Општество

ВАБИ САБИ (WABI SABI) − убавинатa на несовршенството

Лидија Георгиева

Авторот е дизајнер, редовен професор

Јапонска филозофија за совршено несовршен живот

Предизвиците со кои сме соочени годинава ни наметнаа измени во начинот на живот и секојдневие, сакале ние или не. Се обидов во мојот да внесам повеќе медитација, јога и техники за персонален развој. Зборувајќи за совршенство, во една од дискусиите со мојот јога учител, кажав дека според мене најсовршени се несовршените нешта. Во уметноста и дизајнот ако нема интерсен агол или поместување од реалноста или, како што јас велам, ако нештата се „љубезни“, не ми се ниту возбудливи ниту привлечни. На ова тој ми одговори дека овa се совпаѓа со ваби саби − јапонската филозофија за прифаќање на несовршеноста и максимално искористување на животот.
Ова е основниот принцип на оваа зен филозофија, но ваби саби има комплексно значење, невозможно е да се преведe со еден збор.
Во јапонската уметност ваби е ’квалитет на спокојна убавина, израз на медитативно расположение дефинирано во зен будистичката филозофија како духовна свежина, рустична едноставност‘ или ако треба дизајнерски да го преведам − непретенциозна елеганција (за мене лично тоа е вистинската елеганција).
Саби значи ’уживање во несовршеното, во убавината која произлегува од патината на старите предмети‘. Пукнатините и нерамнините кои настанале со времето го прават објектот поубав и повреден. Карактеристиките на естетиката ваби саби вклучуваат асиметрија, едноставност, минимализам, интимност, уживање во мудроста на природните процеси и предмети. Ова исто така вклучува прифаќање на животните циклуси, како и мајсторство во софистицирано, вешто поправање на штетата настаната при процесот на стареење.

Иако концептот на ваби саби е комплексен, можно е некои аспекти да се применат во секојдневниот живот. Безвременската мудрост на ваби саби сега, кога смислата во животот и духовно исполнување ни се неопходни, станува уште поважна. Стремејќи се кон перфекција, се соочуваме со емоции на незадоволство бидејќи не се чувствуваме доволно добри. Немилосрдната потрага по совршенство (социјален статус, имот, достигнувања) доведува до стрес, вознемиреност, депресија...
Ваби саби е самосвесен избор на минимализам, тоа е филозофија за тоа како можеме да живееме и да уживаме во нашиот живот сега, во овој момент. Може да се рефлектира низ одредена естетика или пак како начин на живот − филозофија на прифаќање на едноставната и несовршена убавина, разбирање дека има убавина во несовршеноста на животот. Оваа јапонска филозофија нè учи да се фокусираме на даровите кои постојат во нашето секојдневие и да ги славиме работите такви какви што се.

Од дизјанерски аспект, денешното значење на ваби саби би се поврзало со опишување на изгледот на нештата или чувството кога се гледа некое уметничко дело или простор кој еманира патина, автентичност.
Знаејќи дека нашите домови се директен одраз на нашиот живот, прифаќањето на филозофијата ваби саби може да помогне во создавање дом во кој ќе се чувствуваме пријатно, како во место за одмор, растење, учење и прифаќање. Тоа е филозофија што може да се користи како водич за уредување и декорирање на нашите домови.
Тука инспирација можеме да најдеме во прекрасните јапонски зен градини, во естетиката на создавање икебана или одгледување бонзаи, во јапонската керамика – особено интересна за овој текст е вештината кинсуги и, секако, за максимум медитација и спокој, церемонијата за чај.
Кинсуги е одличен пример за креативна вештина по принципите на ваби саби. Во оваа уметност/умешност наречена „златна поправка“, испуканата керамика или онаа издлабена од постојана употреба се исполнува со лак и со злато или сребро во прав како начин да се покаже убавината на нејзината старост. Значи, спротивно од потрагата по совршенство, дефектот наместо да се крие − се истакнува.
Но, внимание, ваби саби не е изговор за лоша изработка, напротив. Занаетчијата мора да е вешт за да постигне нова естетика на истиот предмет. Ваби саби го насочува вниманието врз пукнатините на шолјата за чај како дел од убавината на објектот. Овие траги го потсетуваат набљудувачот дека ништо не е трајно, сè е предмет на промена.

Што е потребно за да го прифатиме ваби саби во нашиот живот?
За да внесеме ваби саби во нашиот живот не се потребни пари, обука или посебни вештини. Потребен е ум кој е доволно спокоен за да ја цениме непретенциозната убавина, подготвеност да ги прифатиме работите како што се − без вештачки украси. Тоа ќе го постигнеме само доколку си дадеме можност одвреме навреме да го успориме темпото и да се стремиме кон баланс. Со тоа ќе си го надградиме она што веќе го имаме во животот наместо да се претставуваме како нешто сосема друго.
Па доколку сте подготвени да го поздравите совршенството да бидете несовршено вие, еве неколку идеи за малку ваби саби во вашиот дом и живот.

Прифаќање на несовршеностите
Ако ги прифатиме несовршеностите во нашиот дом и сме благодарни за фактот дека имаме дом, веќе сме на добар пат кон спокој и мир во нашиот простор.

Не се врзувајте слепо за трендовите
Трендовите во дизајнот се циклични, тие доаѓаат и си заминуваат како одраз на моменталните социо-економски состојби. Некогаш е тоа едноставност во совршено уреден дом, а некогаш се работи за богатство од бои и еклектични влијанија. Но, без разлика дали доминира рустична атмофера или француски стил, тој тренд ќе еволуира во нешто друго. За да се снајдете подобро во донесувањето одлуки при правење избор на нови детали или елементи во вашиот дом, обидете се да го препознаете стилот што е автентичен за вас.

Размислете за тоа кои работи ви се најважни
Кога ќе се ослободиме од непотребните предмети во нашиот дом, на некој начин се ослободуваме и од чувствата на вознемиреност, така учиме да ги цениме најважните работи.
Неопходните работи може да бидат различни за секого, но обидете се да ја најдете убавината во она што веќе го имате.

Бидете еколошки свесни
Идејата на ваби саби е компатибилна со еколошката свест која постепено станува неопходна за нашава планета. Ако сме селективни во она што го купуваме и ги чуваме предметите малку подолго, па зошто да не и како порано − можеби и за нашите деца, ние го прифаќаме ваби саби. Кога се фокусираме на квалитетни и природни материјали покажуваме благодарност кон нашата скапоцена планета Земја.

(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО