Економија

КАКО ПАЗАРОТ НА НАФТАТА СТИГНА ДОТУКА И ШТО ПОНАТАМУ?

Димитар Фуна

Авторот е апсолвент на економија со завршен едукативен програм за семеен бизнис на Харвард

Во пикот на кризата предизвикана од новиот корона вирус, се чини дека не постојат доволно значајни настани и вести кои би го оттргнале вниманието на светската јавност од мерките и препораките на нивните национални влади за справување со пандемијата. Сепак, моменталните движења на цената на нафтата се покажаа како исклучок. Со цел разјаснување на моменталната ситуација, најпрво ќе ги разгледаме најновите настани од почетокот на оваа седмица, па потоа и хронолошки - случувањата кои доведоа до ситуацијата како и нивните импликации.

Како е возможно цената на нафтата да е негативна?

Графикон 1: Движење на цената на едномесечните фјучерс договори за WTI Crude

На почеток, треба да расчистиме една работа. Цената на нафтата не влезе во негативна зона, односно под нулата. Тоа што многу медиуми го протолкуваа како негативни цени на нафтата, всушност се работи за фјучерс договорите со рок на достасување во месец мај. Фјучерс договорите, за оние кои не се упатени во финансиските пазари, претставуваат финансиски деривативи односно стандардизирани договори со кои се врши купопродажна трансакција за одреден имот со фиксирана цена и одреден рок на достасување. 

Се нарекуваат деривативи затоа што нивната вредност т.е. цена, произлегува од цената на примарниот имот (во случајов нафтата) на која се однесуваат. Да поедноставиме: фјучерс договор со рок на достасување во мај значи дека одреден инвеститор се појавил на пазарот со желба да купи одреден имот во мај, по фиксирана цена, одредена на денот на склучување на фјучерс договорот. Од другата страна на овој финансиски инструмент се појавува друг инвеститор, кој е спремен да ја испорача истиот тој имот, по истата таа фиксирана цена на рокот на достасување. Фјучерсите можат да гласат на: акции, индекси, други деривативи, но во случајот и на сурова нафта. Проблемот се појави поради разликата помеѓу гореспоменатите имоти и суровата нафта, а тоа е материјалниот облик на суровата нафта. Тоа имплицира дека со реализацијата на фјучерсот, количината на купената нафта мора да биде испорачана и складирана некаде по избор на купувачот. Оваа клучна разлика, како и фактот дека капацитетите за складирање на сурова нафта се преполнети поради енормната понуда комбинирана со скоро непостоечка побарувачка за нафта, ги натера инвеститорите да ги продаваат своите фјучерс договори по негативни цени кои достигнаа до (- $38.5) американски долари за барел.

Како стигнавме до овде? 

Краткиот одговор на ова прашање би бил: мерките за справување со пандемијата и разединување на два од најголемите производители на сурова нафта во светот. Долгиот одговор, од друга страна, е малку покомплексен. 

Јануари 2020

Со појавата на првите жртви во од COVID-19, Кина одлучува да преземи драстични мерки со цел намалување на импактот од оваа, во тоа време, епидемија. Па така, се затвараат фабрики, се ограничува движење на населението, Вухан е ставен во целосен карантин, градови како Пекинг едноставно прекинуваат со нормално функционирање, работниците кои можат - работат од дома. Доколку го погледнете графиконот на кој се прикажани најголемите потрошувачи на сурова нафта во светот, станува јасно зошто оваа ситуација претставува огромен шок од страна на побарувачката. 


Графикон 2: Производство по држава во % 

Февруари 2020

Благодарејќи на глобализацијата, вирусот успева да се рашири значително низ целиот свет. Тоа доведува до приземјување на флотите на најголемите авио компании. Оваа одлука покрај катастрофалните ефекти врз авио индустријата силно влијаеше и врз побарувачката за нафта. Цената на нафтата поради големата понуда и значително намалената побарувачка паѓа од околу $70 на $45 за барел. 

Март 2020

Ниските цени на нафтата од $45 за барел се причина за Саудиска Арабија како предводник на меѓународниот картел OPEC+ да иницира состанок со најголемите држави производители на сурова нафта помеѓу кои и САД, Русија, Канада, Бразил итн. Предлогот е да се намали производството за околу 4 милиони барели дневно. За прв пат после долги години заеднички политики, Русија се спротивставува на предлогот на Саудиска Арабија и изјавува дека “не гледа економски причини за намалување на производството”. Министерот за енергетика на Саудиска Арабија, по враќањето од состанокот наредува на државната компанија (воедно и најпрофитабилната компанија во светот) ARAMCO да ги зголемат капацитетите за производство на над 12 милиони барели сурова нафта – на ден. Во борба за зголемување на пазарното учество, големите производители ја зголемуваат понудата и го преплавуваат пазарот со евтина нафта. 

Април 2020

Цените на суровата нафта која котира на американската берза WTI (West Texas Intermediate) и онаа на европските пазари BRENT, паѓаат до под $20 за барел. Голем број од американските производители на нафта особено оние кои користат различен 

(далеку поскап) производствен метод од другите држави, и кои извлекуваат нафта од таканаречени шејл (shale) карпи, не ги покриваат ни фиксните трошоци за продолжување на операциите. Тоа го мотивира и претседателот на САД, Доналд Трамп, да се вклучи и да изврши притисок врз Саудиска Арабија и Русија да се вратат на преговарачката маса. На 12ти Април, најголемите производители постигнуваат историски одговор во кој се согласуваат да го скратат светското производство за една десеттина односно 9.5 милиони барели на ден. Спротивно со историските движења на цената по ваквите договори, цената на суровата нафта продолжи да паѓа. 

Импликации по државите, индустриите и потрошувачите

Во нормални услови бизнисите, се разбира освен оние во нафтената индустрија, како и потрошувачите би биле најголемите добитници од оваа криза со цената на суровата нафта. Но во ова време на стриктни мерки на самоизолација, приземјени авиони, затворени граници, затворени фабрики и меѓународни рути, изгледа како да нема ниту еден на победничката страна. Од спротива, загубите се енормни. Да започнеме со нафтената индустрија. Состојбата на нафтените гиганти и пред кризата не беше многу на завидно ниво. Имено, доколку се погледнат индексите на цените на акциите во енергетскиот сектор во САД може да се забележи дека во четири од последните шест години овој сектор има најлоши перформанси во споредба со генералниот пазар. Според Економист (The Economist), оваа ситуација на ниски цени доведе до зголемување на стечајните постапки за американски компании кои работат со ископ и преработка на суровата нафта за 50% во споредба со претходната година. Истовремено, Фајненшл тајмс објавува дека најголемите имиња во нафтената индустрија како Ексон, Шеврон, Тотал и други ги зголемија своите обврски за 32 милијарди долари од почетокот на кризата. Имајте во предвид дека овие се единствените компании кои најверојатно ќе го видат светлото на крајот од тунелот, додека останатите или ќе успеат да се продадат – со што би виделе консолидација во самиот сектор, или ќе банкротираат. Ситуацијата исто така ги истисна непродуктивните производители на нафта (најчесто shale), кои за разлика од другите земји како Саудиска Арабија и Русија имаа екстремно високи оперативни трошоци. Имајќи го ова во предвид, аналитичари од инвестиционата банка Goldman Sachs, очекуваат сите производители кои не се во можност да ги покријат барем фиксните трошоци – да ги затворат нафтените извори и полиња. Тоа ќе доведе до ефективно намалување на понудата што во комбинација со постепено опуштање на мерките за самоизолација би ја стабилизирало цената на суровата нафта на повисоки нивоа. 

Сепак, според досега кажаното некој би претпоставил дека Саудиска Арабија, Русија и останатите земји производители се недопрени од кризата. Вистината е далеку од тоа. Овие таканаречени “петро” држави се многу зависни од приходите од нафата за да ги балансираат своите буџети. Ова е особено важно во период на пандемија кога државите треба да излезат со фискални пакети за стабилизирање на нивните економии во исчекување на најголемата рецесија после Големата Депресија. Русија има одредени предности во однос на Саудиска Арабија, или барем така изгледаше на почетокот. За почеток, за балансиран буџет на Русија и е потребна цена од околу $42 за барел. Исто така, за разлика од Саудиската економија – руската е далеку подиверзифицирана. Од друга страна Саудиска Арабија со своите планови за оттргнување на зависноста на нивната национална економија од нафтените приходи, има потреба од цена над $80 за барел. Но, за разлика од другите земји производители, Саудиска Арабија има најголема сума на финансиски резерви по глава на жител, и државен инвестициски фонд со средства над 700 милијарди долари. Имајќи го ова во предвид, природен е заклучокот дека останатите “петро” држави како Нигерија, Ангола, Ирак, Иран и Венецуела ќе бидат најпогодени од оваа криза. Имено аналитичарите предвидуваат дури 85% пад во нивните приходи од нафтата. Економиите на Венецуела и Иран веќе беа погодени од економските рестрикции од САД, но ова во комбинација со високите трошоци за справување со пандемијата во Иран може да се покажат како пресудни. 

Предвидувања за иднината? 

Факт е дека цените на суровата нафта кога тогаш ќе видат подобри денови. Веќе наредниот ден после негативните цени на фјучерс договорите, пазарите релативно се стабилизираа. Но, доколку ја ставиме оваа криза на нафтената индустрија во контекст на промените кои ќе останат после пандемијата и долгорочниот тренд на заштита на животната средина, иднината на нафтата како гориво и оваа индустрија не изгледа најдобро. Аналитичари на Goldman Sachs предвидуваат дека по завршувањето на кризата предизвикана од новиот корона вирус, ни следуваат структурни промени во економиите па со тоа и во потрошувачката на нафтата. Компаниите ќе се стремат да ги доближат своите добавувачи и глобалните ланци на снабдување поблиску до местата на производство, меѓународниот транспорт ќе се намали и голем дел од работната сила ќе работи од дома. 

Единствено што останува е да се надеваме дека ова криза ќе биде тоа што ќе натера една од најстарите и најголеми индустрии да се прилагоди на промените кои сигурно и полека доаѓаат. 

ПРЕПОРАЧАНО