Општество

Сузана Камберова: Враќањето на Галилео

Сузана Камберова

Авторот е доктор по медицина

– Оваа бенка на вашата кожа не е бенигна промена. Потребно е веднаш оперативно да се отстрани.
– Не, не сакам операција.Тоа е мошне опасно.
– Опасно е единствено да не ја отстраните промената навремено. Така создавате услови малигните клетки да се прошират во телото и да ги зафатат внатрешните органи.
– Простете докторке, но зарем не може само да ја следиме? Знаете како викаат, не го чепкај лавот дури спие.
– Но, лавот е веќе буден, гладен и спремен да нападне. Не е вистина дека не треба да се „чепка“. Чепкањето, како што го нарекувате, е хируршка интервенција и се изведува по утврден протокол. Треба да е стручно сработено од страна на хирург. Тогаш е безбедно. Сѐ друго претставува голема опасност за вашето здравје, па и живот. Научно е докажано дека хируршката интервенција не е причина за дополнително влошување на оваа лезија.
– Сакам да ви верувам, но знаете, јас имав пријател кому берберот му ја повреди бенката. Потоа отиде на хирург. Кога хирургот ја извади, ја разлути, па тој за еден месец почина.
– Причина за таквиот исход не бил хирургот ниту отстранувањето, а ни повредата кај берберот. Се работело веќе за малигна промена. Ширењето започнало претходно. Во прашање е задоцнет третман.
– Јас, сепак, не би ја чепкал.
– Кога би се јавил тумор на некој внатрешен орган, дали би го оставиле или би го оперирале?
– Би го оперирал, се разбира.
– Зошто тоа би го направиле со промена внатре во организмот, а не и со таа на кожата? Зошто сомнителната промена на кожата не би ја отстраниле? Така би дозволиле непречено да метастазира во внатрешните органи.
– Да, можеби сте во право. Не размислував за тоа на ваков начин. Знаете, сите велат дека бенка не треба да се отстранува. Имам пријател, лекар е, но и тој секогаш ми го вели тоа.

 

Овој разговор е еден од многуте идентични кои ги водам на работното место речиси секојдневно. Со децении ништо во тој дијалог не се менува. Секогаш истото одрекување, истиот страв од страна на пациентот; дијалогот се одвива речиси по ист урнек со секого, млад или стар, маж или жена, едуциран или не. Недовербата во науката и нејзините тези е силна и денес, во дваесет и првиот век, време на модерна и напредна технологија. И покрај сиот прогрес, просечниот човек и понатаму повеќе верува во „допрен глас“ одошто во научен доказ. Постои длабоко вкоренето верување кај голем дел од луѓето дека секоја операција на некоја пигментација на кожата, која вообичаено се нарекува бенка, е поврзана со голем ризик по здравјето. Операцијата, на некој мистериозен начин, ќе ја „налути“ бенката и како резултат на тоа таа ќе се трансформира во малигна. Тие не размислуваат дали е логично тоа да се случи. Едноставно веруваат во тоа. А вербата доаѓа пред разумот во многу ситуации кога треба да се донесе важна одлука. Одлуката, пак, некогаш решава меѓу животот и смртта. Колкумина се подготвени да ја преземат одговорноста за такво нешто и да му ја доверат само на сопствениот разум? Би рекла, малкумина. Повеќето луѓе ќе побараат поткрепа од „внатрешното шесто сетило“ кое, освен на конкретни факти, се базира и на искуствата и на народната мудрост.

Науката одамна го отфрлила толкувањето дека оперативното отстранување е причина промената на кожата да малигнизира. Како и би можела тоа да го стори ако е веќе отстранета? Проблемот секогаш е во тоа што промената веќе е малигнизирана во моментот на дијагнозата, односно уште пред операцијата. Тоа ги намалува шансите за излекување и покрај нејзиното отстранување. Но, за несреќа и на сопствена штета, пациентот речиси секогаш ескалацијата на болеста ќе ја поврзе со самата операција. Погрешниот заклучок потоа се пренесува како искуство на околината и така се раѓа и опстојува уште една мисконцепција и недоверба во медицината како наука.

А сето ова можело да биде многу лесно избегнато. Но, зошто не е така? Зошто одредени луѓе и покрај голем број научни докази одбиваат да поверуваат во одредени факти и прифаќаат теории кои се сосема нелогични?
Причините се бројни. Во мојата пракса стравот е една од основните, дополнет со површна информираност, недоверба во авторитети и институции и секако во официјалната наука. Патот на науката често е трнлив и полн со ќорсокаци, па и грешки. Тоа многупати се зема како изговор зошто некој не сака да верува во научните тврдења. Полесно е да се врати чекор назад, кон исконското, кон верата или искуствениот пат на спознанието.

Динајализам (denialism) е англиски термин кој во психологијата означува ‘избор на личноста да ја негира реалноста како начин да се избегне непријатната вистина’. Динајализам во науката се употребува да означи одрекување на научните достигања и претставува отфрлање на емпириски и теоретски докажани теории и претпоставки и покрај официјалниот научен консензус, како и обид да се издејствува неоснована дебата по одредени научни вистини

Можеби тоа донекаде е и разбирливо, но постои еден проблем. Денешната технологија овозможува огромен, неселективен наплив на информации од разни извори. Туѓи искуства се споделуваат преку медиумите од секаков вид, или на социјалните мрежи, и го надминуваат она што би го нарекле искуство од прва рака или непосредно, лично искуство. Со тоа ваквите пренесени информации би требало да ја губат и веродостојноста, но се чини дека во реалноста не секогаш тоа е случај. Еден просечен читател или гледач доаѓа во допир со илјадници туѓи искуства, искуства на луѓе кои воопшто не ги познава, а кои, од неразбирливи причини, ги зема за сосема точни и прифатливи, како да се негови лични. При тоа обично пресуден фактор е тие информации да се во согласност со неговиот систем на вредности и верувања. Веќе и не бара објективни докази за така добиените тврдења. Еднаш кога ќе се усогласи емотивно со оној кој ги споделува, стекната е цврста доверба во тој извор на „вистини“.

Науката, пак, претставена од луѓе од струката кои сувопарно изнесуваат голи факти преку низа неразбирливи теории и анализи не е нешто што би ги ставило луѓето во дилема дали се на пат кон вистината. Не, нашиот субјект чувствува отпор кон сето тоа. Отпор кој преку емотивен набој го оддалечува од науката и нејзините тврдења. И така се влегува во затворен круг.

Динајализам (danaialism) е англиски термин кој во психологијата означува ‘избор на личноста да ја негира реалноста како начин да се избегне непријатната вистина’. Динајализам во науката се употребува да означи одрекување на научните достигања и претставува отфрлање на емпириски и теоретски докажани теории и претпоставки и покрај официјалниот научен консензус, како и обид да се издејствува неоснована дебата по одредени научни вистини.
„Динајализмот“ поседува нешто пошироко значење од одрекувањето. Опфаќа став на активно, повеќе одошто пасивно, противење на одредени општоприфатени научни вистини. Може дури да се каже дека станува збор за своевидна супкултура, со сопствени правила, системи на верувања, популарни истакнати поединци и слично, чиј „авторитет“ е речиси беспоговорно прифатен од следбениците.

Секако, малкумина од нив себеси се сметаат за „динајалисти“. Повеќето се идентификуваат со научникот Галилео Галилеј кој бил принуден под закана од Католичката црква да се одрекне од сопственото учење и научна вистина. Така и тие, како и Галилео, знаат дека нешто „сепак се врти“ без оглед што тврди официјалната наука. На научната вистина се гледа како на догма која, според приврзаниците на овие теории, општеството дури е принудено да ја прифати, а тие се револуционерните „просветители“ кои единствени го знаат изворот на вистината. Таа вистина секогаш е во согласност со нивните верувања и желби и тоа е доволно за да се прогласи за апсолутна и единствена.

Најнов и актуелен таргет на „динајалистите“ е актуелната пандемија и нејзиниот причинител, корона вирусот, за кој се тврди дека воопшто не постои и покрај тоа што речиси целиот свет ја живее и директно ја сведочи неговата реалност. Смртните случаи од  болеста ковид-19 исклучиво се припишуваат на „претходно постоечките и хронични заболувања“ на пациентот, а симптомите на заболувањето на малку посериозен сезонски грип

Историски „динајализмот“ се јавува откога постои и науката и често е втемелен во псевдонаучни теории, но може да биде и сосема ирационален. Особено се актуелизира пред или по секое покрупно научно откритие. Во денешницата науката како да ја губи својата неутрална позиција меѓу двете крајности, доброто и злото, која историски секогаш ѝ припаѓала. Наместо тоа, на неа започна да се гледа како на орудие за политичка и друг вид моќ, што резултира со револт кај поединци и групи и нивно приклонување кон мистичната привлечност на „динајализмот“.

Најчестите научни вистини кои подлежат на оспорување, меѓу останатите, е тврдењето дека вирусот на ХИВ е причинител на сидата или дека постојат климатски промени за кои директно е одговорен човекот и неговиот однос кон природата. Понатаму се тврди дека вакцинацијата е штетна, предизвикува аутизам и други хронични болести и дека болестите од кои штити вакцината се, всушност, одамна исчезнати или биле резултат на низок животен стандард и ниво на хигиена. Некои од тврдењата, пак, се сосема апсурдни, како она дека Земјата е рамна или дека еволуцијата воопшто не се случила. Најнов и актуелен таргет на „динајалистите“ е актуелната пандемија и нејзиниот причинител, корона вирусот, за кој се тврди дека воопшто не постои и покрај тоа што речиси целиот свет ја живее и директно ја сведочи неговата реалност. Смртните случаи од болеста ковид-19 исклучиво се припишуваат на „претходно постоечките и хронични заболувања“ на пациентот, а симптомите на заболувањето на малку посериозен сезонски грип.

Дали треба да се спротивставиме на овој и ваков тренд кој е во пораст? Стручњаците се согласни дека тоа треба да се стори. „Динајализмот“ оставен да се шири без отпор предизвикува мошне сериозни последици не само за оној кој го шири туку и за неговата околина, па и за целата поширока заедница. Секогаш кога е изводливо препорачливо е да се укаже, внимателно и со респект, на точните, научни факти за одредени појави и да се посочат дезинформациите и мисконцепциите кои виреат во форма на псевдонаучни митови.

(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО