Економија

Радикална економска неизвесност

Трајко Славески

универзитетски професор, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

од рубриката ЛЕВО-ДЕСНО

Текстов нема претензија за методолошки исцрпна проекција на трендовите за македонската економија до крајот на 2020 година. Таа задача им ја препуштаме на надлежните институции. Во услови кога се наоѓаме во „радикална неизвесност“ (наслов на најновата книга од британските автори Џон Кеи и Мервин Кинг), секој обид со сигурност да се предвидат економските текови, дури и на краток рок од неколку месеци, изгледа несериозен. Причини за ваквата констатација има повеќе.

Прво, новиот корона вирус се покажа различен од сезонскиот грип и според динамиката на неговото ширење кај нас и во светот се чини дека тој не познава сезонски разлики. Земјите од јужната и северната хемисфера се истовремено подеднакво погодени, без разлика на временските прилики. Разликите во бројот на инфицирани се сведуваат првенствено на мерките за заштита кои ги практикуват граѓаните (носењето заштитна опрема, одржувањето социјална дистанца и редовното миење раце) и на рестриктивните мерки што ги спроведуваат, повеќе или помалку успешно, владите на поединечните земји. Годишното доба и температурните разлики имаат второстепена улога. Топлото време го намалува ризикот од инфекции поради можноста за престој на отворено, но дружењето и забавите со претежно присуство на млади лица не придонесуваат за ограничување на бројот на заразени. Во нашиов случај се чини дека состојбата со болеста ковид-19 попрво дополнително ќе се влоши пред да се подобри.

Второ, не се сите граѓани убедени дека пандемијата предизвикана од новиот корона вирус е природна катастрофа. Оттаму не може да се изгради заеднички став и да се постигне консензус за мерките за ублажување на последиците. Поинаку е, на пр., кај земјотресите и поплавите, каде што јавноста е единствена во ставот за последиците и поддршката за неопходните мерки за нивното надминување. Резултат на ова е неизвесноста за насоката во која ќе се движи поддршката на јавноста за евентуални рестриктивни мерки за забавување на ширењето на вирусот, а со тоа и неизвесноста за можните негативни ефекти врз одредени сектори, пред сè од областа услуги каде што е неопходен непосреден контакт меѓу давателите и корисниците.
Трето, од економистите се бара да предвидат „што ќе се случи“ со економијата во иднина, додека најважното прашање е „што се случува сега“. Ова, во случајот на Македонија, бара поширока елаборација. Треба да почекаме уште неколку недели за да ги дознаеме официјалните податоци за движењето (падот!) на нашиот БДП во вториот квартал од тековната година. Во јули и август веројатно има извесно заживување на економската активност, првенствено во областа на трговијата и на услужните дејности. За разлика од нив, индустриското производство од месец во месец бележи сериозен пад, проследено со намалување на бројот на вработени во оваа дејност. Континуирано се намалува извозот на домашни производи. Ова се однесува и на приватните трансфери од странство, вклучително и дознаките од нашите вработени надвор од земјава.


Должината на пандемијата и нејзиниот интензитет ќе влијаат на можноста од посериозни ризици на макрофинансиски план. Прво, со пролонгирање на здравствената и економската криза, негативните ефекти од реалниот сектор може да се пренесат во банкарскиот сектор. Второ, евентуалното влошување на тековната сметка од платниот биланс би можело да ги зголеми притисоците врз девизниот курс и девизните резерви


Заживувањето се однесува на трговијата и на угостителско-туристичката дејност. По симнувањето на рестрикциите, во овие дејности се слеа значителна сума на средства. Владината мерка за поддршка на исплатата на плати во висина на минимална плата помогна да се зачуваат значителен број работни места и донекаде да се ублажи падот на личната потрошувачка. Понатаму, во неможност да патуваат во странство за одмор на море, пред сè во соседна Грција, голем број наши граѓани се упатија и ги пополнија домашните туристички капацитети. Поголем дел од семејните буџети резервирани за летен одмор надвор од земјава, што се мери во неколку стотини милиони евра за една сезона, завршија кај домашните угостители и до некаде придонесоа да се избегне крахот на оваа дејност. Финансиска инјекција за дејноста туризам и угостителство беа и ваучерите за одмор што беа поделени на одделни категории лица со низок доход. Иако контроверзна, оваа мерка делумно финансиски го помогна секторот. Велиме контроверзна затоа што е јавна тајна дека ваучери отворено се продаваа(т) со дисконт од страна на имателите, без соодветна контрола за нивната правилна намена од страна на надлежните.

Од владините мерки за поддршка на економијата, преку зголемување на куповната моќ на лица со низок доход или невработени лица, која само делумно ја оствари целта, ќе ги споменам платежните картички што ги подели државава за купување домашни производи. Беа декларирани три цели што требаше да се постигнат со оваа мерка, за која се потрошени 26,5 милиони евра буџетски средства. Четвртата, недекларирана цел на власта, со оглед на поклопувањето со предизборниот период, од опозициските партии беше означена како изборен поткуп. Од првите три цели целосно е реализирана единствено социјалната, за поддршка на лицата со ниски доходи, додека другите две се само делумно реализирани. Либералното толкување на тоа што претставува домашен производ придонесе главен добитник од мерката да бидат трговците преку реализираните трговски маржи. Голем дел од средствата се потрошени на увозни производи. Третата цел, ширење на безготовинските плаќања и зголемување на финансиската писменост на населението, е целосно промашена! Дополнително банките, особено поголемите, платија висока цена во процесот на издавање над 300 000 платежни картички во ограничен временски период на лица со релативно низок степен на образование и на култура. Ова, исто така, ги зголеми ризиците од ширење на заразата со новиот корона вирус. Кога би се пресметал целокупниот општествен трошок од оваа мерка, веројатно таа не би го поминала тестот за општествена оправданост.

Во периодот септември−декември, во зависност од жестината на пандемијата во земјава, треба да продолжи поддршката на граѓаните и на претпријатијата погодени со кризата. Тука спаѓаат и лицата ослободени од работа заради грижа за малолетни деца, зголемениот обем на средства неопходни за исплата на времено отсуство заради користење боледување и сл. Македонија располага со ограничени ресурси за оваа намена. Не треба да се прават неадекватни споредби за обемот на мерките со други земји, особено не со оние привилегирани нации кои се монетарно суверени, т. е. можат без последици по инфлацијата преку парична емисија да обезбедат речиси неограничен обем на средства. Неизвесно е дали и понатаму може да продолжи поддршката на претпријатијата за зачувување на работните места со позајмени средства од надвор. Наскоро ќе уследи моментот кога прикриената невработеност ќе премине во „отворена“, што значи дека треба да се очекува значително зголемување на стапката на невработеност. Новите невработени ќе добиваат средства за егзистенција преку Агенцијата за вработување сè до создавањето услови за нивно повторно вработување.

Должината на пандемијата и нејзиниот интензитет ќе влијаат на можноста од посериозни ризици на макрофинансиски план. Прво, со пролонгирање на здравствената и економската криза, негативните ефекти од реалниот сектор може да се пренесат во банкарскиот сектор. Второ, евентуалното влошување на тековната сметка од платниот биланс би можело да ги зголеми притисоците врз девизниот курс и девизните резерви. Трезорот, т. е. Владата преку Министерство за финансии треба да се грижи за рационално трошење на секој денар. Сега, а и во блиска иднина продолжуваме да живееме во услови на радикална економска и социјална неизвесност.

(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО