Општество

Вучкова: Вложувањето во обновливи извори на енергија претставува начин за декарбонизација и за поквалитетна животна средина

Научна студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“

Ивана Вучкова, Фондација „Фридрих Еберт“, Канцеларија Скопје

Научна студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“

На среден и долг рок, едни од најголемите предизвици, како за глобалната така и за македонската економија, се климатските промени. Со цел навремено ублажување и адаптирање на последиците кои се предвидуваат од нив, како на економски така и на социјален план, многу земји, вклучувајќи ја и Европската Унија, пристапија кон сериозни заложби за климатска акција. Тоа се потврди и со Европскиот зелен договор кој предвидува јаглеродно-неутрален континент до 2050 година и кој, во време на глобалната пандемија предизвикана од ковид-19, стана стратешка определба на Унијата, а со тоа и обврска за идните членки. Светски економисти како нобеловецот Stiglitz гледаат на овој договор како на механизам за унапредување на социјалната правда и еднаквост, пред сè преку институционализирање на државната регулација на пазарот кој, за време на неолиберализмот, не се грижеше за животната средина и ова нè водеше кон еколошки катастрофи, глобално затоплување и климатски промени.

За да се одговори на овие предизвици, авторите на големата слика за македонската економија посочуваат на потреба од сеопфатна стратегија за инфраструктурни вложувања за „зелен раст“, која би се однесувала на временски период од неколку децении и би ги опфатила сите релевантни сегменти. На пример, треба да се подобри транспортната инфраструктура при што фокусот ќе биде на железничкиот транспорт како многу поеколошки од патниот. Вложувањето во обновливи извори на енергија, како соларната енергија, за кои нашава земја има значителен неискористен природен и инфраструктурен потенцијал (пример, децентрализирани соларни капацитети на покривните површини на јавните објекти), претставува начин за декарбонизација, но и нови работни места и поквалитетна животна средина. Дополнителното промовирање на зелените работни места преку соодветни образовни програми, унапредување на социјалната и здравствена заштита, ќе значат подготвеност за уживање на економските придобивки кои ги нуди транзицијата кон декарбонизирана економија.

ПРЕПОРАЧАНО