Економија

НОВА КРЕДИТНА ЛИНИЈА ОД РАЗВОЈНАТА БАНКА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

24.04.2020г.

Од среда, 29-ти април микро, малите и средни компании од сите дејности, погодени од КОВИД-19 кризата, ќе можат да аплицираат за 8 милиони евра бескаматни кредити, преку Развојната банка на Северна Македонија. Кредитите од оваа линија ќе бидат до 90.000 евра, а условите и постапката за аплицирање се олеснети. На јавната презентација на новата бескаматна линија, која е антикризна мерка за справување со коронакризата, присуствуваа министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Развојната банка, Кире Наумов, директорката на Централниот регистар Марија Бошковска Јанковски и преку видео изјава амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда.

За оваа кредитна линија можат да аплицираат сите погодени компании кои имаат намалување на приходот за повеќе од 30% во последниот поминат месец, на пример во месец март во споредба со истиот месец минатата година или со просечниот месечен приход во 2019 година. Компаниите треба да се регистрирани повеќе од половина година, да немаат неплатени даноци и придонеси до 31.01.2020, да не се во постапка на стечај или ликвидација и да не се во категоријата исклучително ризични кредитобаратели.

Министерката Ангеловска посочи дека бескаматните кредити се наменети за зачувување на работните места во фирмите и подобрување на нивната ликвидност.

„За разлика од првата кредитна линија - оваа е наменета за сите дејности, како и максималниот износ на кредит е три пати повисок во однос на првата кредитна линија, односно минималниот износ на кредит е 3.000 евра, додека максималниот износ е 90.000 евра. Сумата на кредитот се одредува според бројот на вработени заклучно со 31.01.2020, односно минималната плата се множи по бројот на вработени и по 3 месеци. Како што кажува и името на кредитната линија - камата е нула. Трошоци за аплицирање кон Развојната банка исто така нема да се плаќаат. Рокот на отплата е до 3 години со вклучен грејс период до 12 месеци, додека обезбедувањето е со меница“, објасни министерката Ангеловска.

Директорот на Развојната банка, Кире Наумов рече дека аплицирањето почнува од среда, 29-ти април на полноќ, а јавниот повик е од денес достапен на веб-страната на банката.

„Аплицирањето ќе биде електронски, по примерот на „Ковид1“. Иако износот на кредит се пресметува по формулата 14.500 х 3 месеци х број на вработени, најмалите претпријатија не се заборавени. Микро претпријатијата до 5 вработени, ќе може да аплицираат за бескаматен кредит во износ од 3.000 евра“, додаде Наумов.

Целата постапка за аплицирање за средствата ќе се одвива електронски. Најголем број од документите ќе можат да се најдат на веб-страната на Развојната банка, меѓу нив апликацијата, односно кредитно барање, изјава за поврзаност со други правни/физички лица, изјава дека не е носител на јавна функција и изјава за проверка на кредитна изложеност. Компаниите ќе поднесуваат електронско барања до Управата за уверение за платени давачки со состојба 31.01.2020.

Развојната банка и Централниот регистар склучија и договор со кој документите кои им се потребни на кредитобарателите, Централниот регистар ќе ги дава бесплатно, односно тековната состојба за кредитобарателот, потврдата за стечајна постапка, потврдата за ликвидациона постапка и листинг од завршна сметка за 2019 година, посочи директорката на Централниот регистар.

„Дополнително олеснување е и тоа што во услови кога треба да се почитуваат препораките за заштита на јавното здравје, странките немаат потреба да доаѓаат во Централен регистар за да ги извадат потребните документи, ниту да ги користат електронските услуги на нашата институција кои се 24 часа достапни. Во договорот кој го склучивме со Развојната банка, предвидено е документите од Централен регистар кои им се потребни на кредитобарателите електронски да ги преземаат вработени од Развојната банка“, истакна директорката на ЦРМ Бошковска Јанковски.

Средствата за бескаматните кредити се обезбедени преку компензационите фондови од Јапонија.

„Ги поддржувам сосема мерките преземени за употребата на 8 милиони евра од компензациониот фонд од Јапонија за македонскиот бизнис, се надевам дека овие мерки ќе им помогнат на компаниите да продолжат и работните места да се сигурни. Сите земји се борат против коронавирусот во моментов и во овие тешки времиња треба заедно да работиме и да се поддржуваме. Денес, мило ми е што повторно можеме да го потврдиме цврстото пријателство помеѓу Јапонија и Северна Македонија“, рече преку видео-изјава амбасадорката на Јапонија во земјава Кеико Ханеда.

Заедно со новата кредитна линија на фирмите им се ставаат вкупно на располагање 13,7 милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка. Досега од првата кредитна линија „Ковид1“ се обработени барањата на 254 компании во износ од 2,2 милиони евра и во кои работат 2.853 вработени. Исто така, преку комерцијалните банки ќе се стават на располагање и евтини кредити со субвенционирана камата од 50 милиони евра.

Мерките кои ги донесе Владата за поддршка на компаниите можат да се групираат во следните групи мерки - даночни олеснувања како: ослободување од аконтации на данок на добивка и данок на личен доход, 50% субвенции на придонеси, директна финансиска поддршка за заштита на работните места, мерки за заштита на ликвидноста и регулаторни или таканаречени меки мерки за граѓаните и стопанството.

ПРЕПОРАЧАНО