Општество

Уште едно (важно) камче во мозаикот

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

(Нацрт-рамка за преговори)

Бидејќи сме ние во прашање, веќе се навикнавме ништо да не се случува во редовна и мирна атмосфера. Така и овојпат, по низа одлагања, дилеми и напати контрадикторни образложенија, Европската комисија сепак успеа да ја усогласи и да ја усвои Нацрт-рамката за преговори со Северна Македонија за чие изготвување доби мандат од Советот на Европската Унија во март оваа година. Уште едно, но многу важно камче во нашиот европски мозаик кој го составуваме со неверојатна упорност над две и пол децении.

Несомнено задачата на комесарот Вархеји, но и на претседателот на Комисијата Вон Дер Лејен не беше нималку лесна ниту од политички, а ни од технички аспект. Тие, и покрај сите товари кои ги имаат Комисијата и Унијата во овој период, успеаја да ја одржат позитивната тензија во процесот на унификација на ЕУ и Западниот Балкан и да ја завршат својата обврска како Комисија. Извонредно комплексниот и исклучително важен документ како што е Рамката за преговори требаше да се изготви за многу кус временски период и да го рефлектира новиот политички зрак на процесот на унификација, а во исто време да ги вклучи сите елементи од новата методологија за зајакнат пристапен процес, која исто така беше прифатена од страна на Советот во март. Техничкиот дел на формулирање на Рамката за преговори и на критериумите и условите за прием на Северна Македонија како членка на ЕУ се заокружи, но сега започнуваат политички осетливите разговори меѓу земјите членки за финализирање и конечно усвојување на Рамката. Нашето досие, и не само симболично, на 1 јули премина од рацете на хрватското претседателство кое успешно го „туркаше“ процесот за унификација во рацете на германското претседателство со Советот на ЕУ од кое очекуваме успешно да продолжи понатаму со конечно усвојување на Рамката за преговори и одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава.

Колку Комисијата успешно си ја заврши работата ќе процениме откако Нацрт-рамката за преговори ќе помине низ филтерот и процесот на преговори и договори меѓу земјите членки на ЕУ во работните тела на Советот на ЕУ, на ниво на амбасадори – Комитетот КОРЕПЕР, на ниво на експерти – Комитетот КОЕАЛА, на ниво на министри во Советот за општи работи на ЕУ и на ниво на шефови на држави и влади во рамките на Европскиот совет. Доколку во овој процес нема поголеми отстапувања од предложениот нацрт-текст, тоа ќе значи дека Комисијата завршила добра работа и прецизно и издржано ги дефинирала условите под кои Северна Македонија може да стане членка на Европската Унија, и обратно, доколку има посериозни отстапувања од текстот, тоа ќе значи дека Комисијата оставила преголем простор за вметнување нови барања и услови од страна на земјите членки.

Ќе мора да се воздржиме и да издржиме докрај оти вратата за членство широко ја отворивме, но мора многу да внимаваме да не ни ја „тресне пред нос“ познатата „балканска промаја“ која, рака на срце, често пати сами ја предизвикуваме

Досегашните искуства велат дека при подготовката и договорот за рамките за преговори за земјите кои преговараа(т) пред нас, секогаш има некоја земја или група на земји кои, заради убедување за заштита на своите национални интереси, ќе се обидат да наметнат дополнителни елементи или поригидно дефинирани и формулирани барања и услови за прием во членството. Мотивите може да бидат разни и за нас не секогаш разбирливи, но мора да го прифатиме фактот дека не сите ние гледаме на работите низ истиот аршин, а згора на тоа факт е и дека рамката за преговори и пристапните преговори се последен момент кога земја членка има можност да наметне свој став и да инсистира на него дури и под закана со вето.
Следејќи ги коментарите и дебатата во јавноста кај нас кои се разгореа за Нацрт-рамката за преговори, не е на одмет уште еднаш да повториме дека ние директно не учествуваме во дефинирањето на Рамката, односно дека таа се подготвува исклучиво од страна на Комисијата и на земјите членки на ЕУ и дека се усвојува со консензус, односно едногласност од страна на сите 27 земји членки. Оттука круцијално е да одржиме високо квалитетно ниво на политичка дебата дома и дипломатски дијалог по сите канали, но со внимателност при тоа да обезбедиме и да задржиме пријателски односи со сите земји членки. Не смее да имаме ниедна од нив која би можела да ни биде „непријател“ при донесувањето одлуки кои непосредно нѐ засегаат. При консензуалното одлучување секој глас вреди подеднакво. Затоа е силно препорачливо да се избегнуваат еуфорични или провокативни изјави кои се наменети за домашна публика (особено во ек на изборната кампања) од причина што внатрешната политичка сцена на земја која претендира да стане членка на ЕУ од блиску и со изострено око се следи од главните градови на 27 земји членки на ЕУ. Ќе мора да се воздржиме и да издржиме докрај оти вратата за членство широко ја отворивме, но мора многу да внимаваме да не ни ја „тресне пред нос“ познатата „балканска промаја“ која, рака на срце, често пати сами ја предизвикуваме.

Нацрт-рамката на преговори, иако усвоен од страна на Комисијата, сѐ уште не е јавен документ, односно официјално ќе се објави откако ќе биде и конечно усвоен. Најверојатно, според календарот на германското претседателство, ние се надеваме тоа да се случи до средината на октомври оваа година со што би се отворила можноста за одржување на меѓувладината конференција до крајот на годинава. Во тој случај, во текот на наредната, 2021 година, би можело да се реализира билатералниот скрининг за сите шест кластери, се разбира, во зависност од нашата подготвеност. Врз основа на досегашните искуства и неформалните сознанија со кои се располага, со Нацрт-рамката за преговори се утврдуваат принципите по кои ќе се водат преговорите, содржината на преговорите и преговарачките процедури.
Во делот од Рамката кој ги дефинира принципите, покрај правниот основ за прием на нови членки (член 49 од Основачкиот договор), ќе се реферира и за новата методологија за зајакнат пристапен процес, како и на сите релевантни заклучоци на Европскиот совет кои ја дефинираат платформата за преговори, вклучително и Копенхашките критериуми, а тоа се политичките, економските критериуми и способноста за имплементација на европското право (аcquis). Во овој дел е вклучен исто така и процесот за стабилизација и асоцијација, регионалната соработка и, особено важно за нас, обврската за целосен респект за добрососедските односи и имплементација со видливи резултати на билатералните договори со Грција и со Бугарија. Од нас, исто така, се очекува во текот на преговорите да обезбедиме доследна имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација која останува наша основна правна рамка за регулирање на односите со Европската Унија, сѐ до успешно завршување на пристапните преговори и влегување во сила на новиот пристапен договор. Во текот на преговорите важи правилото ништо не е договорено додека сѐ не се договори.

Во согласност со новата методологија, целокупното Acquis распоредено во 35 (33) поглавја се групира на тематска основа во шест кластери, тргнувајќи од кластерот Фундаменти, Внатрешен пазар, Конкуренција и инклузивен раст, Зелена агенда и одржлива поврзаност, Ресурси, земјоделие и кохезија и, последниот кластер, Надворешни односи. Преговорите ќе се одвиваат во динамика која ќе зависи од брзината на транспозицијата на европското право во нашиот национален правен систем, но и од неговата доследна имплементација што претпоставува постоење на демократски, функционални, професионални и компетентни институции. Преговорите ќе започнат со отворање прво на кластерот Фундаменти во кој се содржани владеење на правото (поглавјата 23-Правосудство и фундаментални права и 24-Правда, слобода и безбедност за кои ќе мора да се подготват соодветни прецизни патокази), економски критериуми (функционална пазарна економија и способност да се издржи конкурентскиот притисок на домашниот пазар), функционални демократски институции, реформа на јавната администрација, како и поглавјата Јавни набавки, Статистика и Финансиска контрола. Овие поглавја се вклучени во кластерот Фундаменти од причина што се испреплетуваат во својата содржина со делот на владеење на правото, вклучително и борба против корупцијата. Овој кластер ќе биде држен отворен за цело времетраење на преговорите и ќе се затвори како целина, односно како кластер последен, откако сите други поглавја, односно кластери ќе се затворат, што значи и преговорите ќе завршат со затворањето на кластерот Фундаменти.

Сите кластери ќе се отвораат со сите поглавја кои се содржани во нив одеднаш, што дава можност за динамизирање на процесот, се разбира, доколку сме добро стратешки дефинирани и солидно институционално подготвени. Затворањето пак на преговорите ќе оди по пооделни поглавја, освен за кластерот Фундаменти кој се затвора како целина.

Практично со преговарачката рамка и со првата меѓувладина конференција започнуваме да го пишуваме нашиот пристапен договор, ние заедно со ЕУ, и имаме уникатна можност самите да ја утврдиме динамиката на нашето целосно интегрирање во Унијата. Живееме важни моменти во процесот на интеграција и влегуваме во последната фаза во која мора да бидат донесени исправни одлуки

Според најавите, во нашата Рамка за преговори, доколку се споредиме со претходните искуства, во случај на непочитување на основните принципи на кои почива ЕУ, како и во случај на успорување, стагнирање, неизбалансиран напредок или назадување во процесот, изострени се можностите за покренување на постапка за санкции. Суспензија на преговорите е можна преку активирање на клаузулата за суспензија или клаузулата за дисбаланс, а предвидена е можност и за повторно реотворање на поглавје или кластер, како и реверзибилност на процесот. Можни се исто така и санкции преку намалување или замрзнување на ЕУ-фондовите. Во овој контекст, важно е да се има предвид дека е поедноставена процедурата за покренување на постапка за санкции бидејќи постапката може да ја покрене Комисијата или само една земја членка, а одлучувањето е со повратно квалификувано мнозинство.

Во делот од Рамката во кој се опишува содржината на преговорите, пред сѐ ќе се реферира на вкупниот правен корпус на Acquis кој ќе биде предмет на транспозиција, односно кој треба да стане дел од нашиот правен систем со обезбедени капацитети за негова доследна имплементација. Тоа ќе треба да биде преведено на македонски јазик пред да ги завршиме преговорите со оглед на тоа дека како членка на ЕУ мора да обезбедиме секој правен субјект или граѓанин да може на својот официјален јазик да ги прочита прописите и да ги употреби во правниот промет кај нас на ист начин како и на целата територија на ЕУ. При транспозицијата во исклучителен случај може да се преговараат дерогации, транзициски периоди за одложена примена на acquis или специфични заштитни мерки, но само во мал број и во оправдани добро аргументирани случаи.

Во делот од Рамката кој го дефинира преговарачкиот процес, стандардно се опишува начинот на кој ќе се спроведе аналитичкиот преглед на европското Acquis или скринингот, како и начинот на кој ќе се утврдуваат, ќе се усвојуваат и ќе се следи имплементацијата на одредниците за отворање на кластерите, временските одредници за делот на владеење на правото и одредниците за затворање на пооделните поглавја. Во делот на мониторинг на преговорите, во согласност со новата методологија, покрај Комисијата зголемена улога ќе имаат и земјите членки со нивни национални експерти во области за кои тие имаат посебен интерес.

Усвојувањето на Нацрт-рамката за преговори е само уште еден, но многу важен елемент во архитектурата на пристапните преговори. Останува да видиме дали низ филтерот на телата на Советот на ЕУ ќе има покрупни интервенции и каква ќе биде финалната верзија. Но, ќе биде сериозна грешка доколку се чека исходот од нашите парламентарни избори, а притоа да не се направи обид за реализација на потребните подготвителни активности кои може да ги спроведе администрацијата како редовна професионална обврска во текот на наредните неколку месеци.

Практично со преговарачката рамка и со првата меѓувладина конференција започнуваме да го пишуваме нашиот пристапен договор, ние заедно со ЕУ, и имаме уникатна можност самите да ја утврдиме динамиката на нашето целосно интегрирање во Унијата. Живееме важни моменти во процесот на интеграција и влегуваме во последната фаза во која мора да бидат донесени исправни одлуки.

Политичарите се избрани и се платени да носат одлуки. Одлуките се нивната единствена легитимација, а секоја одлука има своја политичка цена. Во современите демократии, каква се надеваме да бидеме, со гласот кој го даваме на денот на изборите го пренесуваме своето демократско право на одлука на политичарот кој имал храброст да се кандидира и кој привлекол најголем број од нашите гласови. Изборот со себе секогаш носи и ризик. Дали како поединци или колективно сме го направиле вистинскиот избор, за жал, дознаваме подоцна, а некогаш и предоцна. Лошиот избор нѐ влече назад, добриот избор носи можност за просперитет, за афирмација и за успех.

Успех е кога сите се искрено убедени дека се дел од успехот. Уште поголем успех е кога сите се навистина дел од успехот. Владата, Собранието, сите политички партии, но и бизнис-заедницата, администрацијата, медиумите, невладиниот сектор, сите заедно, секој поединец на свој начин, во некоја од фазите придонесоа да се придвижи процесот на нашата унификација со Европската Унија. По усвојувањето на Нацрт-рамката за преговори од страна на Европската комисија имаме добра причина да веруваме дека сме направиле уште еден чекор во вистинска насока, сме додале уште едно (важно) камче во мозаикот на вистинското место.

(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО