Општество

Драган Тилев: „За европските работи“

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

До каде сме? Дали крајот на годинава ќе ни донесе радост или разочарување?

На 6 октомври Колегиумот на Европската комисија го објави новиот пакет за проширување со годишните извештаи за сите земји од процесот за стабилизација и асоцијација, вклучително и за нашава земја. Вестите за нас беа поволни со оглед на тоа дека добивме уште еден позитивен извештај како потврда за нашите реформски напори и континуираниот прогрес во приближувањето кон ЕУ. Со други зборови имаме солиден напредок во пресретнувањето на политичките критериуми, задоволителен кај економските критериуми и стандарден напредок во делот на транспозицијата и примената на европското право. Сè на сè добар резултат со оглед на тоа дека во извештајниот период се соочивме со пандемијата и вонредните избори. Европската комисија извештајот за нас го заклучува со очекување дека Советот на ЕУ ќе ја дефинира и ќе ја усвои Преговарачката рамка што ќе ја отвори можноста кон средината на декември да се закаже Првата меѓувладина конференција за време на германското претседавање со ЕУ.

Ден потоа, на 7 октомври, комесарот Вархеји долета во Скопје и пред Владата и Собранието го презентираше Економско-инвестицискиот план заедно со насоките за Зелената агенда за Западен Балкан. Планот беше најавен на Загрепскиот самит во мај, а почетокот на неговата имплементација ќе зависи од конечното усвојување на повеќе-годишниот буџет на ЕУ за периодот 2021−2027 година. Според најавата на комесарот, Планот за Западен Балкан тежи до 9 милијарди евра за период од 7 години при што најголем дел во неповратни средства, но со можност тие да мобилизираат до 20 милијарди евра инвестиции од меѓународните финансиски институции и приватниот сектор, користејќи го ЕУ-гарантниот фонд. Ова се добри вести за нас и нашата економија со оглед на фактот дека под ударот на пандемијата и драстично намалената економска активност имаме осетен пад на бруто-општествениот производ со во исто време значително зголемена задолженост и евидентно намален фискален простор за поголеми инвестиции.

Но, треба веднаш да разјасниме дека споменатите 9 милијарди евра не се нови пари, туку се насочување на средствата кои треба да се стават на располагање преку новата ИПА 3 програма во вкупен износ од 14,16 милијарди евра (2021−2027), која во моментов сè уште се преговара (со целиот Буџет на ЕУ) меѓу Комисијата, Советот и Европскиот парламент. Како и да е, се работи за извонредно значаен износ на средства кон кој ќе имаме отворен пристап доколку понудиме зрели, издржани, економски оправдани, еколошки одржливи и регионално атрактивни проекти.

Клетвата вели: „(Да даде Господ) да живееш во интересни времиња.“ Гледајќи наоколу може слободно да кажеме дека живееме во интересни времиња. Кој и да ја фрлил клетвата, веројатно мислел на 2020 година. Година без преседан во последново столетие која ни ја донесе глобалната пандемија со непознат, лесно пренослив и високосмртоносен вирус за кој до сега не постои лек ниту превентивна вакцина

Нашиот фокус дефинитивно мора да биде кон зајакнување на апсорпциските капацитети на државава и нејзините институции на макроекономско, на програмско и проектно ниво. Предизвикот е јасен, ни треба добро стратешко планирање, издржани макроекономски проекции, политички неконтаминиран систем за селекција на приоритетите со економски издржани и оправдани приоритети, и технички добро и целосно подготвени проекти. Изминатото искуство покажа дека за ова е лесно да се говори, но многу тешко да се реализира. Низа недостатоци и слабости се повеќе од евидентни поради што секоја година се наоѓаме во ризик да изгубиме дел од доделените средства. Со новиот Економски и инвестициски план и со новата ИПА 3, кои се базираат на натпревар меѓу државите со квалитетни и зрели проекти, како и на систем на награди за успешност, ризикот за загуба на средства е уште поголем. Што побргу реагираме со соодветен лек, повеќе проекти ќе може да реализираме и повеќе средства да апсорбираме. Тука оправдувања не помагаат, се бројат само резултатите.

Повеќе години наназад говориме за мерки и политики за задржување на квалитетниот стручен кадар (Retention policy), а тоа е и стриктно барање на Европската комисија, но конкретно решение сè уште нема. Се разбира, мерките не треба да бидат само во делот на платите, туку во најмала рака и во условите за работа и можноста за кариерен напредок. Лекот за успех е едноставен, департизација на стручните раководни позиции на јавните претпријатија, професионализација на институциите и соодветна награда за успешност.

Европските работи историски гледано никогаш не биле едноставни и еднострани. Да вкрстите интереси, очекувања и барања на 12, на 15, на 28 или на 27 земји членки, во исто време справувајќи се со стандардни и нестандардни предизвици однадвор, сигурно не е едноставно. Клетвата вели: „(Да даде Господ) да живееш во интересни времиња.“ Гледајќи наоколу може слободно да кажеме дека живееме во интересни времиња. Кој и да ја фрлил клетвата, веројатно мислел на 2020 година. Година без преседан во последново столетие која ни ја донесе глобалната пандемија со непознат, лесно пренослив и високосмртоносен вирус за кој до сега не постои лек ниту превентивна вакцина. Влијанието по здравјето на населението, притисокот на здравствениот систем и социо-економските последици се од неверојатен обем, исфрлајќи ги од колосек сите економски прогнози и проекции и нарушувајќи ја фискалната рамнотежа (и задолженоста) до точка на топење. Не дека немаше и други кризи ова столетие. Започна со финансиската криза во 2008 година, продолжи со миграциската криза која ескалираше во 2015 година, продолжи со овогодишната здравствена и економска криза. Крајот не се ни наѕира. Живеење во состојба на криза стана норма и тест за отпорноста на општеството и издржливоста на државната архитектура.



Но, ако во сето глобално сивило може да издвојам позитивен пример, секако ќе ја издвојам Европската Унија (Нов Зеланд како позитивен суи генерис случај од оправдани причини ќе го оставам за момент настрана). Новото раководство на Унијата устоличено при крајот на минатата година, значи пред самата пандемија, имаше сосема поинакви планови за европските работи во текот на својот мандат и веројатно не ни сонуваше со што ќе мора да се справува. А беше сложено и пред пандемијата. По првиот шок кој траеше многу кратко, сложениот механизам на одлучување проработи. Националните влади, од почетните меѓусебни анимозитети, се престроија на линијата на солидарност и резултатите беа евидентни. Една од најсилните економии на светот покажа дека има „оружје“ и дека може да го употреби кога е тоа најпотребно за одбрана на својата монетарна стабилност и фискална сигурност. Имено, Европскиот совет ги мобилизираше сите расположливи средства за одбрана од последиците од пандемијата, а го усогласи и најголемиот заеднички буџет (над еден трилион евра) споредено со кога и да е, дополнет со единствен историски акт на позајмица од 750 милијарди евра на финансискиот пазар преку суверенитетот на Унијата. NewGenerationEU е столбот на кој ќе се потпира Европската Унија наредните три години (2021−2023) и кој ќе треба да обезбеди брза ревитализација на европските економии. Предлогот се очекува да биде потврден и од Европскиот парламент.

За европските работи да бидат уште „поинтересни“ нè делат само два и пол месеци од моментот кога Велика Британија дефинитивно ќе излезе од Унијата. Како што сега стојат работите, можно е без никаков конкретен усогласен договор со ЕУ (иако сè уште се надеваме на решение). На оние кои го следат „разводот“ сосема им е јасно дека потенцијалот за нарушувања во односите меѓу Британија и Унијата не е само од трговски карактер, а последиците е многу тешко да се предвидат или попрецизно да се измерат. Во исто време Европската Унија се прекршува и за реакциите и санкциите кон Белорусија и кон Русија, го балансира односот кон Кина која е економски сè поприсутна, се обидува да ги врати во нормала сложените односи со евроатлантскиот партнер, како и со Турција, а се обидува да влијае и на ситуацијата на Блискиот Исток и Северна Африка со цел да го спречи евентуалниот нов поголем миграциски бран.

Европските работи, односно предизвици го опфаќаат и нашиот непосреден регион почнувајќи од Босна и Херцеговина со продолжена внатрешна нестабилност, Црна Гора со промени за кои никој не може со сигурност да каже во која насока ќе се движат, обновениот дијалог меѓу Србија и Косово под лидерството на Брисел и на Вашингтон до Албанија и Северна Македонија западнати во неизвесност дали конечно ќе ги започнеме официјално пристапните преговори.
Доколку продолжам со набројување на актуелни горливи теми и дилеми од глобален, европски или регионален карактер и ги надополнам со нашите домашни стандардни и нестандардни, но веќе подолг временски период континуирани превирања и поделби, доаѓаме до заклучок дека живееме во време на неизвесност, исполнето со препреки и предизвици, економски девијации и социјални тензии, обременето со отворен надворешен притисок над нашите идентитетски темели. Некои од проблемите се надминливи и се прашање на зрелост, на харизма и на политичка храброст, некои се прашање на умеење и способност, а некои пак на истрајност, но некои се чинат ненадминливи. Едноставно, идентитетските прашања не се и не смеат да станат предмет на преговори ниту пак заложник на кој било процес зашто тогаш и нема да имаме своја историја. Едно е да преговарате и да правите разумни компромиси за подобра иднина, но сосема друго е да сте приморани на неразумни отстапки кои ве оставаат без иднина. Ако сте дотерани во ваков мртов агол, изборот е лесен, независно од цената.

Според груби проценки, во текот на мандатот на оваа Влада (2020−2024) би можеле да отвориме околу 80 % од сите поглавја, односно 3 до 4 кластери, а за време на мандатот на следната влада (2024−2028), со непроменет европски курс од двете страни, би било реално да очекуваме затворање на сите кластери и подготовка за потпишување на нашиот Пристапен договор за полноправно членство во ЕУ

Навистина би било голема штета, пропуштена можност и историска грешка доколку Европската Унија не собере сили и не ја усогласи и не ја усвои заедничката позиција и Преговарачката рамка за почеток на преговорите со нас. Уште поголема штета би било за Бугарија да ја пропушти неповторливата можност да ги постави темелите на нашите билатерални односи на трајна здрава пријателска основа, градејќи стратешко партнерство денеска во рамките на НАТО и утре во рамките на ЕУ.
Но, да претпоставиме дека разумот ќе надвладее, а Европската Унија ќе се однесува колективно европски и безрезервно ќе ги почитува меѓународните норми и стандарди кои не дозволуваат мешање во суверените идентитетски права и дека таквата политика ќе ја следат и нашите соседи. Во случај на такво позитивно сценарио би можеле да очекуваме официјален почеток на пристапните преговори со Првата меѓувладина конференција во декември годинава. Тоа би ја отворило вратата за продолжување на аналитичкиот преглед со билатералните состаноци по кластери, почнувајќи од кластерот Фундаменти. Во првата половина на следната година под претседавањето на Португалија би се реализирале добар дел од билатералните скрининзи, а до крајот на декември 2021 година, под претседавањето на Словенија со ЕУ, би можеле да го отвориме и првиот кластер Фундаменти. Во 2022 година, под претседавањето со Советот на ЕУ од страна на Франција, со заокружена конференција за иднината на Европа и успешен зајакнат процес според новата методологија, би се динамизирал процесот со отворање на нови кластери зависно од нашата стратешка ориентација и подготвеноста на нашата администрација и бизнис-заедницата. Според груби проценки, во текот на мандатот на оваа Влада (2020−2024) би можеле да отвориме околу 80 % од сите поглавја, односно 3 до 4 кластери, а за време на мандатот на следната влада (2024−2028), со непроменет европски курс од двете страни, би било реално да очекуваме затворање на сите кластери и подготовка за потпишување на нашиот Пристапен договор за полноправно членство во ЕУ.

Сепак се движи...

(Економијаи бизнис, печатено издание, ноември 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО