Економија

НОБЕЛОВЦИ ПО ЕКОНОМИЈА ЗА 2020 ГОДИНА
Оптимално дизајнирање на аукциите за постигнување оптимална алокација на јавните ресурси

Владимир Филиповски

Професор на Економскиот факултет Скопје

НОБЕЛОВЦИ ПО ЕКОНОМИЈА ЗА 2020 ГОДИНА

Нобеловата награда по економија за 2020 година им е доделена на двајца американски економисти: Пол Милгром (Paul Milgrom), професор на Департманот за економија на Универзитетот Стенфорд во Сан Франциско, и Роберт Вилсон (Robert Wilson), исто така од Универзитетот Стенфорд во Сан Франциско. Според Кралската шведска академија на науките, тие ја добиваат Нобеловата наградата за своите придонеси во „подобрувањата во Теоријата на аукциите и инвенции на нови формати на аукции“, односно: “for improvements to auction theory and inventions of new auction formats”. Посебноста на двајцата нобеловци по економија за 2020 година е што тие се во исто време и теоретичари и практичари, односно нивните придонеси во „чистата“ економска теорија се нераскинливо поврзани со нивната практична работа на дизајнирање на реално функционирачки пазарни механизми.

Во економската теорија, аукциите се есенцијален модел за концептуализирање на пазарот како механизам за алокација на ресурсите. Во реалниот економски живот, аукциите се институционален аранжман, како систем на правила и процедури, за учество и однесување на купувачите и продавачите на пазарот на одредено добро, со цел склучување на купопродажни трансакции кои се во најдобар интерес на учесниците на аукцијата. За илустрација, постојат неколку главни типа на системи на правила за аукции: прво, англиска аукција, кај која се почнува од најниската цена, учесниците јавно ги обелоденуваат своите понуди и победникот ја плаќа највисоката цена (која тој ја понудил); второ, холандска аукција, кај која се почнува од највисоката цена и се нудат сукцесивно сè пониски цени сè додека не остане еден понудувач со најниска цена; трето, аукции со понуди во затворени коверти, кога учесникот во аукцијата не ги гледа понудите на останатите учесници; четврто, аукции во кои победникот всушност ја плаќа втората највисока понудена цена, а не првата највисока која тој самиот ја понудил.

Но, аукцијата е комплексна игра на стратегии на учесниците во аукцијата кои наддаваат цени. Учесниците во аукцијата имаат свои индивидуални, приватни, субјективни вреднувања за доброто, кои се независни меѓу себе. Но, постои и т.н. заедничка вредност, нешто како пазарна објективна вредност која е блиска до цената која победникот на аукцијата би ја остварил при натамошна препродажба на доброто. И уште нешто, поединечните учесници во аукцијата можат да имаат и различни расположливи информации за доброто и оттаму различни проценки за заедничката вредност на доброто.

Нобеловецот Роберт Вилсон развива теоретски модел за анализа на ваквите комплексни игри на стратегии кај аукциите кога постои и приватна и заедничка вредност за доброто. Кога учесниците имаат различна информираност, секој учесник во аукцијата се соочува со ризик другите учесници да имаат подобри информации за заедничката вредност од него. Во такви услови, кај победникот на аукцијата се создава уверување дека тој веројатно платил превисока цена за доброто. Овој феномен кај аукциите е познат под името „проклетство на победникот“ („winner’s curse“) – задоволството на „победникот“ на аукцијата е поматено со чувството дека платил превисока цена за „победата“. За да го превенираат ваквиот исход, учесниците во аукцијата наддаваат со цени пониски од оние кои се нивна најдобра проценка за вредноста на доброто. Инаку ризикот да паднат во стапицата на „проклетството на победникот“ ги тера потенцијалните купувачи генерално да нудат пониски цени од објективната, фер вредност на доброто. Ваквиот неповолен исход е уште поизразен кога постои голема неизвесност за вистинската, објективна вредност на доброто и кога постои голема асиметрија во информираноста на различните учесници во аукцијата. Во своите главни трудови, нобеловецот Вилсон ги објаснил токму овие аспекти на аукциите, применувајќи ги теоријата на игри и економиката на информациите како методолошки алатки на современата економска наука.
Нобеловецот Пол Милгром, исто така, дава фундаментален придонес во Теоријата на аукциите. Тој ги анализира различните видови аукции со цел изнаоѓање таков дизајн на аукциите кој ќе овозможи оптимален исход и од аспект на продавачот и од аспект на купувачите на аукциското добро. Милгром особено ги анализира хибридните аукции кај кои потенцијалните купувачи како предлагачи на куповна цена треба да ја земат предвид не само вредноста што за нив поединечно ја има аукциското добро, туку и т.н. заедничка вредност. 


Пол Милгром (Paul Milgrom), (десно), професор на Департманот за економија на Универзитетот Стенфорд во Сан Франциско, и Роберт Вилсон (Robert Wilson), (лево) исто така од Универзитетот Стенфорд во Сан Франциско - добитници на Нобеловата награда за економија за 2020 година

Клучниот заклучок до кој доаѓа Милгром е во основа следниов: за да оствари повисок приход од продажбата на аукциското добро, продавачот треба да обезбеди услови да се воспостави што потесна врска меѓу цените понудени од потенцијалните купувачи и приватните информации со кои тие располагаат. Во овој контекст, Милгром предлага продавачот на аукциското добро да им обезбеди на потенцијалните купувачи пристап до објективна проценка за заедничката вредност на доброто, изработена од независен експерт/проценител. Со тоа Милгром дава фундаментален придонес за решавање на проблемот на „проклетството на победникот“ во Теоријата на аукциите, но исто така и во практичното дизајнирање на правилата на аукциите.

Всушност, основната специфичност на придонесот на нобеловецот Пол Милгром е што тој многу успешно ги применува сознанијата од Теоријата на аукциите за дизајнирање на практични решенија за организирање на аукции во реалниот економски живот. Еден од најпознатите примери за тоа е дизајнирањето на аукциите за алокација на лиценци за појаси на радиофреквенции, кои ги спроведува американската Федерална агенција за комуникации како регулаторно тело на секторот за комуникации во САД. Радиофреквенцискиот спектар е всушност заеднични ресурс (common resource) кој е ефективно во сопственост на државата, па затоа државата, во името на сите даночни обврзници, ги алоцира правата за користење на радиофреквенциските појаси кон приватни телекомуникациски фирми преку доделување лиценци. Во периодот пред 1993 година, алокацијата на радиофреквенциите во САД се вршела практично бесплатно, преку механизми ефективно базирани на лобирање од страна на приватните оператори или преку лотарии (во основа по случаен избор). Во овој контекст, Милгром и Вилсон се јавуваат како вистински пронаоѓачи (инвентори): тие ја дизајнираат т.н. симултана аукција со повеќекратни рунди (Simultaneous Multiple Round Auctions)2. Кај овој модел на аукција, сите радиофреквенциски појаси за различни географски региони се нудат во исто време, симултано, а на потенцијалните оператори им е дозволено да нудат цени за откуп на правата во повеќе последователни рунди (кругови на наддавање). Со симултаното нудење на цел пакет на радиофреквенции и со можноста за повеќекратно наддавање, моделот на аукција на Милгром и на Вилсон ги надминува двата проблеми кај претходно познатите модели на аукции – неизвесноста на идните аукции за поединечни регионални радиофреквенции и општиот проблем на „проклетството на победникот“. Оваа инвенција во сферата на аукцискиот дизајн практично овозможила општествена добивка (добивка за даночните обврзници) од 120 милијарди долари остварени приходи на државата во текот на периодот 1994 − 2014 година, како и проширување на користењето на овој тип аукции и на пазарите на електрична енергија и на природен гас.

Но, Пол Милгром продолжува со своите инвенции во сферата на натамошно усовршување на новите дизајни на аукции. Тој го изработува моделот на т.н. аукција со комбинаториски часовник (Combinatorial Clock Auction) која овозможува редуцирање на можностите за манипулации кои произлегуваат од можното договарање меѓу потенцијалните купувачи/учесници на аукцијата. Кај овој тип на аукции, потенцијалните купувачи нудат куповни цени за различни пакети, а секој пакет претставува различна комбинација на фреквенции. Во текот на повеќето рунди на наддавање не се открива идентитетот на „победникот“ на секоја рунда, туку само агрегирана информација за највисоката понудена цена и вишокот на побарувачка по завршување на рундата.

Уште една инвенција на Милгром е дизајнот на т.н. аукција заснована на поттици (Incentive Auction). Тоа е всушност двојна аукција која се состои од две посебни, но меѓузависни аукции. Со првата аукција се одредува цената по која постојните фирми − емитувачи на телевизиска програма се подготвени да ослободат некои од фреквенциите кои ги користат, а со втората аукција се одредува цената по која телекомуникациските фирми се подготвени да ги купат ослободените фреквенции за да обедбедат пристап до широкопојасен интернет. Кај аукцијата заснована на поттици, државата, т. е. регулаторното тело кое ги алоцира лиценците се јавува во двојна улога: прво, како купувач на фреквенциите од кои се откажуваат постојните корисници, а потоа како продавач на тие фреквенции на нови корисници.

Нобеловците по економија за 2020 година, Пол Милгром и Роберт Вилсон, се економисти чија работа е лоцирана во една област која е исклучително актуелна и важна за сите современи економии – тоа е пазарната алокација на многу вредни ресурси кои ѝ припаѓаат на целата заедница, а се во ограничена понуда. Алоцирањето на лиценци за користење на радиоспектрумот за 5Г-технологијата на мобилни комуникации; регулацијата на функционирањето на гигантските дигитални пазарни платформи; аукциите на електрична енергија на енергетските берзи; аукциите на дозволите за емисија на стакленички гасови – сето ова се примери кои ја истакнуваат потребата за дизајнирање на соодветни платформи на т.н. двострани пазари (two-sided markets) во модерната ера на дигитализирана комуникација. Сето ова, во исто време, е најголемиот предизвик со кој е сооочена современата економска наука во насока на апликација на алатките на економската анализа за дизајнирање пазарни аранжмани со кои ќе се максимизираат економските придобивки и за поединечните пазарни актери и за општеството како целина.

(Економија и бизнис, печатено издание, декември/2020 - јануари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО