Општество

Георгиев: Колапс на системот

Гордан Георгиев

Авторот е политиколог

Една година од карантинот, треба да се направи здрава рекапитулација и попис на сето она што ни се случи. Не сум толку педантен да ги наведувам сите работи што ни се случија, а и стравувам дека листата ќе испадне загрижувачки долга и депресивно загрижувачка. Една година потоа, можеме да кажеме, без да бидеме сфатени претерано субјективно, дека системот капитулираше. А кој систем? Што е всушност систем? Системот е една комплицирана спрега на врзани садови кои даваат сигнали од едно на друго место, а реципиентите на системот правилно ги препознаваат таквите сигнали и ги препраќаат на следната кота. Потоа системот претпоставува повратна спрега каде што истите тие сигнали или други сигнали повратно одат до првичните реципиенти. И така во еден релативно затворен круг на комуникација. Во политичкиот систем, како еден потсистем на општествениот систем, работите одат на следниов начин: власта, администрацијата, бирократскиот апарат, носителите на функции преку своето дејствување овозможуваат граѓаните да се чувствуваат комотно, на свое, на сигурно и безбедно... со две крајни цели: да плаќаат даноци со што го хранат системот и да му бидат лојални на системот легитимирајќи го буквално секој ден, а ставајќи му штембил на секои четири години. Системот дозволува дисторзии како резултат на најразлични фактори. Но, тие се токму тоа, дисторзии. Дисторзиите не можат да го загрозат системот бидејќи се поправливи. Но, кога системот ќе колабира, нема таков мајстор што може да го поправи.

Оставајќи ја економијата на страна, Економија и бизнис детално и суверено се занимава со неа, изминатава година системот во Македонија колабираше на три клучни точки кои требаше да бидат негови основни потпорни столбови. Тоа се: здравствениот систем, внатрешната стабилност и надворешната стабилност.

За здравствениот систем нема што посебно да се каже, а тоа да не го знае секој наш граѓанин. Во Македонија нема вакцини. Толку. Можеме колку сакаме да се споредуваме со кој било друг систем во светот, дека некаде е подобро, а некаде е полошо, но тоа не помага во општата перцепција дека нашава држава не успева да обезбеди вакцини за своите граѓани. И дека луѓето умираат како резултат на тоа. Умираат масовно. Скандалозното однесување на власта кон граѓаните кои потрчаа да се вакцинираат во Србија укажува на уште една, многу пострашна работа. А тоа е дека власта покажа пизма, нервоза, злоба, завист и вообразеност поради сопствената неспособност да набави вакцини. Настрана геополитичките импликации за идната поставеност на Србија во регионот, целава оваа пизма покажува дека власта не е способна да сочувствува со своите граѓани и единствено нешто што прави е да се труди како што подолго да се задржи на власт. А тоа е рецепт за пропаст на секоја власт.

Внатрешната (не)стабилност е сериозно поткопана изминатава година. Под превезот на „Едно општество за сите“, сите се наоѓаме во една состојба на презир, на огорченост и на елементарна недоверба кон постапките на власта. И најдобрите пробиви и дострели на оваа власт, како на пример големите апсења минатиот месец, не успеаја да ја засенат недовербата во системот. Изразуваме сомнеж за секоја постапка, постојано бараме скриени намери, дилови и теории на заговор. Веќе не важно дали тие постојат или не, важно е она што ние граѓаните го мислиме. Тоа власта, како и секоја друга власт која влегува во стаклено ѕвоно, не го разбира. И затоа се лути, негодува, шири јад и нервоза, просто понекогаш имаме чувство дека го мрази сопствениот народ. Тоа мразење е всушност првиот симптом на бес кон сопствените постапки и неможност да се справи со последиците на сопствените постапки. Голиот пи-ар, и онака очаен и недоквакан, само ја дополнува сликата и ја парализира и онака кревката владина машинерија. Го поткопува самиот систем кој треба да ја одржува владата. Епитом на грешките во чекори кои ги прави власта е пописот. Пиаровски продаван како чиста статистичка операција (А не е! И не може да биде во етнички поделени општества!), пописот се наоѓа на крстопат да стане дупло голо: ем сериозно уназадување на етничките односи (поради катастрофално себичното однесување на ДУИ) ем Дамоклов меч за ужасната епидемиолошка состојба во државава. ДУИ се однесува како да не е важно здравјето на граѓаните етнички Албанци, туку дека единствената важна работа е тие да се попишат, та биле живи, болни или умрени од ковид. СДСМ ќе ги вакцинирала приоритетно попишувачите, во ситуација кога татко ми (доктор, хирург, 72-годишен) и мајка ми (70-годишна, кардиоваскуларни проблеми и автоимуна болест) немаат абер да стигнат на ред да добијат вакцина. Зошто отидов во Белград да примам вакцина? Одговорот е едноставен: затоа што во мојата држава предност при вакцинирањето имаат попишувачите! Личен сум? Да, многу сум личен, како и сите останати над кои им виси гилотината наречена трет или четврт бран. Додека го пишувам овој текст, пописот не е одложен. Кога ќе биде објавен овој текст пописот ќе биде одложен, на среќа на сите здраворазумски луѓе во државава. Ќе ќарел Мицко од одложувањето на пописот? Ќе лапал политички поени? Па дали сте вие нормални? Совршено ми е сеедно кој тоа ќе ќари или ќе изгуби. Не ми се игра овој рулет со човечки животи. Пописот треба да се одложи за да се спаси барем некој живот повеќе. Тоа е единствената калкулација која има смисла да се прави.

Надворешната стабилност, пак, ни е поткопана не сосема по наша вина. Да, нашата сервилност и кроткост надалеку се познати, немањето вакцини е дел од таа сервилност, но овој пат се работи и за склерозата во напредна фаза која ја покажува меѓународната заедница на чело со ЕУ или остатоците од она што некогаш беше ЕУ. Македонија, и покрај тешките жртви, не ги почнува преговорите со Унијата, и тоа директно по вина на земја членка на ЕУ (Бугарија) и индолентноста (да, да, знаеме, и тивкото навивање на некои!) на останатите членки на Унијата. И не само што не ги почнува преговорите, туку механизмот на солидарност на ЕУ драматично потфрли и се прекрши токму врз Македонија. Сцената со десетиците амбасадори на скопскиот аеродром, чекајќи ги и поздравувајќи ги со пригодни говори првите дози на Астра Зенека, е најдобар показател колку сме сите отидени во бестрага.

Не ни оди оваа работа со симулирање на држава. Никако не ни оди. Можеби не им оди и на други држави. Но, зошто би се споредувале со други држави? Што имаме ние од тоа? Зошто би амнестирале некој со некој друг таму далеку од нас? Нема веќе простор за амнестија. А ни за амнезија.

Да се навратиме на системот. Кога колабира една држава, едно општество? Кога граѓаните комплетно ја губат довербата во институциите, кога се тотално апатични и не сакаат за ништо да знаат, кога НЕ протестираат за ништо, кога граѓанското општество е склеротично и не прави ништо, т. е. нема импулс да направи што било. Кога имаме таква атмосфера обично постојат две опции: или тивок распад и чмаење до недоглед или општ бунт против целиот систем по системот на „вили и мотики“... И тогаш пред очи ми доаѓа Левица, и си велам: па можеби подобро е да пропаднеме.

П. С. Синхронизираната реакција на поддржувачите на власта против граѓаните кои отидоа во Белград на вакцинација покажува една сурова и соголена вистина: дека поделбите во македонското општество не се по идеолошка линија, не се ни по линија СДСМ-ВМРО или ДУИ-Алијанса, не се ни по линија антиквизација-словенизација, не се ни по линија за и против ЕУ, не се ни по линија за и против криминал... Поделбите се просто на оние кои се на власт и сакаат да се одржи власта и тие во неа, и оние останатите, кои се надвор од власта. Последново друштво е мешано и меѓусебно непомирливо. Тоа се состои од оние кои сакаат да дојдат на власт и да останат на власт, од оние што им е преку глава од власта, но преку глава им е и од оние кои сакаат да дојдат на власт, од оние кои се апатични, мрчатори, негативци, од оние кои не можат веќе да издржат во вакво општество. Па, бирајте друштво.

(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО