Општество

Георгиев: Вакциниран сум, значи постојам!

Гордан Георгиев

Авторот е политиколог

Додека Македонија полека станува редок невакциниран остров на европскиот континент, најнапредните држави веќе ни даваат првичен сноп на светлина за тоа како ќе изгледаат етичките дилеми со целокупниот процес на вакцинирање, особено во делот на ограничување на човековите права и поставување нови (и различни) стандарди за општествено однесување. Веројатно очекувано иднината ни доаѓа од Израел, државата која покажува најнапредни перформанси во процесот на вакцинирање. Израел во средината на февруари има вакцинирано дури 4 милиони свои жители со барем една доза на вакцина, додека 2,6 милиони ја примиле и втората доза. За популација од 9 милиони жители, овие бројки се импресивни. Ова укажува дека добро организирана (и секако богата) држава може со голема ефикасност да постави „безбедносен чадор“ над своите граѓани. Темата за улогата на државата во обезбедување на јавното здравје е стожерна точка од моментот кога почна пандемијата. Таа ќе остане таква и во иднина. Но, она што станува етичка дилема е фактот дека дури 2 милиони граѓани на Израел кои имаат право да се пријават и да добијат вакцина, не го направиле тоа. Одбрале да не се вакцинираат. Веројатно секој од нив од различни причини. Двете главни причини за неволноста за вакцинирање се стравот и внимателноста од пребрзото излегување на вакцината („ќе почекам да видам како ќе биде, па потоа ќе се вакцинирам“) и идеолошката позиција на антиваксерство („Бил Гејтс сака да нè чипира, масоните имаат вмешано прсти, 5Г-мрежата итн.“). И без разлика за која причина се работи, законодавствата во светот, особено во демократските држави, не пропишуваат задолжително вакцинирање. Напротив, генерално вакцинирањето е оставено на слободната волја на поединецот, во форма на индивидуално човеково право. Токму тука лежи зајакот. Државите, политичките власти, имаат одредени државни интереси (raison d’etat) кои во овој случај ги надминуваат консидерациите за почитувањето на човековите права. Имено, државен/национален интерес е да се заштити општото (јавното) здравје на населението на одредена територија. Исто така државен интерес е економијата да функционира. На оваа крстосница меѓу јавното здравје и економијата, се чини дека државите нема да прават компромиси со индивидуалните права на граѓаните. Пионерскиот случај со Израел е индикативен и можеби ни го покажува правецот во кој сите ќе се движиме. Ова е исто така и врвно етичко прашање.

„Вакцинирањето на секој поединец е морална должност. Тоа е дел од нашата заедничка одговорност... Оној кој нема да се вакцинира, ќе биде оставен сам“, изјави неодамна израелскиот министер за здравство Јули Еделштајн. Да бидеш оставен сам во рамките на едно општество е исклучително непријатна ситуација. Човекот е човек затоа што живее во општеството, сам може да живее или ѕверот или Бог, велеше Аристотел многу одамна.

А како изгледа да се биде сам во Израел? Прво, сите вакцинирани граѓани добиваат таканаречен „зелен беџ“ со специјален персонализиран код кој ги содржи сите информации за вашиот вакцинален статус. Таквиот беџ ја претставува новата нормална ситуација, т. е. единствениот начин нормално да функционирате во општеството. Сакате да влезете во трговски центар, обезбедувањето на врата со читач на кодови ќе ве провери и ќе одлучи дали можете да влезете. Сакате да патувате со авион, мора да поседувате личен бар код. Сакате на концерт, не можете без беџ. Деновиве исто така се предлага закон „за идентификација на невакцинираните лица“ чии имиња потоа ќе им бидат доставени на локалните власти. Уф, Орвел и Хаксли во едно.
Дилемите се очигледни. Богатите и напредните држави ќе предничат во однос на сиромашните држави кои не можат да обезбедат соодветна вакцинација за своите граѓани. Работодавачите во Израел веќе размислуваат активно да ги дискриминираат луѓето кои не се вакцинирани: сакате да се вработите во нашата компанија, морате да бидете вакцинирани. И уште еден чекор понатаму: сакате да го задржите своето работно место, морате да се вакцинирате. Државата како наметнувач на моралот во едно општество е стара тема, најчесто брутално злоупотребувана низ историјата. Но, пандемијата отвора навистина нови предизвици кои силно ќе се судрат со непрестајната борба за сè повеќе индивидуални човекови права. Загрозувањето на јавното здравје е врвна етичка тема која не може да биде загрозена од волунтаризмот на поединецот. Во оваа битка, како и многу често во минатото, победата ќе ја однесе државата.

Така оваа криза го навестува, повторно и повторно, и тоа циклично се повторува низ историјата во разни форми, големото враќање на државата. Државата со големо „Д“. Или со други зборови, враќањето на авторитетот (потребата од авторитет). Државата како некакво последно прибежиште за заштита на граѓаните, преку вбризгување на пари/субвенции, одржување на здравствениот систем, систем на безбедност преку полицијата и војската. Можат да се лутат бранителите на концептот на „мала влада“ и влада како ноќен чувар, можат да се лутат анархистите и лесе-фер либералите, но овде важи онаа фраза дека пандемијата нè прави сите нас малку повеќе социјалисти. За добро или за зло, ќе видиме. Бирократијата и административната држава ќе бидат и ќе останат главните ’рбетни столбови на оваа старо-нова држава со големо „Д“. Тоа е толку очигледно, иако кризата е далеку од завршена: никој од нас не се обрати за помош кон пријателите, подалечните роднини или бизнис-партнери, туку сите сложно се обративме со барања кон државата.

Од друга страна, една од важните придобивки од оваа пандемија ми се чини дека ќе биде враќање на науката на голема врата, придружено со рецесија на политиката, особено политикантството. И тоа е некаква придобивка, во зависност кој и како ќе ракува со неа, бидејќи и науката, сепак, не е без идеолошка и без геополитичка боја, и таа има свои политички владетели...

Но, фактот дека сме опседнати со барање на релевантни научни извори за дневно надминување на кризата укажува дека живееме во свет во кој знаењето сепак НЕ доминира, туку имаме глобална доминација на незнаењето, лажната претензија на знаењето, пери-носи решенија, лажни вести кои им служат на политичките владетели, но и кои во поново време добиваат вирусна трансмутација и биваат користени без усул, дури и без политичка логика, чисто по инерција.
Сумирано, веќе речиси и да не е спорно дека во иднина ќе живееме во свет во кој не сакаме да живееме, а постојано одевме натаму и свесни бевме дека одиме натаму, по своја волја. Тоа е свет на повеќе надзор и повеќе казна, на повеќе страв (и продукција на нови стравови), на една нагласена колективна хипохондрија придружена со разни други хондрии и фобии.

На среден-долг рок, надежта е дека ќе доживееме некакво отрезнување откако ќе ги осетиме страничните, а не помалку важни последици на корона кризава. Потребно е малку да закочиме, да се вратиме назад или барем да погледнеме назад малку подетално во нашите минати поведенија. Притоа не мислам на апокалиптични визии и големи завери, туку повеќе на една серија на исплетени и испреплетени лични поведенија, навики, потчитености кои би морале да разбереме дека мораме да ги промениме, пред сè концептот на „немање време“ или „брзам“ или „имам многу работа“. Ах колку се тие бесмислени во овој период на седење дома. Имаме време, не брзаме, немаме многу работа. А сепак... ништо не правиме. Ниту читаме повеќе книги, ниту гледаме подобри филмови, ниту ги продлабочуваме нашите пријателства и релации со останатите луѓе. Ова се прашања кои според мене ќе го мачат човештвото на едно друго, повеќе метафизичко ниво, но еднакво важно по дневните импликации на нашите животи. Јас во оваа смисла сум оптимист дека сепак ќе успееме да се „најдеме себеси“, се разбира не во езотерична смисла, туку како подобри членови на општеството...
Во меѓувреме, граѓаните на Македонија можат слободно да ги одложат овие дилеми и размислувања на неодредено време. Ние сè уште ги немаме тие маки, та ние немаме вакцини.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО