Економија

ШТО НОСИ 2020 ГОДИНА ЗА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА?

Никола Поповски

универзитетски професор, Факултет за економски науки, ФОН Универзитет

Едноставниот, но веројатно и многу прецизен одговор на прашањето што треба да се очекува од македонската економија во претстојната 2020 година е дека во основа треба да се очекува истото што се случуваше и досега: благ раст на економијата од неколку проценти проследен со нешто побрз раст на извозот и ниски екстерни дефицити, мал пораст на вработеноста и нешто повисока стапка на пад на невработеноста, ниска инфлација и стабилен курс на денарот, спори структурни промени и задржување на релативно високата нееднаквост во дистрибуцијата на доходот меѓу населението проследено со неможност на државата и нејзините институции да ги снабдуваат економијата (понудата) и домаќинствата (побарувачката) со потребните јавни добра дефинирани во најширока смисла, како и можни нови и неочекувани шокови предизвикани од инструментите и мерките на економската политика, особено потенцирани во услови на претстојните избори во април.

Но, да одиме по ред. Несомнено е дека нашава економија во 2020 година ќе биде под силно влијание на барем три настани што можеме да ги квалификуваме и како неекономски: прво, годината во политичка, но на извесен начин и во економска смисла ќе биде одбележана со нашиот формален и конечен прием за 30. членка на НАТО, што веќе е сосема сигурно; второ, постои можност во идната година да се добие почеток на преговорите на земјава за членство во ЕУ што, поради околностите, веројатно малку е очекувано; и конечно, трето, претстојат многу важни и тензични општи избори што можат да влијаат на економската иднина на земјава на среден рок. Разните комбинации на крајните резултати од овие три настани можат да бидат многу важни за економијата и нејзината иднина.

Во врска со нивото на економскиот раст сега, на чуден начин, постои еден голем консензус во земјава и кај нејзините партнери. Тоа е консензус дека тој ќе се движи во маргините до над 3 отсто при што Владата и НБРМ малку пооптимистички предвидуваат 3,8 отсто, но меѓународните финансиски институции очекуваат нешто понизок раст од околу 3,4 отсто (ММФ) и 3,2 отсто (СБ), што е и нивниот очекуван вкупен глобален раст. ЕУ е дури и нешто поскептична. Извозот се очекува да биде со приближно двојно поголем раст од оној на БДП и тој тренд би требало да се очекува да биде стабилен во иднина. Инфлацијата и понатаму ќе остане многу ниска во границите меѓу 1 и 2 отсто и ќе биде поволна за вкупниот макроекономски амбиент, овозможувајќи стабилност и предвидливост во економските активности.

РЕДОВНОТО И ПРЕНАГЛАСЕНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МИНИМАЛНИТЕ ЗАКОНСКИ ПЛАТИ, НА ПЛАТИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГО И БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ВО ОВОЈ СЕКТОР, ЗАЕДНО СО БУЏЕТСКИТЕ, А НЕ ФОНДОВСКИТЕ РАСТЕЧКИ ПРИМАЊА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ И НИВНИОТ ВКУПЕН БРОЈ, ВЕРОЈАТНО И ПОНАТАМУ НЕМА ДА МОЖАТ ДА ГО КОМПЕНЗИРААТ, ОД ТОЈ АГОЛ ГЛЕДАНО, ЛОШИОТ ДАНОЧЕН СИСТЕМ И ЛОШАТА РЕДИСТРИБУЦИЈА НА ЈАВНИТЕ ПРИХОДИ ПРЕКУ БУЏЕТСКИТЕ МЕХАНИЗМИ

Очекувањата во земјава се дека вработеноста од сегашните близу 800 илјади вработени благо ќе се зголеми за близу 2 отсто што, заедно со процесот на зголемена миграција која предизвикува намалување на активното население, особено оној дел од него кој е невработен, ќе предизвика дополнително намалување на невработеноста од сегашните околу 17 на близу 15 отсто. Овој тренд, во иднина, сосема е извесно, од различни причини ќе продолжи до точката кога Македонија ќе има потреба од увоз на работоспособно население. Апсурдно и неверојатно, но, за жал, сосема сигурно. За илустрација, на пример, 2019 година е првата во нашата историја во која природниот прираст на населението е негативен и тој тренд ќе продолжи и во 2020 година и многу понатаму.

Економските политики што сега се спроведуваат и веројатно без оглед на изборните резултати ќе продолжат да бидат насочени кон влошување на показателите за рамномерната дистрибуција на доходот во земјава (по социјални категории на населението, но и по региони), базирани на многу ниски вкупни јавни приходи што се во границата од малку над 30 отсто од БДП и продолжување на политиките на примена на пропорционалното и регресивното оданочување на економските субјекти и на населението, сосема спротивно на целиот разумен свет. Редовното и пренагласено зголемување на минималните законски плати, на платите во јавниот сектор, вклучувајќи го и бројот на вработени во овој сектор, заедно со буџетските, а не фондовските растечки примања на пензионерите и нивниот вкупен број, веројатно и понатаму нема да можат да го компензираат, од тој агол гледано, лошиот даночен систем и лошата редистрибуција на јавните приходи преку буџетските механизми.

Екстерниот сектор на економијата веројатно ќе продолжи да биде една од потпорите на економијата со слаби перформанси и тоа ќе се должи на натамошното урамнотежување на тековната сметка базирано на трансферите на нашите иселеници (дознаки од странство) и релативно значајниот износ на СДИ придружен со нето-задолжувањето во странство на приватниот сектор и на државава. Слабата страна и понатаму остануваат значителниот износ на трговски дефицит (над 2,1 милијарда долари) и сè понагласеното одлевање на добивката од постојните СДИ што не се реинвестира во земјава.

Современите структурни промени во 2020 година веројатно повторно ќе изостанат, па дури и можат да се влошат како резултат на пренагласениот интерес и интервенционизам по пат на отворени и брутални субвенции на сегашнава влада (исто беше и со претходната) насочени во материјалните сектори на производството – примарниот, главно земјоделството; и секундарниот – индустријата; а познато е дека современите економии, пред сè, се потпираат на развојот на терцијарниот секор – главно високодоходовните услужни дејности со модерни технологии и обилно користење на нематеријализираното знаење и човечкиот капитал што е важен за нив (образование, здравство, истражување и развој, иновации, софтвер, финансиски услуги, ноу-хау, консалтинг и проектирање и многу други). Се чини дека поставувањето на ригидните услови за повлекување на субвенции во многуте постојни интервенционистички закони и мерки што инсистираат на некои флоскули од типот на „производни дејности“, „материјално производство“, „производни занимања“ и слично нема предалеку да ја однесат економската структура на оваа земја.

Конечно, може ли економијата во 2020 година да добие посериозен ветар во грб со јавни институции за кои дури и во земјава постои консензус дека се неефикасни, нестручни (има мали, но значајни исклучоци), троми, превработени, преобемни, непотребни, полуприватизирани и полупартизирани и што ли уште не? Веројатно многу тешко.

Оттука не е невообичаено ако економските очекувања во Македонија за 2020 година треба да бидат многу претпазливи.

(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2019/јануари 2020)

ПРЕПОРАЧАНО