Финансии / Банкарство

3(ТРИ) ЧЕКОРИ ЗА КРЕИРАЊЕ УСПЕШНА КАМПАЊА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ

Дарко Булдиоски

САМО СО КАМПАЊИ НЕ МОЖЕ, АМА И БЕЗ НИВ НЕ СЕ МОЖЕ

Речиси и да нема сериозна локална компанија што не е присутна на Фејсбук. На еден или на друг начин, официјално или преку своите сопственици, со страница или профил, речиси сите се таму. Огромен дел од нив никогаш ниту имале маркетиншки план ниту буџет за такво нешто, едноставно имаат време и се обидуваат да направат нешто. Секако постојат голем број компании што го прават ова како дел од својата стратегија и помалку или повеќе знаат што прават.
Често знам да потенцирам дека маркетингот на социјаните медиуми и општо дигиталниот маркетиг има една своја специфика што не е баш сфатена и прифатена од голем број компании. Тоа е динамиката со која се планирани маркетиншките активностите на интернет. Најчесто компаниите се научени да работат кампањски, само кога имаат конкретна потреба, нова понуда, производ или сезонски кога се знае дека мора да пуштат реклама, само тогаш се сериозно активни и на интернет. Кампањи треба да има, да бидеме искрени, но комуникацијата мора да биде константна, не треба ритамот да опаѓа, напротив, треба да има континуирано темпо и кампањите да ја подигнуваат основата повисоко и повисоко.
Е сега, како и за секоја друга кампања така и за онаа на интернет е потребна подготовка, стратешка пред сè. Јас тоа го спакував во 3 точки или чекори, како сакаш.
Редоследот на чекорите за квалитетно присуство на социјалните медиуми не секогаш е еднаков. Некои кампањи тргнуваат од производ, други од публика, трети од посакуваниот резултат. Сепак мора да се почне од некаде...

Чекор 1: Дефинирај цел!
Без разлика дали целта е да се достигне што поголем број на посакувана публика или да се предизвикаат помасовни интеракции, да се донесат што повеќе луѓе на целната страница или пак сосема нешто трето, целото присуство треба и мора да се заснова врз определена цел. Значи кога и да решиш дека сега е моментот да се спроведе некаква активност на социјалните медиуми, прво седни и дефинирај ја целта што треба да ја исполни таа активност. Целта е таа што ќе го диктира понатамошниот тек на кампањата.
Целта мора да биде конкретна, не заборавај дека социјалните медиуми се најнеблагодарните канали кога станува збор за мерливост на очекуваните резултати. Вистинската цел би била: 10.000 корисници на Фејсбук да дознаат за новата понуда на брендот или 1.000 корисници на Фејсбук да се вклучат во интеракција (прашања, коментари, споделувања) на новата понуда на брендот. Кога целта се дефинира на ваков начин спроведувањето на кампањата зазема сосема различен тек. Сите следни чекори се адаптираат за да се исполни дефинираната цел.

Чекор 2: Дефинирај целна публика!
Најлесно целење е според демографските карактеристики, па започни од таму: година и пол на твојата идеална публика (за конкретната кампања), а потоа започни да размислуваш подлабоко. Дали твојата кампања е наменета за тинејџери, за студенти или за вработени луѓе? Кои се нивните интереси и навики, какви потреби имаат итн.? Ако промовираш производ или услуга, лесно можеш да го дефинираш твојот идеален корисник. Впрочем, ти веќе треба да го имаш дефинирано при креирање на истиот производ или услуга, сега треба да го најдеш најсоодветниот начин да влезеш во комуникација на интернет со тој твој идеален потрошувач, да најдеш каде е (на интернет), што прави таму и во каква комуникација би се вклучил.
На нашиот пазар има тенденција кампањите да не се целни и се пуштаат на сите можни потенцијални корисници. Најчесто завршуваат како секоја друга веќе видена кампања, без да предизвикаат никаква емоција, без да ги препознаат навиките и потребите на идеалниот корисник. Причината за тоа ни е сосема јасна и е сосема оправдана. Нашиот пазар е премногу мал и токму затоа сите трчаме да стигнеме до што поголема публика и да зграбиме што повеќе корисници. Има тука едно големо НО! Трчање до што поголем број на корисници треба да се престори во трчање до што поголемо внимание од корисниците. Кампања адаптирана за голем број на корисници најчесто не е кампања што ќе привлече големо внимание токму поради тоа што при трчањето за голем број, квалитетот на (не)целната е многу мал. Кога не стигаме до корисниците за кои е наменета кампањата нормално е дека таа нема да добие големо внимание.

Чекор 3: Дефинирај клучни пораки!
Клучната порака е онаа што ќе ја направи кампањата успешна. Поточно целата содржина на кампањата се врти околу правилно пренесување на пораките што се најважни за таа кампања. Како што спомнавме - сè тргнува од идејата. Но, доколку идејата не знаеме да ја преточиме во клучни пораки што имаат цел да стигнат до целната публиката и да ги исполнат очекуваните резултати, тогаш воопшто не е важно ни каква идеја сме имале. Клучните пораки треба да ја отсликуваат важноста на целото онлајн присуство.
Кога зборуваме за клучна порака речиси редовно се случува следново: додека по другите канали кампањата точно ја отсликува целта и го кажува токму тоа што треба со добро дефинирана клучна порака што одговара на целната публика, на социјалните медиуми пораките кажуваат нешто сосема друго и воошто не одговараат на целта и на целната публиката.
Има уште многу други ситници што се неопходни за спроведување на добра интернет кампања. Немој да се опседнуваш со буџетот, често тој не игра пресудна улога за успешноста на самата кампања. Внимавај на ситните детали и моменти што, всушност, предизвикуваат реакција, вклученост и градат лојалност во интернет комуникацијата.

(октомври 2015)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано