Економија

ЛИДЕРИТЕ НА СТОПАНСКИТЕ КОМОРИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН НА СРЕДБА ВО СКОПЈЕ ИДНАТА НЕДЕЛА

Стопанската комора на Македонија на почетокот на идната недела ќе биде домаќин на претседателите на стопанските комори од регионот на Западен Балкан, на состанокот на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ).

На состанокот ќе се дискутира за тековните активности на КИФ насочени кон интензивирање на економската соработка помеѓу шесте држави од регионот на Западен Балкан, подобрување на конкурентноста на економиите од целиот регион преку поврзување на бизнис заедниците и зголемување на  интрарегионалната трговската размена, како дел од целите што произлегуваат од Берлинскиот процес, како и за имплементацијата на проектите кои КИФ ги спроведува со поддршка на Европската унија, Европската банка за обнова и развој, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), Германската инвестициона банка KFW, Австриската федерална стопанска комора и Австриската агенција за развој (АДА).

Коморскиот инвестициски форум застапува 350.000 компании од регионот на Западен Балкан, како асоцијација која е основана од шесте комори од регионот на Западен Балкан (Стопанската комора на Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово), во рамките на Берлинскиот процес, како резултат на заложбите за зајакнување на регионалната економска соработка, заснована на дијалог и взаемна доверба.

ПРЕПОРАЧАНО