Општество

Тилев: Приоритети 2-0-2-1 (На што може да се фокусираме, а што треба да избегнеме)

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

Не само „Што“ туку и „Како“
Светот ќе ја памети 2020 година по пандемијата, ние колективно ќе ја паметиме по тоа што станавме 30-та земја членка на НАТО, по Одлуката за почеток на пристапните преговори и по блокадите од Бугарија, а сигурен сум дека секој еден од нас ќе си додаде во својата меморија и ред мали лични нешта што нè правеа среќни или несреќни тие 366 дена. Да, тоа беше престапна година или година на „порамнување“, односно „година на збунетост“ (Г. Ј. Цезар). Дали природата си ги порамнува сметките со нас или пак ние се обидуваме да ги поправиме претходните несогласувања и бараме излез од „збунетоста“, останува да видиме.
Вообичаено, настаните кои се зад нас ги анализираме и се обидуваме да извлечеме некоја поука, но едно е сигурно, секогаш може да се случи нешто неочекувано. Прашањето е дали како држава и општество имаме зрелост, капацитет и изградена отпорност за непредвидливи ситуации. Колку бргу можеме да се прилагодиме и да дејствуваме за да спречиме ескалација или да ги намалиме негативните последици? Дали нашите институции се оспособени и опремени да дејствуваат во вакви услови? Дали политиката им дава воопшто или доволно простор на професионалците? Дали одлуките се донесуваат врз основа на рационални стручни проценки или пак врз основа на политички калкулации? Не претендирам да одговорам на овие прашања што сите нè мачат секојдневно. Но, сакале или не, одговорите ќе си дојдат сами по себе, мерени низ призма на резултатите и изградената колектива отпорност, брзината и стручноста на реакциите, политичката одржливост на одлуките и, можеби најважно, довербата и стабилноста на институциите.
Не сум чул досега 2021 година некој да ја поврзе со придавката „историска“. Се чини дека или очекувањата на јавноста од тоа што може да се постигне оваа година не се многу високи или пак се плашиме од некое ново изненадување и разочарување. Не инсистирам на придавката „историска“, но лично сметам дека 2021 година може да биде година пресвртница, година на самоспознавање, да докажеме дека можеме и сами да туркаме крупни реформи, година на зреење во комплексна околина, да докажеме дека имаме политички капацитет за донесување исправни одлуки и институционална отпорност кон сите предизвици кои ги носат нашето непосредно соседство и поширокиот регион. Тоа секако не значи да се завртиме сами и само кон себе бидејќи сме премала држава и економија за такво нешто. Тоа никако не значи да престанеме да градиме европски систем со европски вредности и стандарди. Тоа секако не значи да престанеме да ги почитуваме нашите меѓународни обврски и тоа никако не значи да не сториме сè што е потребно за да ги одбраниме нашите државни и национални интереси.
Кога би составувал листа на приоритети на кои сметам дека треба да се осврнеме оваа 2021 година, таа листа би била многу долга едноставно затоа што треба многу да сработиме, доработиме и поправиме за да ги постигнеме целите кои сме си ги поставиле како општество. Но, кога би морал да издвојам само неколку, фокусот би го ставил пред сè на: брзо и праведно вакцинирање на населението, обезбедување на макроекономска стабилност, социјална и здравствена сигурност во услови на пандемија (и непосредно по неа), изборни реформи според мерката на државата и очекувањата на граѓаните, попис (конечно) како статистичка операција и европски локални избори. Европската интеграција како процес во кој сме интензивно над 20 години сметам дека веќе нема потреба ниту да се издвојува како посебен приоритет бидејќи сè што спроведуваме како реформа неизоставно мора да го има предзнакот „европска/европски“ како наша единствена стратешка определба. При тоа политичарите и институциите (граѓаните одамна го кажаа својот збор) не треба да одговорат само на прашањето „Што“ се реформира, се гради, се воспоставува, туку уште поважно на прашањето „Како“ и по кои процедури, според кои стандарди, за чии потреби, со која цел. Европеизацијата за која сите милуваме често да зборуваме може да се постигне само со „европски“ одговор и на прашањето „Што“, но и на прашањето „Како“.

Вакцинирањето, приоритет 2-0-2-1
Со право сите сме непосредно засегнати и загрижени, а и гласно коментираме и прашуваме за тоа кога и како (?) ќе се реализира најважната и можеби најосетливата операција оваа година, (што?) вакцинирањето против ковид-19. Во збирот на произведени звуци, неминовно има и фалш ноти, обиди за киднапирање на дебатата и политизација, ширење на лажни вести, дури и можни влијанија однадвор и обиди за креирање на атмосфера на паника и несигурност. Важно е да останеме смирени, конструктивни и да се обидеме да покажеме и да докажеме зрелост како општество, како институции и како поединци. Организирањето на масовното вакцинирање е исклучително сложена операција која мора да ја реализираат професионалци, но со целосно разбирање дека не се работи само за здравствен предизвик, туку можеби и уште повеќе за политички, економски и комуникациски акт кој или може да ја потврди нашата способност или уште повеќе да ја еродира довербата во нашите демократски институции. Мислам дека успешноста на државата и капацитетот на институциите во ова бурно време ќе се мери преку два параметри, прво, брзината и второ, праведноста на апликацијата на вакцината за заштита од ковид 19, при тоа без политизација и без социјални и етнички триења.
Бројките 3-6-9-18-21-8 имаат смисла само кога ќе се погледнат низ призма на бројката на изгубени животи поради овој подмолен вирус, па затоа сметам дека наш државен приоритет број 1 или 2-0-2-1 без никакво разногласие треба да биде детален јавно комунициран план за вакцинирање на населението. Тој би можел, меѓу другото, да вклучи и обезбедување на квалитетни вакцини одобрени од СЗО/ЕУ, транспорт и складирање на вакцините и притоа да се избегнат потенцијални регионални конфронтации, како и осигурана безбедност на вакцините од влезот во земјава сè до нивната апликација за да се оневозможат сомнежи, шпекулации и наплив на лажни вести. Потребно е и утврдување на листи на приоритетни групи, следејќи ја како пример логиката на планот на ЕУ, со цел да се избегнат несакани турканици при што секоја вакцина да добие (свој личен) број и да се следи соодветно сè до нејзината апликација. Исто така би требало да се направат итни измени и дополненија на соодветните законски акти со дефинирање на делото „злоупотреба на ковид вакцините“ од каков било карактер за кривично дело со најстроги можни казни за сторителот/сторителите. Заради транспарентност би требало да се дава неделен јавен отчет на сите надлежни органи за имплементацијата на планот за вакцинирање, со цел да се избегнат „бранувања“ и конфронтации во јавноста со политички предзнак, во што секако би помогнало доколку се обезбеди и месечен отчет пред надзорно тело формирано од Собранието со паритетна застапеност на политичките партии, на јавна седница. Мора да се обезбеди деполитизација и деетнизација на процесот на вакцинирање. До нас е, имаме можност низ процесот на вакцинирање да ја покажеме виталноста како општество и способноста да се справуваме со комплексни предизвици, но и да ја вратиме довербата во нашите демократски институции.

Европеизација, на што може да се фокусираме, а што треба да избегнеме
Она што на почетокот на 2020 година со новата методологија за преговори се чинеше како откочување и свеж импулс за процесот на проширување за целиот Западен Балкан, на крајот од годината заврши како фијаско со блокадите од Бугарија кои предизвикаа бран на општо незадоволство и фрустрации кај нас, но и кај останатите земји од нашиот регион.
Советот на ЕУ оваа 2021 година е претседаван од Португалија и Словенија, во не баш пријатни услови на изгубен кредибилитет на ЕУ во однос на проширувањето и усложнет политички амбиент. Во текот на годинава треба да се спроведат ред важни избори кои ќе влијаат на креирањето на општата политичка клима во регионот и во ЕУ, тргнувајќи од Косово (вонредни парламентарни избори и избор на претседател), Холандија (парламентарни избори), Бугарија (редовни парламентарни и претседателски избори), Албанија (редовни парламентарни избори) и Германија (федерални избори), а кај нас треба да се спроведат редовни локални избори. Сведоци сме дека изборите имаат неминовно влијание на политички промени во дадената земја, во нашиов случај и во регионот. Предизборната реторика, особено во Бугарија, не ни дава за право да бидеме големи оптимисти за евентуално брзо откочување на нашиот евроинтегративен процес, но од друга страна, пак, внатрешните очекувања и потребите од продлабочување на реформите во земјава не ни даваат за право да бидеме ниту песимисти. Со наведнати глави не се прават реформи. Затоа, доколку навистина сме убедени дека европеизацијата ќе ни донесе добро, тогаш со или без датум за почеток на пристапните преговори мора и да се однесуваме европски. Прво, мора да ја задржиме нашата зрела и квалитетна комуникација со сите наши стратешки партнери, со сите ЕУ-институции и со сите земји членки на ЕУ, вклучително и особено со Бугарија и Грција. Имплементацијата на договорените меѓународни обврски се одлика на зрели држави исто толку колку и заштитата на државните и националните интереси. Второ, мора да продолжиме со институционалните подготовки за пристапните преговори за да не бидеме изненадени кога и да се случат тие. Новата методологија за преговори наметнува потреба од адаптација на нашиот преговарачки и координативен механизам, како и темелни подготовки за водење на ефикасни и ефективни преговори. И трето, европеизацијата мора да ја реализираме дома не само како транспонирана норма туку и во пракса, како филозофија на живеење и однесување, пред сè преку обезбедување на доследна имплементација и на европските технички стандарди. За да се фокусираме на овие цели во 2-0-2-1, сметам дека треба да се побара од Европската комисија продолжување на билатералниот скрининг и без да се чека на Првата меѓувладина конференција со цел да се пренасочи товарот на процесот на администрацијата и да се „ослободи“ простор за политичките чинители да ги продолжат разговорите со Бугарија и Грција. Бидејќи се разговара за исклучително осетливи прашања што непосредно и подеднакво нè засегаат сите, политичкиот консензус и здравите компромиси се исто толку важни како и градењето партнерство со легитимните претставници на граѓанското општество.
За да го задржиме фокусот на европеизацијата, она што сметам дека треба да се обидеме е да ја избегнеме реториката која „проповеда“ или „предупредува“ дека пристапните преговори до полноправно членство може да траат 10 до 15 и повеќе од 20 години. Ваквиот дискурс може лесно да нè доведе во ќор-сокак и да го направи самиот процес беспредметен за оние кои учествуваат во него подолго, но и сосема непривлечен за помладата генерација. Процес без цел и временска рамка е како трка во која влегувате, а немате претстава колку долго ќе трае. Ја разбирам политичката резерва од страна на ЕУ дека тие не сакаат да си постават себеси временска обврска, но тоа секако не нè спречува нас да си поставиме наша домашна временска рамка. Доколку сме сериозни во нашата стратешка намера, а убеден сум дека сме, мора да бидеме одлучни во поставувањето на нашата цел и динамика не само како Влада туку и како држава. Според мое видување, секоја временска рамка која би надминала 6 до 10 години од официјалниот почеток на преговорите до исполнувањето на нашите обврски за полноправно членство би била дестимулативна и би го изгубила позитивниот магнетизам кој го има процесот за помладите генерации. Исто така сметам дека треба да избегнеме „непринципиелните понуди“ за членство во европската економска област да станат дискурс и супституција за идното полноправно членство во Европската Унија. Зарем е исто да го составувате менито и да бидете на менито? Единствено прифатлива е соработката и координацијата на политиките во рамките на единствениот регионален пазар, под мониторинг и со подршка на Европската комисија, како подготовка до полноправно членство.
Да потсетам, во 2004 година аплициравме за полноправно членство во Европската Унија за што беше донесена консензуална државна политичка одлука. Ништо повеќе и ништо помалку. Сметам дека какво било „поткастрено“ или делумно членство во која било друга заедница не ни оди во прилог и не е на линија на нашата стратешка определба.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО