Општество

Кога петокот стана понеделник

Сузана Камберова

Авторот е доктор по медицина

(кратка приказна) 

Планот не беше баш таков. Напротив. Понеделникот требаше да стане нов Петок. Но, како што вообичаено бива, плановите кога ја напуштаат главата која ги создала знаат да се сплеткаат и да се потсопнат. Па и да паднат. И тогаш им се мешаат мислите од кои се сочинети. И се добива некоја сосема нова приказна.
Така се случи и овојпат.
Сѐ започна од обична завидливост. Понеделникот беше постојано незадоволен од себе. Депресивен. Го болеше презирот на луѓето. Од недела во недела, тој ќе пристигнеше, свеж, одморен, ведар, а многупати и сончев и топол, чувствувајќи безгранична љубов кон светот и луѓето, а тие ќе му го покажеа своето мрзоволно, незадоволно лице, разочарани од тоа што го гледаат.

Насекаде слушаше мрморења уште од рано наутро:
„Бескраен е овој Понеделник.“
„Напорен е.“
„Во Понеделник сите ми досадуваат.“
„Ех, зарем веќе дојде Понеделник?“
„Ох, колку мразам понеделници.“
„Пак нова работна недела, уф овој Понеделник, кога би можело да го нема.“

По таквиот дочек, Понеделник, дете на Месечината, длабоко ќе потонеше во темно и невесело расположение. Ентузијазмот ќе му овенеше како цвет на слана, па лут и разочаран ќе почнеше да им фрла обврски и задачи на луѓето кои не стигаа да ги завршат до доцна во ноќта.
Возрасните не го сакаа, но ниту со децата не поминуваше подобро. Со црвени и насолзени очи, малите деца рано разбудени ги носеа во градинка. Оние кои одеа во училиште ги пакуваа ранците без воодушевување. Понеделник им беше само почеток на долга и напорна училишна недела.
Понекогаш имаше успех со постарите. Но, иако не го мразеа, тоа не беше причина за некаква радост. Всушност, тие воопшто не се занимаваа со деновите. Нив повеќе ги интересираа годините. Само тие им беа важни. Колку поминале, колку останале. Деновите не ги разликуваа, освен ако не е ден кога се дели пензијата. Или ден кога внуците им доаѓаат на гости. А Понеделникот ретко можеше да се пофали со таква понуда.
И така, стануваше сѐ повеќе и повеќе јадосан. Кога на полноќ ќе се разминеше со Вторник, ќе направеше гримаса и ќе испуштеше една длабока воздишка. А Вторник како Вторник, секогаш активен и во неусетно движење. Сметаше дека Понеделникот е непотребно театрален. Но, тој ги добиваше луѓето веќе разбудени и разработени и можеше веднаш да ги заинтересира за разно разни нешта. Во Вторник сите беа полни со енергија, вредни, како пчели во кошница во пролет.
Со Среда не комуницираше. Ја сметаше за вообразена. Некој некогаш ја нарекол „среќна Среда“. Се веруваше дека на луѓето им носи успех ако започнат нешто ново баш во Среда, па таа го беше кренала носот високо и со неа не можеше ниту да се разговара.
Четврток беше независен, загадочен, повлечен, себедоволен. Четврток, иако не најомилен, сепак беше дочекуван од луѓето радосно. Во тој ден тие работеа со малку напор, а со голема продуктивност. Полесно заработуваа, но и лесно трошеа. Помислата дека од викендот ги дели само еден ден ги правеше ведри и спремни за авантури. Навечер беше обичај да се излезе во град со пријатели. Ех, колку им беше убаво на сите во Четврток.
Деновите на викендот, пак, беа сосема друга класа. Елита. Денови за слобода во секој поглед, за средби и дружење со фамилијата или за одење на гости, свечености, веселби, свадби, патувања. Тие не се ни мешаа со овие обични работни денови. Како стар брачен пар, Сабота и Недела се водеа под рака и се држеа понастрана. Не комуницираа со останатите. Освен понекогаш со Петокот.
А Петокот?

Возрасните не го сакаа, но ниту со децата не поминуваше подобро. Со црвени и насолзени очи, малите деца рано разбудени ги носеа во градинка. Оние кои одеа во училиште ги пакуваа ранците без воодушевување. Понеделник им беше само почеток на долга и напорна училишна недела

Ех тој Петок. За Понеделникот, Петок беше недостижен идеал. Најмногу му завидуваше токму нему, на убавото и среќно дете на Венера, кое сите го сакаа. А тој не се ни трудеше нешто да направи. Напросто, беше омилен. Да му е само еднаш барем да го дочека изгрејсонцето како Петок. Понеделникот сонуваше за еден таков вселенски миг. Дури и му напиша писмо на големиот Господар на вселената, планетите и ѕвездената шир, кого луѓето го нарекуваа Господ, молејќи го да им ги замени улогите, барем на една година. Но, тој не сакаше да му услиши.
Уште и му се налути, па по казна го направи едно подолго време студен, дождлив, каллив и ветровит, па сите уште повеќе го намразија.
Така мораше да се снаоѓа сам. Еднаш му се пружи шанса. Начека еден несреќен Петок Тринаесетти како липа од очај. Донел зла среќа, иако не по своја вина, и на многу луѓе им предизвикал неволји и несреќи. Понеделник случајно наиде на него, зацмиздрен, пред портите на Сонцето. Дошол да бара промени. Петок Тринаесетти предлагаше Сонцето малку да ослабне, па да може Земјата да го заобиколи за дванаесет дена помалку. Така би отпаднале сите дати со тринаесетка од месеците. Сонцето толку се налутило што го исфрлило со клоца, па така му падна право на пат на Понеделникот кој се спремаше да го помине сртот на елипсата на Земјата и да ги рашири своите понеделнички раце околу мајка му Месечината.
Проценувајќи ја ситуацијата во секунда, тој истапи пред несреќниот Петок со понуда да се заменат, а овој, очаен, прифати без размислување.

И така Петок зачекори во светот во миг по полноќ, збунувајќи ја Неделата со која се размина и која само што сакаше да ја отвори устата и нешто да каже, но не се снајде и го пропушти моментот.
Ги набљудуваше некое време луѓето како спијат, па почна да ги буди. Се збуни кога забележа како нерасположено ги напуштаат своите постели и ги мијат своите намуртени лица. Потоа мрморат некакви навреди на негова сметка. Прв пат тој гледаше такво однесување кај нив. Растреперен уште повеќе од баксузната тринаесетка и перипетиите кои веќе им ги направи, Петокот побрза да ја исправи својата грешка и ги преправи сите календари на кои наместо Понеделник се напиша себе си – Петок. Луѓето почнаа да забележуваат уште веднаш и да се чудат. Како сега Петок по Недела? Не знаеја што да мислат, но бидејќи сѐ насекаде се попеточи, најпосле го прифатија ова чудо. И веднаш се разведрија. Денот премина во вистински празник на задоволство и добро расположение. Како што впрочем и му личи на секој еден Петок. Многу работи воопшто не ги ни започнаа. Зошто би ги започнувале кога утре е Сабота и нема да можат да ги довршат? Едноставно, ќе го почекаат Понеделник. Кога и да стигне. Вечерта, наместо да се приберат по домовите, сите, млади и стари, излегоа во град и останаа да се дружат и да се веселат до доцна во ноќта.

Другото утро Вторник не можеше да се изначуди. Никој не се појави на работа. Училниците останаа празни. Сите спиеја. Сѐ застана. Не успеа да ги разбуди до доцна во денот, а и кога станаа одбиваа да се вразумат дека е Вторник и дека треба да се оди на работа. Ниту Средата не помина подобро. За неа тврдеа дека е Недела и одбиваа да го послушаат разумот.
Сето ова го дознаа Сабота и Недела и во паника, сметајќи дека избил бунт во кој работните денови им ги одзеле привилегиите, под итно се упатија кај големиот Господар, владетелот на планетите, вселената и сѐ што е живо и таму му ги наполнија ушите со такви пискотници и врискотници што беше принуден да ги оддалечи на некое време на планета каде што не постојат работни и неработни денови, додека состојбата да се смири.
А потоа им се сврте налутено на другите. Четвртокот веќе беше во полн ек и не многу загрижен. Иако луѓето мислеа дека тој е нов Понеделник, сепак не пројде лошо зашто беа дополнително одморени, па расположенето им беше весело и пријатно, а сепак работливо. Така Четврток пак си остана „кул“ и „френдли“ со луѓето, како и секогаш. Но Понеделникот. Е тој настрада. Баш пред големиот момент, кој го чекаше откако е светот и векот. Моментот кога еднаш и тој ќе биде Петок. Веќе ги броеше часовите, минутите, секундите... И тогаш сѐ му се урна.

Лутиот Господар на вселената му го распрсна сонот на милион парчиња. Дури сакаше и да го укине засекогаш. Како за почеток, му ги испрати сите можни временски непогоди, молњи, дождови, ветришта, торнада и бури. Му го одзема испазареното право да го наследи Четвртокот, а му ги даде уште и испразнетите места на Сабота и Недела, дури тие не се вратат, па го натера три пати едноподруго да се прекачува преку орбитата на Земјата и да осамнува. Така луѓето добија наеднаш три понеделника. А тоа не им дојде право. Му се лутеа и прелутуваа, ужасно колнејќи го.
По тоа на Господ малку му помина гневот, па се присети како во Понеделник започна со создавањето на овој свет. Го совлада носталгијата и попушти. Сметаше дека Понеделник ја научи лекцијата. Дека си тоа за кое си создаден. И од тоа не треба да бегаш. Да не преземаш туѓи касмети. Зашто тие не се за тебе. Потоа конечно му дозволи на Вторник да го смени, а работите се вратија во својот вообичаен поредок.
И така сѐ си остана по старо.
Зашто сѐ си има свои причини и законитости и ништо не е случајно на овој свет.

(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО