Општество

Гордан Георгиев: До внукот на убиецот на мојот дедо

Гордан Георгиев

Авторот е политиколог

Ние дома ги мразиме Бугарите. Официјално ги мразиме Бугарите. Кој повеќе, кој помалку, но жарчето на омразата трае и тлее од 3 мај 1942 година, денот кога е убиен мојот дедо од страна на „бугарскиот окупатор“. Ордан Михајлоски-Оцка, член на Првиот партизански одред, виолинист, композитор, автор на партизанската химна „А бре Македонче“, загинал од бугарски куршум на неполни дваесет години. Никогаш доволно оплакан, никогаш доволно прежален, духот на Оцка се провлекува низ нашето семејство како темна сенка и потсетник за тагата, борбата, правдината, жртвата, самобитноста. Кога даваш жртва, особено кога таа жртва е платена во крв, крвта тешко се мие. Од кога знам за себе, знам за оваа приказна. Знам за траумите на моето семејство (од мајчинска страна), знам за антифашистичкиот и по екстензија и антибугарскиот сентимент што толку трудољубиво е негуван во нашето семејство, еве веќе трета генерација. Инаку, ние не важиме за „мразачи“, не нè познаваат како такви луѓе.

Навраќајќи се често, баш често, на оваа семејна траума, разбирам дека мојот идентитет во многу нешта е граден низ оваа траума. Антифашизмот, комунизмот, позитивното чувство кон Југославија, потоа и кон Македонија, антибугарскиот порив, правдољубивоста, заштита на помалиот и послабиот, грижа кон малцинствата во секоја смисла... сите овие елементи го правеле мојот идентитет. Тој идентитет се менувал низ годините, во многу насоки. Сум бил либерал, радикален либерал, прогресивец, па патриот, па разочаран патриот, па традиционален конзервативец... Кога ќе се навратам во минатото, сфаќам дека сенешто сум бил. Македонија почесто ме изневерувала отколку јас неа. Многу почесто и пожестоко. Идентитетот се (видоиз)менувал, ама јас сум останал јас. Атрибутите на мојот идентитет можеби се менувале затоа што за мене биле спорни во некакво време и на некакво место, ама јас не сум бил спорен за самиот себе. Неспорен и неоспорлив. А сепак некако постојано оспоруван за некои други отаде нашите граници. Сум останал Македонец кој зборува на македонски јазик, дише (без патетика) македонски воздух, се напојува (со патетика) од македонска песна, поема или роман. Блаже, Гане, Славко, Матеја... биле мои. Архангел, Леб и сол, Падот на Византија, исто така. Сум учел македонска историја напишана од автори кои не сум ги знаел во тоа време. Што ми дробеле, тоа сум сркал. Веројатно истата манџа ми ја сервирале на училиште и дома. Не верувам дека сум имал критичка дистанца во тоа време, а не сум имал ни од каде да ја позајмам. Напоен од дома, товен во училиште, сум се градел (ме граделе) како општествен човек во рамки кои однапред ми биле зададени. Но, никогаш, ама баш никогаш не сум си го поставувал прашањето или сум се доведувал во дилема кој сум јас, што е она што ме чини „јас“.

Историјата е опасна. Таа крие неподносливи реалности. Ернест Ренан проникливо и злокобно вели дека нациите се конституираат како успешни (или неуспешни) проекти врз основа на еден неочекуван консензус меѓу политичките и научните елити: заборавањето или премолчен, а сепак конструиран договор дека некои работи, настани, дури и цели историски епохи треба да бидат заборавени и поттурнати настрана. Настрана од меинстримот, настрана од учебниците по историја, далеку од очите на јавноста

Како нем посматрач, но сепак исклучително заинтересирана странка на постоечкиот спор со Бугарија кој драматично ескалираше последниве месеци од двете страни, почнав интензивно да размислувам за внукот или внуката на убиецот на мојот дедо. Ми навираат стотици прашања на кои немам и не можам да добијам одговор. Што прави сега тој, каде е, што работи, како живее, каква е неговата идентитетска околина... Од која вода пиел тој? Дали уште пие од истата вода или го сменил бардачето? Каков е неговиот став кон ова што се случува денес меѓу двете држави? Можно ли е да му е сличен на мојот? Што би изгубил тој кога би имал став сличен на мојот? Она што е важно, никако не помислувам да го обвинам за дејствијата на неговиот дедо, убиецот на мојот дедо. Не сакам да му ја предадам клетвата. Одам понатаму со прашањата. Дали убиецот на мојот дедо навистина бил убиец или убиството за време на војна е некаква легитимна работа, работа која е составен и можеби единствен важен елемент на војната? Кои биле тие Бугари тогаш во Прилеп, што правеле, за кого се бореле, какви идеи имале, знаеле ли воопшто што прават?!?

Историјата е опасна. Таа крие неподносливи реалности. Ернест Ренан проникливо и злокобно вели дека нациите се конституираат како успешни (или неуспешни) проекти врз основа на еден неочекуван консензус меѓу политичките и научните елити: заборавањето или премолчен, а сепак конструиран договор дека некои работи, настани, дури и цели историски епохи треба да бидат заборавени и поттурнати настрана. Настрана од меинстримот, настрана од учебниците по историја, далеку од очите на јавноста. Во спротивно, ревносното проучување на темните страни на нацијата би ги соочило нејзините членови со непремостливи предизвици толку големи што прашање е дали би можело да се зборува за ЕДНА нација или само за различни групи на луѓе под ист чадор. Примерот со режимот на Виши и антисемитското минато на Франција е еден таков, колонијалното минато на европските сили од 17 и 18 век е друг, дискриминацијата кон црнците и останатите други е трет таков пример. Објективизираниот прогрес на историската наука и историографија претставува опасност за нацијата. Бугарската нација, како „постара“ нација (така барем милуваат да кажат), секако има такви црни петна. Невозможно е да нема. Едно такво, објективно црно, е краткотрајното фашистичко минато. Претпоставувам дека огромен процент од денешните Бугари (секако тука го вбројувам и внукот на убиецот на мојот дедо) не се согласуваат со тоа минато, го мразат и им прави чувство на непријатност, сакаат да го заборават. Еве, јас кога би бил Бугарин достоинствено би го жигосал тоа минато на моите предци, би го осудил и би барал прошка во име на моите предци. Сето ова мене ми изгледа многу нормално, прифатливо и цивилизирано. Јас така би направил. Тоа минато сепак не го тангира денешниот Бугарин, не го жигосува, особено ако е свесен за тоа.

Гледано од еден поинаков ракурс, какво е впрочем значењето на идеолошката припадност во афирмирањето или негирањето на одреден идентитет? Дали фашисти наспроти комунисти е синоним за Бугари наспроти Македонци? Тоа никако не може да биде. Или пак предвоена Бугарија наспроти Кралството СХС во кое очигледно постоела некаква свест за Македонија, со јасна изразена повлечена линија од 1903 година. Во таа тогашна административна единица наречена Јужна Србија живееле некакви Македонци (вакви, онакви, ама Македонци), а не Јужносрбијанци, зборувале македонски, а не јужносрбијански, бугарски или грчки, создавале некакви дистинктивни релации, некакво чувство на заедница, на припадност, макар таа и да произлегувала како реакција на надворешни напади. Сите овие се легитимни тези за процесот на создавање на нацијата. И оп!, конечно во 1941 година, на 11 октомври, на овие луѓе им се отвора дотогаш неповторливата можност да се борат за своето. Станале македонски патриоти кои се бореле за Македонија, а не само против фашизмот како антипод на нивната комунистичка идеолошка чоја. Веројатно е дека јасно го препознале фашизмот (не нужно бугарскиот) и се приклониле кон антифашистичката борба која, да не заборавиме, во таа 1941 година била далеку од извесен победник во борбата против Хитлер, Мусолини и сето останато околу нив. Значи македонски патриоти − комунисти!

Денес, во 2020-та година, не гледам посебен егзистенцијален проблем во тоа македонската нација да се дефинира како „подоцна“ нација (од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век) во однос на другите нации на Балканот. Да, тоа сме ние, со педигре и јасна издвоеност која трае повеќе од едно столетие. Исто така, не гледам посебен методолошки проблем личностите и настаните кои ние и Бугарите ги сметаме за свои, да ги прогласиме за свои и заеднички истовремено

Од друга страна, иако голем број на граѓани Бугари ја прифатиле коалицијата со Хитлер наметната од тогашните политички елити, не значи дека нужно го прифатиле фашизмот како идеологија пер се. Да не заборават Македонците, во нашата понова историја паралелата со Груевски (без намера сепак да го споредувам со Адолф или Бенито) и неговиот реално висок легитимитет во текот на 10 години не може сите да не оквалификува дека сме биле „соработници на режимот“.
Ние не треба да стравуваме дека македонско-бугарската историска комисија можеби ќе открие и ќе осветли некои важни, а помалку пријатни работи за нас самите. Нашата историја е полна со недоречености и повеќе „факти“ отколку што постојат и отколку што можеме да консумираме. Дел од тие „факти“ се постфестум втемелени за потребите на постоечката идеологија на тоа време (1943−1989). Историската нишка наречена ВМРО или изразен национален сентимент кај одредена група на граѓани, сентимент кој нешто подоцна во голема мера се конституирал и како антикомунизам, ги дал двете главни линии на Македонецот. Левата и десната. Левата го влече континуитетот пред сè од АСНОМ (но и од таканаречените прасоцијалисти во самата ВМРО), а десната го влече од раните изблици на некаква свест на тогашните Македонци за посебност и различност од другите доминантни народи и војски на ова парче територија. Десната линија, како губитничка линија во Втората светска војна, потоа понира во идеолошка илегала, но често знае и да експериментира со хтонски одења кон антиката, повикување на Александар Македонски и неговите пра- и прапрадедовци и баби. Десната линија, иако речиси низ целиот период се покажува како македонистичка и автономистичка, се чини дека негува посебни односи кон Бугарија, делумно поради верувањето на одредени членови на организацијата дека токму преку Бугарија Македонија ќе може да ја добие својата независност (тезата на реалистите), но делумно и преку антикомунистичката блискост со предвоена Бугарија.

Денес, во 2020 година, не гледам посебен егзистенцијален проблем во тоа македонската нација да се дефинира како „подоцнежна“ нација (од крајот на 19 и почетокот на 20 век) во однос на другите нации на Балканот. Да, тоа сме ние, со педигре и јасна издвоеност која трае повеќе од едно столетие. Исто така не гледам посебен методолошки проблем личностите и настаните кои ние и Бугарите ги сметаме за свои да ги прогласиме за свои и заеднички истовремено. Ќе научиме многу од овие дебати и можеби полесно ќе ги разбереме разните апсурдности кои ни се случувале и ги предодредувале нашите животи, животите на нашите родители и веројатно и на нашите деца. Па како да тераме понатаму? Има ли начин да се отпетла сето ова?

Неодамна, пред не повеќе од две-три години, сфатив и одлучив дека јас треба да ја прекинам индуцираната омраза спрема Бугарите. Си реков доста е, многу вода протекло, време е за нов лист, за простување и нов почеток. Време е да ја раскинам таа папочна врвка и да ги закопам „воените секири“. По речиси осумдесет години. Да гледам на фактите мирно, со речиси непријатна сталоженост и бистра глава. Ѝ ја соопштив оваа одлука на мајка ми и веднаш се согласи. Можеби и нејзе ѝ олеснило бидејќи нејзиното бреме е сепак поголемо од моето. Оваа одлука, голема за мене, а мала за човештвото, е основната линија по која би требало да се движиме доколку сакаме да оствариме контакт со соседите. Кога оваа одлука би се разлеала на сите страни, од двете страни од границата, би добиле сума на одлуки кои би можеле да го направат целото. Сепак, човекот простува. Но, историјата не заборава. Освен ако заборави...

(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО