Економија

ЧЕКАЈ, НЕ Е СЕГА ВРЕМЕ ЗА ТОА...

Бранко Азески

Авторот е претседател на Стопанската комора на Македонија

 

Дали е ова „волшебниот“ израз со кој се подјадува македонската економија?

Како што почнува да стивнува (барем наизглед) здравствената криза која ја предизвика корона вирусот ковид-19, така ќе се интензивира економската криза – се покажавме на висината на задачата кога станува збор за спасувањето на човечките животни, но токму месеците пред нас ќе треба да ни дадат одговор на прашањето како се покажавме пред подвигот да ја одржиме економската активност.

Од секојдневните активности со компаниите членки во Комората, мојот заклучок е дека треба да разграничиме три различни групи на економски субјекти и три различни сета на поддршка што треба да им биде обезбедена од државава ако сакаме економијата да ни преживее! Треба максимално да се намалат штетните последици кај компаниите кои беа принудени целосно да затворат поради воведените мерки, треба да се даде поддршка за компаниите кои периодов функционираат со намален обем на работа за да им се помогне да ги задржат прометот и економската активност, но и да се даде поддршка за извозниците кои можат брзо да обезбедат зголемена ликвидност преку девизни приливи, но и да придонесат за зачувување на работните места.

Веројатно кога од бизнисот велиме дека се бара поддршка, општата перцепција е дека компаниите бараат нешто директно да им се плати – верувајте, за многу од компаниите отстранувањето на пречките непречено да работат многу повеќе вреди од кои било средства кои може директно да бидат исплатени.
Интензивните комуникации со бизнисмените изминатиов период покренаа процес да отвориме јавна дискусија за многу „дубари“ кои се на штета на македонската економија, а се провлекуваат долги години наназад. И не, идејата не е на мала врата „во матно да се протнат“ некои прашања што долго стоеле нерешени, туку да отвориме широка дискусија со сите чинители кои се најдобрите решенија и што може да се направи за штетите по македонската економија да бидат минимизирани во услови кога се соочуваме со најголемата светска економска криза во последниве 100 години. Ова не подразбира дека бизнисот е во право за секое прашање што го покренува – но, за многу од тие прашања треба аргументирано да се разгледаат сите фактори за и против некој предлог, ама и да се мобилизираат службите за брзо постапување за некои децениски барања на бизнисот кои до сега не се прифатиле не затоа што не се оправдани, туку затоа што за нив немало слух од државава.
Едно од клучните прашања кои ги покренавме во оваа серија на јавни дискусии се прашањата за инфраструктурата. Јасно е дека нафтоводот и железницата се сериозни прашања што нема да може да се разрешат веднаш, но бизнисот треба да види уште денес дека тој процес се движи – ова и тоа како може да им го олесни секојдневното работење.

Веројатно сме уникатен пример за држава која на својата територија има нафтовод што не го користи. Транспортот на сурова нафта преку нафтоводот Солун – Скопје беше стопиран во 2013 година и, иако во повеќе наврати беше најавувано неговото рестартирање, тоа сѐ уште не се случи, иако цевководот е исчистен и е целосно подготвен да биде ставен во употреба. Нафтоводот Солун – Скопје е изграден во 2002 година по должина на Коридорот 10, има должина од околу 213,5 километри, со капацитет од 360 m³/h и носивост на транспорт од 2,5 милиони тони нафта годишно, што сериозно може да ги намали транспортните трошоци за овој значаен енергенс.

Од друга страна, железницата е приказна самата за себе – либерализацијата е одложена до влезот во ЕУ, а поради предолгото време на возење, слаба искористеност на возните средства и преголемиот број посредници при работењето ретко кој се интересира да ја користи. Само за пример, превоз на еден контејнер со железница чини двојно повеќе отколку тој да се превезе со камион. Минатата година вкупниот товарен превоз со железница (1,8 милиони тони) учествува со 2,6 % од реализираниот товарен патен превоз (69 милиони тони).

Меѓу прашањата што ги покренавме се и некои од клучните барања за една од нашите движечки сили – ИЗВОЗОТ. Така, на пример, со години бизнисот се мачи да се разубеди со државава за потребата заеднички да се седне и сериозно да се преиспита царинската тарифа за цел сет на увозни производи, која е историски наследена и сме заборавиле кога последен пат била ажурирана. Светска небулоза е што се наплатуваат царини за суровини и репроматеријали кои воопшто не се произведуваат, ниту пак некогаш се произведувале во македонското стопанство, и тоа некогаш и десет пати повисоки од царинските стапки за увоз на тие стоки од трети земји во ЕУ. Ова прашање е само дел од темите кои ја подриваат и онака кревката конкурентност на македонските извозници, која сега повеќе од кога било мора да се поддржува силно.

П. С. Дека не е сѐ црно во време на криза секојдневно покажуваат нашите стопанственици – горд сум што најголемиот дел од компаниите кои се дел од органите и телата на Комората уште од првиот ден активно се вклучија во донаторските активности поврзани со справувањето со кризата и собраа повеќе од 1 милион евра на наменската сметка, како и бројни донации во медицинска опрема, средства и прехранбени производи. А уште погорд сум што имаме и компании кои во овие кризни месеци непречено ги завршија инвестициските активности. На крајот на минатиот месец, МИК Свети Николе го заокружи инвестицискиот циклус во вредност од 1 милион евра со поставувањето на фотоволтаична централа која ќе придонесе за подобрување на енергетската ефикасност и намалување на јаглеродниот ефект, како и за добивање на европски извознички број кој ѝ дава на компанијата нови можности и перспективи во идното работење. Светли примери што треба да се следат!

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО