Општество

Георгиев: За планот Б, надграден и проширен

Гордан Георгиев

Авторот е политиколог

Три вести, навидум сосема неповрзани, ми го привлекоа вниманието овие денови. Првата вест е дека американскиот Стејт департмент ќе им одобри 100 000 долари на невладини организации во Словенија за реализација на проекти насочени кон „зајакнување на врските“ меѓу Љубљана и Вашингтон. Темите кои ги исполнуваат барањата на проектот се широко дефинирани со цел да се опфатат прашањата на демократијата, човековите права, безбедноста и одбраната, како и развојот на економијата и претприемништвото, се вели во веста. Конкретно, американската страна им предлага на потенцијалните кандидати за грантови да работат во области кои вклучуваат развој на независни медиуми во Словенија, зајакнување на трансатлантската соработка, енергетска и сајбер безбедност, како и промовирање на идејата за борба против корупцијата, дигитализацијата и владеењето на правото.

Втората вест, оваа пак со многу посериозни импликации, е соопштението од телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Ангела Меркел. Имено, Бајден му соопштил на неспорниот лидер (во заминување) на Европската Унија дека меѓу надворешно-политичките приоритети на новата американска администрација е и Западниот Балкан. Според соопштението на Белата куќа, двајцата државници истакнале приоритетни теми, вклучувајќи ги Авганистан, Кина, Иран, Русија и Украина, како и Западен Балкан каде што е актуелно прашањето за решавање на односите и постигнување договор меѓу Белград и Приштина.
Третата вест е изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев, дадена по повод српскиот празник Свети Сава, дека македонската влада ќе го врати опционалното изучување на српскиот јазик во основните училишта, нешто што претходната влада на Груевски го укинала.

Овие три вести, погледнати во (старо) новиот геополитички контекст можеби можат да ни помогнат полека да го разбереме идниот наш свет и околина во кои ќе живееме, не по наша волја и не по наша вина. А сепак не нужно апокалиптичен свет. Европската Унија, тоа е веќе јасно, нема сила и знаење да се самоодржи. Поточно, далечниот идеал на Шуман, на Моне, а потоа и на Аденауер и на Де Гол, кој доживеа најдобра политичка артикулација во претседателствувањето на Жак Делор, денес е жртва на самиот себе. Имено, Европската Унија, веќе е очигледно, нема да може да го достигне тоа посакувано ниво на внатрешна интеграција, а едновремено да зрачи со привлечна моќ за останатите надобудни членки и народи распослани на нејзиниот лимес. Уште полошо, Европската Унија може да стане жртва на самата себеси и нејзините нозе испружени надвор од чергичето на можностите. Ако некогаш слатко и горко се смеевме на вицот дека на денот кога Македонија, Албанија, Босна, Србија ќе влезат во ЕУ останатите членки ќе ја имаат веќе напуштено неа, денес тоа сценарио изгледа непријатно реалистично. Секако, тоа нема да се случи, но Европа во повеќе брзини, Европа во неколку концентрични кругови, Европа за богатите и Европа за сиромашните... е тоа сценарио се чини дека нашироко се разгледува во бриселските кабинети. Прашање на ден, месец, можеби и година-две е кога ќе ни биде соопштено.

Во таквиот мек распад на концептот на Европската Унија, Вашингтон има што да прави. Секогаш присутен како некакво можеби помладо, но поуспешно братче, Вашингтон ќе мора да се вгради во новата поставеност и да ги зачува, та дури и да ги зајакне демократско-безбедносните врски со Стариот Континент. Тоа Бајден и оваа американска администрација добро го знаат. Беглиот пример со демократски проблематичната Словенија на Јанез Јанша и вбризгување на американски пари за развој на демократијата навестува дека Вашингтон веројатно ќе може и ќе сака да помогне во стабилизација на Европа, без разлика како самата ЕУ ќе одлучи да се развива понатаму. Следуваат Унгарија, Полска, веројатно и Бугарија. Бидејќи очигледно е дека и највкусните и најотровните плодови историски доаѓаат од европската политичка лабораторија.



Во прилог на ова, и поврзано со ова, говори и втората вест за телефонскиот разговор меѓу Бајден и Меркел. Овде се работи за тврда геополитика, нужно врзана за земјата, за тлото, за географијата. Да го сместите Западниот Балкан во друштво со Авганистан, Украина, Русија, Кина и Иран значи навраќање и реконфирмирање на тезата на претходниот американски државен секретар Џон Кери (од администрацијата на демократот Обама) дека Балканот е на „линијата на огнот“. Тоа укажува и на веројатно преференцијалниот пристап на Џо Бајден за тоа со кого тој мисли да го држи Балканот безбедносно стабилен. Тоа секако не е раштиманата ЕУ, туку само Германија, како и верниот американски сопатник Велика Британија. Оваа последнава, интересно, останува на Балканот и покрај Брегзит, и тоа на две клучни теми: безбедност и демократија! Нам ни преостанува малку да воздивнеме и да си кажеме: во ред, сепак фино друштво. Оваа тврда геополитика, поттикната и од ужасната криза со пандемијата, недвосмислено ја враќа важноста на државата (nation-state) наспроти регионалните интегративни процеси. Некои можеби ќе жалат, но концептот на држава со делимитирани граници, население, територија, полиција и војска е сè уште пргав концепт кој го издржува тестот на времето. И на тој концепт ќе се базира и идната поставеност на светот, па колку трае нека трае.

Конечно, да се навратиме на третата вест, воведувањето на српски јазик во македонските училишта. Значи не бугарскиот јазик, како што навестуваше интервјуто за Бгнес, туку токму јазикот кој толку години нè беше разделувал од браќата Б’лгари. Оваа вест можеби личи како да е „вратка“ за вучиќевите осум илјади вакцини кои сепак не дојдоа, но во контекст на претстојните големи прегрупирања неодоливо упатува на барањата за поголема интеграција на регионот кој никогаш нема да биде интегриран во ЕУ. Оттука идејата за Малиот Шенген повторно добива своја вистинска физиономија и веројатно таа идеја овојпат ќе добие директно спонзорство од Вашингтон. Со еден збор, ние ќе ви помогнеме да се стабилизирате економски и безбедносно ако вие (државите од Западен Балкан) покажете волја и умеење за регионална соработка. А демократијата сама ќе си дојде, ако воопшто дојде. Европската Унија заборавете ја. Ах, колку далечна звучи од денешна перспектива „понудата“ до претседателот Стево Пендаровски за брз влез на Македонија во Европската економска зона (ЕЕЗ) и колку кусогледо се покажува неговото резолутно одбивање за таква интеграција. Или ЕУ или ништо, или со штитот или на него. Сега горката иронија нè упатува на тоа дека кога во следниот миг Вучиќ ќе ни намигне, ние „пошто пото“ ќе кажеме „дај шта даш“.

Каде сме ние тука во оваа комплицирана спрега? Ако ни стане јасно, т. е. кога ќе ни стане јасно дека приказната за „Северна Македонија во ЕУ“ е завршена и кога нашите државни раководители со снебивање ќе ни соопштат дека планот А не постои, тогаш на заминување ќе треба и да ни кажат кој е планот Б. Македонија опасно и редовно доцни во предвидување на следните чекори и стратешко позиционирање визави поместувањата во регионот, во Европа и во светот. Тоа доцнење искрено ме плаши бидејќи говори за нашата некадарност и постојаната потреба од некакво туторство. Имено, нашата домашна задача е како да го искористиме четиригодишното владеење на Џо Бајден во рамките на неговата геополитичка соработка со Германија и Велика Британија. На пример, доколку сè уште е возможен релативно брз влез во ЕЕЗ (стравувам дека веќе е доцна и за тоа), тогаш веднаш да го прифатиме. Второ, доколку полека, но сигурно се кристализира регионалниот пристап (интегриран Западен Балкан сам со себе), тогаш да се поставиме соодветно на тоа прашање. Македонија секако би била јуниор партнер во таквиот интегриран Балкан, но не е за потценување кога и на кој начин ќе се поставиме визави таквата „неминовност“. За почеток, осум илјади вакцини од Србија не е доволен „поткуп“, морковот мора да биде поголем, а добро изработена позиција на мал, но важен регионален партнер е нужната мирудија. Ние едноставно ќе мораме да се избориме за подобра стартна позиција во тој регионален проект. Ако ништо друго, го заслужуваме тоа. Нашиот де факто нов партнер Грција (ако веќе не може да ни биде пријател), во контекст на оската наречена коридор 10, може дополнително да нè факторизира. Со нашиот денешен „непријател“ Бугарија исто така не би имале посебен проблем да соработуваме, особено економски и безбедносно, токму затоа што идентитетските теми ќе исчезнат или ќе понираат во ситуација кога ЕУ би ни ја затворила вратата. Конечно, оваа позиција делумно би ни овозможила да градиме преференцијален систем на односи (економски!) со други недоволно демократски држави низ белиот свет. На крајот, нам ќе ни остане проблемот со достигнување на демократските стандарди внатре во државата, со борбата против корупцијата и општо со типот на политичка култура во државата. Појавата на нови автократски лидери и авторитарни излети скапо нè чини нас и само нас. За ова последново, демократските стандарди и корупцијата, ми се чини дека ќе ни треба нов политички штоф.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО