Општество

Работата на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Северна Македонија

Научна студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“

Ева Елерајт, директор на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Канцеларија Скопје

На демократиите им се потребни демократи – како и идеи за социјално и економски праведни политики во 21 век. Фондацијата „Фридрих Еберт“ работи во повеќе од 100 земји во светот во насока на промовирање на прогресивни политики кои помагаат да се развиваат мирољубиви, економски и социјално-праведни демократски земји. Канцеларијата во Северна Македонија, која оваа година ја одбележува 25-тата година од своето постоење, се стреми да продолжи со унапредување и зајакнување на соработката со националните и локални партнери и засегнати страни, да соработува со државните институции, како и со граѓанското општество и академската заедница. Преку вклучување на германски и европски експерти настојуваме да ги збогатиме и да ги поврземе дебатите кои ќе придонесат кон европската интеграција на земјава. Затоа постојаното вмрежување, поврзување на искуства и јакнење на конструктивен дијалог меѓу прогресивни домашни и меѓународни чинители е од суштинска важност за да ја надоврземе нашата работа на развојните текови и останатите состојби во земјава, но и да ги предвидиме идните предизвици.

Во свет кој е меѓусебно поврзан и соочен со глобални трендови на дигитализација, зелена економија и миграција, многу е важно нашата работа во Северна Македонија да оди подалеку од само одржување на состојбата на статус кво. Социо-економските предизвици кои постојат денес не се изолирани, туку се поврзани со политички стратегии од минатото и со визии за идни промени. Оттаму нашите обуки, конференции и документи за јавни политики разработуваат решенија кои се втемелени во основните вредности на социјалната демократија. Со младинските студии кои ги спроведовме во минатото, како и со претстојната студија за жените во Северна Македонија, веруваме дека ќе дадеме суштински придонес и препораки за обликување на иднината, што ќе им помогне на сите во земјава. Преку промовирање на младите во нашите активности, се надеваме дека ќе придонесеме во едукацијата и вештините на идните експерти и двигатели на социјално и економски праведните промени во сите области во нашево општество. Ние цврсто веруваме во водечкото начело дека мораме да имаме јасна замисла каде сакаме да стигнеме за да знаеме во која насока да се движиме. Ние се залагаме за социјалдемократски вредности и пред нас имаме јасен компас кој нè води во борба против нееднаквоста и промовирање на еднакво учество во демократските процеси и економскиот развој.

Во нашиот проект „Големата слика“ соработувавме со експерти кои имаат многу различи гледишта, но кои ги споделуваат суштинските вредности за тоа каде сакаме да биде нашава економија на среден и долг рок. Со оваа сеопфатна анализа се обидовме да дадеме одговори на прашањето како да се бориме против социјалната нееднаквост, а истовремено да ја развиваме демократијата на одржлив начин.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО