, осигурителни друштва, рекламни агенции, испитувачи на јавното мнение, анкетари на предизборни расположенија и слични административно-финансиско-информативни чудовишта, кои хараа по градот како бауци. Невозможно беше да се избега од нив. Нивните пипала ќе го извлечеа човека од пукнатина меѓу подните штици.
„Господине, знаете дека ратата на вашиот кредит од 250 000 денари веќе во трет последователен циклус е неплатена.“
Секако дека знаеше. Зарем беше возможно да не знае? Попрво би го сметнал од ум името на сопствената мајка одошто својот кредитен рејтинг. Знаеше и што ќе следува. Конфискација, нотари, извршители. Немаше друг излез.
Не успеа. Потфрли. Ратите го прегазија. Го дотолчија. Цел еден живот, сите достигнувања, среќни спомени, наспроти недостижни 250 000 денари. Не успеваше да ги исплати, колку и да се напрегаше. Тој беше стока без вредност. Професор по книжевност во пензија. Не можеше да се продаде на пазарот. Кому му е потребен? И седумнаесетгодишната инфлуенсерка од Инстаграм, од петтиот кат, веќе го гледаше од високо, дрско мавтајќи со „Гучи“ чантата кога се разминуваа, а камоли банката.
„Сепак, господине Блажевски, не грижете се“, призвукот на одглумена еуфоричност не му влеваше доверба. „Со задоволство можам да ви соопштам дека за вас подготвивме изненадување“, продолжи гласот неумоливо.
Зарем е можно уште да имаат изненадувања за нив, изнемоштените клиенти? Што да очекува? Уште да го фрлат во кафез со лавови, со вреќа пари и парче месо? Кој прв до нив, негови се парите. Месото е бонус.
„Нашите аналитичари оценија дека совршено се вклопувате во профилот на кандидат за нашата нова финансиска програма. Се работи за уникатна кредитна линија, нешто што може слободно да се нарече кредит на иднината. Ќе ви објаснам за што станува збор. Всушност, името е сосема апсурдно“, гласот се закикоти како да се забавува.
Ова беше досега целосно неиспробан пристап во работата со клиентите. Го вознемири овој неочекуван тактички пресврт кај противникот.
Зарем ова им е смешно, помисли резигнирано. Ќе го дотераат човека до просјачки стап и притоа се забавуваат. Бездушни времиња дојдоа.
„Дали сте заинтересирани? Ќе можете успешно да ја решите обврската по основ на кредитот доколку исполните еден мал услов. Ви нудиме шанса едноставно да го подмирите долгот.“
„Каков услов?“, праша тој со рамнодушност, повеќе затоа што така се очекуваше од него одошто сакаше да ја игра оваа игра на доверители и довереници во која се знаеше победникот.
„Ви нудиме патување во минатото.“
Од другата страна на линијата настапи тишина полна со значење. Му се пристори дека не чул добро. Што рече таа? Патување во минатото? Што зборува? Дали е денес денот на шегата?
„Господине Блажевски? Дали сте сè уште на линија?“
Секако дека беше сè уште на линија. Го прочисти грлото за да ѝ стави до знаење дека е тука.
„Господине, вие се квалификувавте меѓу голем број на наши клиенти за учество во најновиот проект реализиран во соработка со компанијата Science Future Technology. Избраните добиваат шанса да се вратат во времето и да ги изменат околностите кои ги довеле до сегашната состојба. Се работи за уникатна можност и сосема безбедна постапка. Вратете се во сопственото минато. Наместо да земете пари на кредит од нашата банка, вие едноставно нема тоа да го направите. Добивате втора шанса, а истовремено придонесувате за успешност на нашата инвестиција во експерименталната програма на Science Future.“
Не можеше да поверува. Да се врати во времето? Некој грубо се шегуваше со неговата мака.
„Како ќе се изведе тоа?“, праша навидум заинтересирано, за да добие во време и да ја разобличи оваа измама.
„Ох, постапката е мошне едноставна. Навечер, пред да си легнете, треба само да ја ставите вашата штедна книшка под перницата.“
„Да ја ставам книшката под перница?“, запраша тој со забележлива иронија во гласот. „Штедната книшка на вашата банка, под мојата глава! Потоа да заспијам? И тоа е сè?“
„Секако, господине Блажевски. Постапката е едноставна и исклучително пријатна за вас. Мислевме на сè. Можеби не знаете, но во вашата книшка одамна е вграден современ микрочип изработен од посебен вид ултра тенки влакна вткаени во долниот агол на петтата страница. Нашата банка веќе подолго време инвестира во технологиите на иднината, тоа секако го знаете. Секоја година за божиќните празници ви испраќавме промотивен материјал.“
„Инвестирате со моите преплатени пари, оние што ми ги собирате со децении“, неговиот глас започна да трепери од лутина.
„Ве молам, господине Блажевски, ама ние секогаш сме биле со вас. Само присетете се, за време на студиите, венчавката и бракот, при купувањето стан и автомобил, за едукација на децата, па погребалните услуги, кога, кхм, ... госпоѓата Блажевска... знаете веќе што сакам да ви кажам. Затоа и сте еден од нашите омилени кандидати за овој проект. Ставете ја книшката под перница, а другото препуштете го на нашиот тим. Во договорот сè ви пишува...“
„Пријатно!“, рече тој и нагло ја прекина врската. Мора да се работи за скриена камера, си помисли.
Сепак, таа вечер не можеше да ѝ одолее на вродената љубопитност. Ја зеде книшката од фиока и почна да ја загледува. Аголот на петтата страница беше навистина малку необичен, но ништо повеќе од тоа. Ги погледна колоните бројки, нанижани на страниците на книшката. Листајќи ја, наидуваше на иста слика. До некој минат датум стоеше бројка со ред нули. Потоа бројот на нули опаѓаше дури да се сведе на една, па сè започнуваше одново со некој нов датум. Колку кредити низ годините зел тој од оваа банка, се ужасна наеднаш. Колкава камата им исплатил? Се згрози, ја заклопи книшката и ја фрли на подот. Потоа се довлечка до постелата, легна и ја стави главата на перница. Одеднаш, зачуден самиот од себеси, ја испружи раката, ја дофати книшката, ја стави под глава и ги склопи очите.

***

Се разбуди во авион. Погледна десно, во двојката која се бакнуваше. Ех, помисли, колку невоспитано.
Авионот беше полн со луѓе. Моторите зататнеа, клунот се издигна. Полетаа.
Пред патниците се појави стјуардеса. Им се обрати свечено, со широка насмевка:
„Почитувани патници, добредојдовте на нашиот прв лет. Гости сте и клиенти на Science Future Technology. Овозможено ви е да станете пионери во едно сосема ново поле на технологијата. Вас ве избраа бројни институции со кои соработуваме. Сите вие имате нешто во минатото, што би сакале да го промените. Ова е вашата втора шанса. Ќе ви ги разделам договорите. Внимателно прочитајте ги и потпишете се.“
Стјуардесата секому даде лист хартија и пенкало. Господинот Блажевски погледна збунето во листот кој го држеше во рацете. Име на позната болница, дијагноза леукемија!? Што пишува тука? Ништо не сфаќаше.
„Простете, вие ли сте Блажевски?“, му шепна девојката која беше дел од вљубената двојка од неговата десна страна. Тој ја погледна збунето.
„Мислам дека ги измешале нашите договори“, му се насмевна таа. „Вие го имате мојот, а јас вашиот.“
„Ох“, рече тој, збунето вртејќи се на столот. Љубезно ги разменија хартиите.
Стјуардесата се појави повторно.
„Ве молам за тишина. Треба да ви соопштам уште нешто!“, повика таа.
Полека сите замолкнаа.
„Треба да ви разјаснам една работа“, повтори таа полека и ги опфати со поглед, лик по лик.
„Ова е натпревар. Само еден од вас, тој што ќе успее да ги елиминира сите останати, ќе добие втора шанса. Деталите ќе ви бидат објаснети кога ќе слетаме. Future Tehnology сè ќе снима и ќе пренесува преку специјална платформа. Ќе биде спектакуларно. Секој од вас може многу да добие или сè да изгуби. Повторувам, има само еден повратен билет од минатото. Ви посакувам на сите многу среќа!“
Изговарајќи ги последните зборови, ги крена рацете со стиснати тупаници, воскликна и исчезна во кабината, оставајќи ги патниците збунето да се загледуваат. Завладеа непријатна тишина. Сите молчеа.
Тој погледна вдесно. Девојката и момчето повторно се бакнуваа. Се завали во наслонот и замислено се сврте кон прозорецот, ѕиркајќи во темнината низ која летаа со брзина на светлината. Длабоко воздивна и полека ги затвори очите.

(Eкономија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г)

ПРЕПОРАЧАНО