Економија

ГУГЛ ИЛИ ФЕЈСБУК?

Дарко Булдиоски

darko@newmedia.mk | allweb.mk

Логиката вели дека е подобро да си ги трошиме парите да нѐ најде некој кога сака да нѐ најде, кога има реална потреба, или можеби не. 

Зборуваме за интернет-маркетинг, и доаѓа прашањето: Што е подобро – Гугл или Фејсбук? И покрај тоа што прашањево може изгледа непотполно, несоодветно или најгрубо речено глупаво, сепак одвреме-навреме се случува да го добијам на некои од моите предавања.

Најкраткиот одговор би бил: зависи... за потоа да следува, всушност, цело ново предавање кое може да трае и до неколку дена за да се појаснат можностите и предностите на едниот или другиот сервис во различни бизнис-сценарија.
Да расчистиме нешто, кога велам маркетинг со помош на Гугл, покрај широката лепеза на сервиси и канали кои ги нуди, сепак по правило секогаш на прва се подразбира неговото најмоќно оружје: Гуглпребарувањето, односно „search engine markeing (SEM)“.

Мало потсетување или појаснување, SEM според едни е составен од два дела: SEO (оптимизација за пребарувачи) и PPC (платени реклами, по клик). Според други, денес кога ќе се каже SEM се подразбира само вториов дел, платените рекламни прикажувања. Не дека е премногу важно во контекстот во кој јас ќе сакам да направам споредба и елаборација во овој текст, ама да си кажам, јас кога велам SEM во глава ја имам пошироката дефиниција која го вклучува и органското и платеното излистување на страниците со резултати од пребарување.

Кај Фејсбук, пак, немаме потреба од некое подетално појаснување, денес ретко кој и се потпира на органскиот досег на објавите, па затоа кога велам маркетинг на Фејсбук, доминантно мислам на платени реклами, сите различни варијанти и опции, вклучувајќи го и Инстаграм секако.


(фото: https://adpopdigital.com/)

Ајде сега да ја појаснам разликата, барем во основната поставеност, иако еднакво може да се анализираат и нивните сличности. Основната разлика на двата, да ги наречеме универзуми (Гугл и Фејсбук), е во начинот на кои ние самите корисници ги употребуваме. Намерата е таа која го двои Гугл, кај него сѐ започнува со намерата на самиот корисник. Имаме одредена потреба, бараме информација, податок, цена, производ... и со таа конкретна потреба се упатуваме кон пребарувачот. Знаеме што ни треба конкретно, имаме одредени очекувања и во резултатите кои се пред нас го бараме токму она за што сме дошле. Основната цел на Гугл е да ни биде од корист нам како корисници без разлика дали станува збор за платени или неплатени резултати. Тој ја задржува својата позиција на број еден пребарувач токму поради способноста со години да се надградува и да ни ги задоволува потребите кога сакаме да најдеме нешто. Неговата цел е преку нашето пребарување да ги детектира нашите интереси и потреби и врз основа на тоа да ги анализира можните резултати и да ги подреди на начин на кој ние ќе бидеме среќни и задоволни. Гугл континуирано се труди да научи како ние го користиме интернетот, не само како пребаруваме, туку многу повеќе од тоа. Тој тоа го прави преку големиот број податоци кои континуирано ги собира преку широката палета на свои сервиси, но и преку редовните истражувања и тестирања кои ги прави на самите корисници.

Не се разликува по учењето за нашите потреби премногу ни Фејсбук, имајќи предвид колку време поминуваме на: Фејсбук, Инстаграм, Вотсап, Месинџер… Нема сомнеж дека и тие знаат многу за нас и за нашите потреби. Она по што во основа се разликуваат е нашиот пристап. Ние на Фејсбук и на Инстаграм не пребаруваме активно, туку се движиме низ содржина која ја споделиле нашите пријатели или брендовите кои ги следиме. Не отвораме Инстаграм и велиме, ајде да видам која е цената на новите чевли од Геокс, напротив, малку повеќе сме залегнати и пасивни кога со палецот безгрижно вртиме нагоре и надолу по малиот стаклен екран на својот паметен телефон.

НА ГУГЛ ОДИМЕ ДА НАЈДЕМЕ НЕШТО, НА ФЕЈСБУК ОДИМЕ ДА НЀ НАЈДЕ НЕШТО
И сега што е подобро? Логиката вели дека е подобро да си ги трошиме парите да нѐ најде некој кога сака да нѐ најде, кога има реална потреба... значи Гугл. Но, рака на срце, Фејсбук толку добро нè научи и нè знае, што дури и да не му кажеме директно дека ни треба нешто тој ќе најде начин да ни го понуди.

И сега пак во круг, кој е подобар? Хм, ајде да додадеме уште една перспектива и ќе ни се јави сам победникот. Бројот на пребарувања во Македонија, дури и за најопштите термини е многу мал. Ако на тоа додадеме малку подолги фрази кои треба да ни откријат во која фаза на носењето одлука се наоѓа нашиот потенцијален купувач, тогаш бројот на пребарувања значително ќе падне на некои тотално нерелевантни бројки. Бројки за кои не вреди да се троши толку труд и време за учење на платформата. Ако згора на ова пак и го земеме предвид фактот дека Гугл адс (платформата за огласување на Гугл) официјално не ги вклучува Македонија и македонскиот јазик, а тоа значи дека најголемиот дел од рекламите кои се напишани на македонски јазик нема да бидат одобрени (латиница може да помине, кирилица не), тогаш јасно е кој е победник, така?

Да, на мое лично незадоволство, веќе некое време на компаниите им препорачувам парите за реклами повеќе да ги насочуваат кон Фејсбук. Но! Има едно големо „но“…

Да се оградам малку, заради полесна директна споредба во овој случај ги изземам можностите за рекламирање на Јутјуб и Џи-ди-ен (GDN –мрежата за т.н. дисплеј огласување) кои се дел од Гугл aдс. Да се вратам на заклучокот.
Универзумот Гугл, особено принципите по кои ве тера да размислувате и да го оптимизирате искуството кое му го нудите на самиот интернет-корисник е неспоредливо подобар водич од принципите на кој Фејсбук се грижи да ви помогне да понудите нешто повеќе. Затоа, без разлика што во моментов пребарувањето не игра толку голема улога на нашиот пазар и што ние како пазар сме исклучени од Гугл aдс, никогаш нема да речам заборавате на Гугл, напротив. Следете ги сите негови препораки, борете се да се појавувате први на страниците со резултати затоа што тоа значи дека сте сработиле добар интернет-маркетинг. А кога ќе дојде ред за трошење пари на реклами, потрошете повеќе на универзумот Фејсбук, барем сега за сега.

Значи сега може да заклучиме, најточниот и воедно најлесниот одговор на прашањето од почетокот на текстов. Нема подобар, двата универзума се важни!

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО